|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
Житијата на сите досега познати македонски светители (5)
ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Рускиот монах на таинствен начин ги наоѓа моштите на свети Гаврил
Лесновски!
- Во житието на свети Гаврил Лесновски се застапени повеќе вредни
историски податоци
О ние кои го познавале свети Гаврил
Лесновски не знаеле каде се неговите мошти. По долго време свети Гаврил му
се јавил во сонот на некој монах по име Јосиф (по потекло бил Русин), кој во
тоа време се подвизувал во Софија (Бугарија). Свети Гаврил во сонот му рекол
на монахот да појде на ридот Облов Врв и да ги земе неговите мошти. Но,
монахот не знаел дали тој сон е вистинит или можеби е некоја измама на
ѓаволот.
Следната ноќ пак го сонил истиот сон. Монахот се уплашил, но и овојпат не
реагирал. Третата ноќ повторно го сонил истото. Утредента отишол кај
митрополитот и му го раскажал својот сон. Митрополитот се распрашал кај
луѓето од околните села дали во таа епархија има рид што се вика Облов Врв,
а тие му рекле дека нема. Тогаш митрополитот испратил писма до епископите,
прашувајќи ги дали во нивната епархија има рид со такво име. Едно такво
писмо стигнало и во Злетово. Тамошниот епископ се распрашал и дознал дека
тој рид се наоѓа во неговата епархија. Набргу го известил митрополитот од
Софија, кој дошол во Лесновскиот манастир, заедно со монахот Јосиф и неколку
свештеници. Оттаму се упатиле кон ридот Облов Врв, но не знаеле точно каде
се наоѓаат моштите. Ноќта свети Гаврил повторно му се јавил во сон на Јосиф
и точно му го кажал местото каде почиват неговите мошти. Утредента и
навистина таму ги нашле моштите и откако им се поклониле со сите почести ги
пренеле во Лесновскиот манастир. Набргу таму почнале да се случуваат чудесни
излекувања. Забележано било излекувањето на раката на ќерката на еден
Ерменец, кој живеел во Кратово.
Во продолжение на житието читаме дека со тие краеви завладеал некој
бугарски кнез Михаил, кој добро ја уредувал власта во својата земја. Но,
против Михаил набргу се кренал некој Мавраган, кој бил богат и силен маж и
кој ја завладеал земјата на Михаил. Подоцна Михаил зајакнал, собрал војска и
пак се случила војна со Мавраган. Но, и овојпат победил Мавраган, а Михаил
побегнал во местото Ратковица. Тогаш Михаил почнал да се моли. Ги кренал
рацете кон небото и извикал:
"Помогни
ми пореподобен оче Гавриле, многу ти згрешив. Моите родители не ти оддадоа
достојна почит, јас те оставив и видов голема мака пред очите".
Истата ноќ на сон му се појавил свети Гаврил и му рекол утредента да
појде во Злетово со своите војници и да го убие Мавраган. Следниот ден
кнезот Михаил отишол со војска во палатата на Мавраган и навистина успеал да
го убие.
По смртта на кнезот Михаил со тие краеви владеел Јован Оливер, кој бил
советник и писар на српскиот крал Стефан Силни. Јован Оливер имал голема
почит кон свети Гаврил Лесновски и затоа подигнал уште поубава и поголема
црква на место на претходната. И во оваа преубава и раскошно украсена црква
продолжиле чудесните излекувања, а во земјата завладеал долгогодишен мир.
Потоа читаме дека османлискиот цар Мурат објавил војна на српската држава,
водејќи под своја команда триста илјадна војска. Кога разбрал за ова
бугарскиот патријарх од Трново се уплашил дека моштите на свети Гаврил
Лесновски можат да бидат запалени од Османлиите и затоа ги пренел во Трново
во местото Трапезица во храмот посветен на Светите Апостоли, каде останале
до времето на запишувањето на житието.
ИСТОРИСКИ ПОДАТОЦИ ВО ЖИТИЕТО НА СВЕТИ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
За свети Гаврил Лесновски постоеле две житија. Постарото житие било
напишано во 1330 година од запишувачот Станислав. Тој го напишал ова житие
врз основа на постара и поопширна верзија која не останала зачувана. Второто
зачувано житие за свети Гаврил Лесновски било напишано во 1868 година од
попот Иван Христев од Кратово. И ова житие тој го напишал врз основа на
постара верзија, која била однесена во Србија. Ова житие е поопширно од она
напишано во 1330 година. Текстот што овде го предадовме е направен врз
основа на обете житија.
Досега неколкумина научни работници и истражувачи од разни земји имаат
работено на анализирање на житијата на свети Гарвил Лесновски во контекст на
историските настани што се спомнуваат во нив. Меѓутоа, постојат различни
мислења во врска со времето во кое тој живеел. Збир на ваквите анализи е
презентиран во книгата
"Локални
хагиографии во Македонија"
од д-р Вера Антиќ (Скопје, 1977 год.), па во продолжение ќе се послужиме со
податоци од оваа книга.
Конкретно, некои истражувачи сметаат дека свети Гаврил Лесновски живеел
заедно со свети Прохор Пчињски, свети Јоаким Осоговски и свети Јован Рилски.
Тие се повикуваат на податокот спомнат во житието на свети Јоаким Осоговски
во кое пишува: "Се
појавија чудни и вистински новопросветени оци наши и пустиножители, небесни
луѓе и земски ангели, другари Христови, Јован и Прохор заедно со Гаврил, со
нив пре подобниот отец наш Јоаким, чесна четворица, богоизбрана дружина".
Но, истражувачите Иречек и архиепископот Филарет Черниговски утврдиле
дека сепак овие четворица светители не живееле во исто време и дека свети
Јован Рилски живеел во 10 век, а светителите Гаврил Лесновски, Прохор
Пчињски и Јоаким Осоговски живееле во 11 век. Бугарските историчари Снегаров
и Иванов сметаат дека свети Гаврил Лесновски живеел во 11 и 12 век, а така
смета и српскиот црковен историчар Јустин Поповиќ. Тие се повикуваат на
настанот во врска со писмото на софискиот митрополит што го упатил до
околните епископи, меѓу кои и до злетовскиот. Имено, токму во тоа време
Софија и Лесново биле под заедничка црковна власт. Во Прологот од монахот
Тадија (Белград, 1984, стр. 37) пишува дека свети Гаврил Лесновски живеел и
починал во 10 век, а така сметале и бугарските истражувачи Цухлев и Каранов.
Цухлев ја споменува епизодата со спомнувањето на родителите на кнезот Михаил,
кои не покажале почит кон свети Гаврил, што значи дека тој умрел пред нив и
живеел во време цар Петар (10 век). Цухлев претпоставува и дека рускиот
монах Јосиф останал во Бугарија како заробеник по воените походи на рускиот
владетел Свјатослав против Бугарите во 968 година.
Загадочен е и ликот на бугарскиот кнез Михаил што се споменува во житието
на Свети Гаврил Лесновски. Истражувачите се согласни дека се работи за некој
локален кнез, а неговиот непријател Мавраган најверојатно бил некој локален
војсководител на Печенезите и на Куманите кои тогаш напаѓале во тие краеви.
Ова се гледа и од пресудната борба во локалното место Ратковица, што значи
дека тоа било локален судир. Значи, еве еден историски податок од житие на
светител што треба да се внесе во официјалната историографија, а тоа е името
на бугарскиот локален кнез кој управувал со тие краеви.
Родното место на свети Гаврил Лесновски Осечко Поле, како и селото Осиче,
се најдени околу селото Градец близу Крива Паланка.
И за Лесновскиот манастир се знае дека постоел пред доаѓањето на свети
Гаврил во него (исто како што пишува во житието).
Историска личност, спомната во житието, е и Јован Оливер за кого се знае
дека бил намесник и советник на цар Душан. Јован Оливер тогаш управувал со
Кратовско и со Овче Поле. Во Лесново е пронајден натпис со неговите
задужбини од кој се гледа дека манастирот навистина бил обновен од него во
1341 година.
Секако дека историска личност е и османлискиот султан Мурат Први
(1362-1389), кој и навистина со огромна војска ја нападнал српската држава.
МОШТИТЕ НА СВЕТИ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
Што се однесува до моштите на свети Гаврил Лесновски се смета дека тие
биле пренесени во 13 век од страна на некој од царевите на Асеновската
династија во времето на т.н.
"Второ
бугарско царство"
и дека биле однесени во црквата
"Свети
Апостоли"
во местото Трапезица. Во бугарската книга под наслов
"Житија
на светиите"
(Синодално издателство, Софија, 1991, стр. 41) читаме дека по
османлиското навлегување во Бугарија на моштите на свети Гаврил им се
изгубила трагата. Но, постои запис од 1694 година од монахот Исаија во кој
читаме дека моштите на свети Гаврил во тоа време (крај на 17 век) се уште се
чувале во манастирот, иако Османлиите веќе ги држеле под своја власт тие
краеви повеќе од два века (д-р Вера Антиќ, цит. дело, стр. 150).
Да го кажеме и тоа дека во толкувањето на житието на свети Гаврил
Лесновски во некои дела од соседните црковни историографии дошла до израз
антимакедонската дневнополитичка пропаганда. Така, во Прологот (Белград,
1984) пишува дека свети Гаврил бил Словен, а во бугарската
"Житија
на светитите"
пишува дека бил Бугарин (иако Бугарите никогаш масовно не се населиле
во овој дел од Македонија). Значи, упорно се избегнува да се спомне неговото
македонско етничко потекло и истото или се маскира со општата именка
Словен или целосно се искривоколчува со туѓ етноиним (Бугарин).
Ваков е случајот и со други македонски светители.
(Продолжува)
|