|
ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА
Вознесение Христово – Спасовден
"ЈАС СУМ СО ВАС ПРЕКУ СИТЕ ДНИ, ДО СВРШЕТОКОТ НА СВЕТОТ"
Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА
- На овој празник се одбележува Неговото славно Вознесение на небото, со
што се отвора патот на Вознесение на човекот, се отвора Небото за него,
новиот и вечен дом, вечното живеалиште на човекот, "Небото како наш
вистински роден крај".
- Христовото Вознесение е празник на радоста на душата "со надеж за
вечниот живот што го вети вечниот Бог", празник на чувство на слобода на
христијанската душа, чувство на бескрајност, посилно од радост, посилно од
восхит.
З авршниот чин на земната мисија на
Спасителот на светот, Господ Исус Христос, е Неговото Вознесение.
Синот Божји слегол од небото за да ја изврши задачата која Му ја дал Отецот
и исполнувајќи се, се вратил при Отецот, "носејќи го засекогаш ранетото и
прославено човештво што го прими": "Оче, ... Јас Те прославив на земјата; го
извршив делото, што си Ми го дал да го извршам. ... Го јавив името Твое на
луѓето, ... им го предадов Твоето слово, ... А сега идам при Тебе, и ова му
го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна", зборува
Божјиот Син, Господ Исус Христос.
Христос се Вознесе! Навистина се Вознесе! Зборот Вознесение
претставува предизвик на т.н. "закони на природата" кои човекот постојано го
влечат надолу, кон земјата, и го потчинуваат на законот на земјината тежа. А
еве, во овој збор тоа е спротивно. Во самиот збор "Вознесение" се чувствува
неискажлива радост, движење нагоре, воздигнување во висината, бескрајно
издигнување.
Господ Исус Христос откога воскреснал од мртвите, преку четириесетте дена
& се јавувал на Пресвета Богородица и на своите ученици, и ги поткрепувал во
верата во Божјото Царство. Им заповедил да го чекаат доаѓањето на Светиот
Дух. Ги изнел надвор од Витанија, "па кога ги подигна рацете, ги благослови.
И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие Му се
поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост". Таа голема радост трае
до денес и секоја година се обновува, засветлува во празникот "Вознесение
Христово - Спасовден". Кога апостолите и Богородица гледале кон небото
како Христос се вознесува, пред нив застанале двајца мажи во бела облека и
им рекле: "Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус Кој од
вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што го видовте
да оди на небото".
ВОЗНЕСЕНИЕ
Христос се вознел на небото на четириесеттиот ден по Неговото Воскресение.
Тоа бил ден на разделба од Богородица и апостолите, но радосна разделба.
Меѓутоа, на тој ден Светата Православна Црква не го празнува заминувањето
Христово од луѓето, зашто знаеме дека Тој никогаш не го напушти светот. Тоа
се гледа од Неговите зборови: "Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот
на светот". На овој празник се одбележува Неговото славно Вознесение на
небото, со што се отвора патот на Вознесение на човекот, се отвора Небото за
него, новиот и вечен дом, вечното живеалиште на човекот, "Небото како наш
вистински роден крај".
Гревот ја разделил земјата од небото. Станува збор за Небото кое сме го
изгубиле заради своите гревови и кое Христос дојде повторно да ни го покаже,
да ни го открие, да ни го дарува. Небото - тоа е Царството Божјо, "потполно
одухотворување на човекот", победа на животот над смртта, триумф на љубовта.
"Бог се спуштил на земјата за ние да се вознесеме на небесата!". Во тоа се
состои вистинската смисла на празникот Вознесение Христово.
ПРАЗНИК НА РАДОСТА
Заради Божјата безгранична љубов, Вознесението е преминување со Христа од
смртта во живот, од земјата кон небото, соединување на земното со небесното.
Христовото Вознесение е празник на радоста на душата "со надеж за вечниот
живот што го вети вечниот Бог", празник на чувство на слобода на
христијанската душа, чувство на бескрајност, посилно од радост, посилно од
восхит. Вознесение Христово се празнува секоја година во четврток, точно на
четириесеттиот ден од Воскресението Христово (оваа година на 23.05/5.06).
Химната на празникот гласи: "Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си
ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги
уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот". На овој празник се
воспева славата и силата Божја преку псалмите на Св. пророк цар Давид: "Чујте
го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по вселената...
Заплескајте со рацете сите народи, воскликнете кон Бога со радосен глас...
Зашто Севишниот Господ е страшен, голем Цар е над целата земја...".
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд
|