Нападот врз МПЦ напад на државноста

Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје со големо внимание и загриженост го следи актуелниот спор меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква, со кој на најгруб начин, несвојствен на мисијата на една православна црква, се посега по самостојноста на Македонската православна црква.

Нападот врз МПЦ го чувствуваме како напад на државноста на Република Македонија, кој доаѓа во годината кога македонскиот народ одбележува големи историски и државни јубилеи. Уште еднаш се потврди сознанието дека со ваквите и слични на нив одлуки на најдиректен начин се посегнува и по националниот идентитет на македонскиот народ. На виделина се појавува голата вистина дека повторно оживуваат желбите за хегемонија, за завладување со туѓи народи и простори. Српските великодостојници се ставија во служба на своите и на туѓи неостварени соништа за хегемонизам врз други народи и, во времето кога во Европа сите процеси се насочени кон интеграции со почитување на народите, на најдиректен начин работат на разнебитување на македонскиот народ и на македонската држава. Зачувувањето и одбраната на автокефалниот статус и целовитоста на Македонската православна црква и одбрана на нејзиното име, кое е директно поврзано со националниот идентитет на македонскиот народ и македонската држава, се стратешки интерес и на Црквата и на македонскиот народ. Токму затоа, Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје со индигнација ги отфрла одлуките на Саборот на СПЦ и му дава безрезервна поддршка на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, а со тоа и на македонскиот народ и неговата држава, кој со векови опстојувал и ќе опстојува на овие простори.

Тој истовремено ја повикува прогресивната јавност и посебно универзитетската јавност во Република Србија да се спротивстави на ваквите нецивилизациски и антихристијански обиди во своите средини.

Проф. д-р Александар Анчевски, ректор


Српската црква е под рака со сатаната

Епархискиот управен одбор на Македонската православна епархија за Европа упати реакција до Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква во врска со најновите одлуки на Светиот архиерејски собор на Српската православна црква за воспоставување паралелна црква на МПЦ преку расколникот Зоран Вранишковски. Во реакцијата на Епархискиот управен одбор за европската епархија се вели:

"Веста која допре до нас овде во Германија и Европа, дека Српската црква прави нов Синод во Македонија со свои владици е навистина потресна. Тоа не е чесно, не е братски и не е христијански, па слободно може да се каже дека е и скандалозно. Не можеме да разбереме зошто не не остават на мира? Ако не сакаат да ни помогнат, тогаш зошто ни одмогнуваат? Со кое право се мешаат во нашите работи? Ние знаеме дека со ништо не сме заслужиле така да се однесуваат кон нашата самостојна автокефална Македонска црква. Ние не сме некаква презвитеријанска или самопрогласена црква, или црква без корен. Нашите корени се многу, многу подлабоки и постари од српските. Охридската архиепископија е постара за цели двеста години од нивната црква. Подобро би било Соборот на Српската црква да почне да се занимава со своите проблеми. Не знаеме дали може да се нарече една црква Христова, а нејзините верници да пцујат се што е најсвето на светот, Бога и Света Мајка Богородица, бидејќи тоа го практикуваат нивните верници од најстариот до најмладиот, па и жените. Тоа и такво нешто на Бога не му е угодно и мило. Или, Србинот својата крсна слава без печено прасе или јагне не може да ја смисли, без оглед дали е тој ден мрсен или посен. И, таквите аномалии во Српската црква се безброј. Таквите случаи во Македонија многу се ретки. Подобро би било да си ги научат и духовно просветат своите верници и упатувајќи ги на вистинскиот Христов евангелски пат, отколку да поставуваат разбојник и криминалец за егзарх, но и да не се мешаат во туѓите работи. Македонската православна црква си е легална по сите канони. Ова што го прави Српската црква не е под раководството на нашиот спасител, но под раководството на сатаната. Ние друга црква и друго име на црквата немаме, но тоа што го имаме не го даваме. А предавниците немаат место меѓу нас.

Сите верници на Македонската црква, кои живеат во Европа, се солидаризираат со ставот на Светиот архиерејски синод, да не попуштат пред притисоците на нашите непријатели.

Македонска православна епархија за Европа


Ниту имало време кога не сме биле, ниту пак ќе има време кога нема да бидеме

Преку печатените и електронските медиуми се појави вест дека Соборот на СПЦ донел одлука за конституирање на свој Синод во Македонија, што значи паралелна црква, дека го суспендирал Митрополитот Кирил и ќе ги суспендира, односно расчини и другите архиереи доколку не ја прифатат таканаречената Нишка спогодба итн.

Македонците во Македонија и низ големата дијаспора се однесуват на мирен, одговорен и достоинствен начин за време на предизвиканата национална вознемиреност и нервоза. Ние Македонците од најголемата иселеничка колонија во САД, преку својот Македонско-американски совет за Детроит во врска со изнесената вест го искажуваме своето видување за случајот. Во целост ги отфрламе одлуките на СПЦ како неважечки, не го признаваме нивниот Синод во Македонија ниту пак т.н. Нишка спогодба. На сето тоа гледаме како на дрско мешање во внатрешните работи не само на МПЦ, ами и на Република Македонија и како на дрзок субверзивен непријателски чин против МПЦ, Македонија и Македонците, што познавајќи го братскиот српски народ, имплицира вмешаност и на други цркви кои наместо да проповедаат Христијанство, се занимаваат со геополитички игри и им служат на мрачните фашизоидни и терористички сили кои се занимаваат со уривање на општопризнатите вредности и на мирот во Светот. Длабоко сме навредени од односот на СПЦ кон нашата мајка Македонска православна црква и воедно загрижени за иднината не само на МПЦ, ами и СПЦ па и Србите како народ во услови кога нивната Црква, која инаку историски потекнува од Македонската црква, наместо да се грижи за нејзините духовни чеда, е водена од такви водачи кои го водат српскиот народ во пропаст и очајание. Загрижени сме затоа што наместо да го утеши својот народ во време на анахрони трагедии, наместо да му даде духовно водство за зближување и христијанска љубов со своите најблиски, во времиња на геноцид и етничко чистење што може да се споредуваат со најцрните историски мигови на македонскиот и српскиот народ, Соборот на СПЦ нуди фашизоиден "лов на вештерки" како во најтемните страници на Црквата. Загрижени сме затоа што преку одлуките на СПЦ ги насетуваме сеништата од времето на Хитлерова Германија кога низ Србија, Босна, Хрватска… СПЦ немо ја гледаше братоубиствената војна, а од Македонија ги повлече своите свештеници и притоа ги однесе со себе и најстарите обележја и културното наследство од Македонските цркви, кои дури и денес се наоѓаат по српските црковни музеи. Со своите одлуки СПЦ заборава дека христијанството како религија Србите го запознаа токму преку библискиот македонски народ и македонска земја, преку која тоа беше воведено во Европа и светот. Традицијата може да преживее само преку човечката способност да ја прегрне нејзината содржина и да одговори на топлината на нејзините пламени јазици. Црквите од Азија станаа истребени не заради Исламот што им се закануваше со своите остри мечови и анџари, но затоа што не беа доволно филозофи за да бидат заинтересирани за неговата доктрина, ниту пак доволно способни да љубат. Затоа ние Македонците, чисти како солзите Исусови, им порачуваме на сите дека имаме длабока врска со нашите гробишта, затоа што токму таму ја спознаваме Македонија како мост меѓу нашето време и минатото. Минато кое со своето страдање, но и христијанска среќа, во оваа не многу поарна сегашност не направија подготвени за новите предизвици што ги носи немирната денешнина и неизвесната иднина. Сите нека помнат и нека не забораваат дека Македонија е метафора за Христијанството дури и од времето на светците од стариот завет. Напаѓајќи ја неа и нејзината Црква не може, а да не се напаѓаат христијанските вредности. Македонија е лулката на цивилизацијата, писменоста и културата - напаѓајќи ја неа не може, а да не се гази врз сопственото минато и корени. Дали без македонската ќе имаше српска црква? Дали без Македонија ќе имаше Европа? Дали без Европа ќе го имавме светот каков што го знаеме? Ниту еден човек не е остров сам за себе, сите сме ние дел од целото.

Соборот на СПЦ не смее да заборави дека Македонската црква е насекаде во светот до каде што живеат Македонците па и во оваа средина во САД од каде што ги пишуваме овие редови и каде сме признати како Македонска православна црква заедно со своите цркви и црковни имоти. Треба ли да го сфатиме ова како предизвик кон Америка и нејзината политика во однос на црквата и верските заедници? Ова нека биде и сериозно предупредување до СПЦ да не се обидува да ги руши мостовите што сме ги граделе и ги градиме со другите иселеници од Македонија и поранешните републики од територијата на Југославија, а кои по игра на случајот се под јурисдикција на СПЦ, затоа што со тоа & прави штета не само на МПЦ, ами и на СПЦ, на Србите и на Србија и ги срами сите оние кои се нивни пријатели. Мора да нагласиме дека во нашиот Совет без дискриминација се застапени сите кои потекнуваат од територијата на Македонија независно од етничката или верска припадност или пак јурисдикција на соодветните верски храмови изградени во овој дел на САД.

Овие тешки времиња ни даваат шанса да им служиме на нашите взаемни мисии за промоција на македонските вредности, особено во оваа 2003-та и 100 години од славниот Илинден - 1903, но ние исто така имаме единствена можност да го поведеме својот народ во посветла и подобра иднина во семејството на човештвото. Сите ние живееме во време кога повторно како и пред две илјади години кога Македонците го повикаа Апостол Павле да дојде и да им помогне: "Македонија за да се спаси себеси треба да го спаси светот".

Ниту имало време во историјата кога не сме биле, ниту пак ќе има време кога нема да бидеме.

Совет на Македонската Заедница-Македонски Американски Совет - Детроит

Д-р. Стојадин Б. Наумовски


Ни се заканува еден ѓаволски опасен кошмар

Тоа што Американско-канадскиот епархиски одбор на МПЦ "најостро го осудува" последниот акт на Синодот на СПЦ е само уште еден глас во хорот на безнадежно кусогледи и самозалажувачки реагирања на свештенството, официјалните органи, политичките партии во опозиција, ортодоксното мирјанство и сите други граѓани во Република Македонија и Дијаспората. Одлуките на Синодот на СПЦ не се ниту бисер на нивните глупости, ниту фарса. Одлуката на Синодот на СПЦ е сериозен непријателски и грижливо искалкулиран акт со несогледиви можни последици и претставува најголема опасност за Македонија во последните 60 години. Овој акт е далеку поопасен отколку многудивизиски напад на српската војска врз Македонија. Жално е што тоа никој не сака да го каже, а трагично е што општественоста и политиката на Република Македонија му нудат само вербална поддршка на Синодот на МПЦ кој е оставен да се брани од грозна завера на далеку помоќни сили отколку што се оние со кои црковно-легално самиот располага.

Прашање е на денови кога полицијата на Македонија ќе мора да употреби сила против сопствените граѓани кои ќе се спротивстават на одземањето на бројни храмови на МПЦ од страна на СПЦ како нивен сопственик. Во Македонија ќе доаѓаат ешалони српски свештеници со уредни влезно-излезни визи издадени од Министерството за надворешни работи на Македонија. Прашање на денови е кога стотици илјадници Македонци ќе се соочат со избор да им ги крстат децата, односно да се венчаваат, слушајќи српски свештеник и во српска црква или да прифатат обред во гарсониери, односно да немаат свештеник.

Зад вероломниот напад на СПЦ стојат и Рускиот и Цариградскиот, и Бугарскиот и Романскиот и Грчкиот и Коптскиот и Ерменскиот синод. Тоа значи дека зад оваа одлука стои целата заедница на православието. Ако наследниците на Сталин не можеа или не сакаа да издејствуваат признавање на МПЦ, ако сме имале таква судба да немаме сопствен признат легалитет цел еден милениум, ако сега пак ни се заканува еден ѓаволски опасен кошмар - тогаш по ѓаволите со сите нив и да го земеме последниот отворен пат - Унијатството во Христа. Нашите свештеници ќе ги задржат сите одличија, сите обредни и други белези на македонското и ќе го прифатат Папата во Рим, наместо Патријархот во Белград.

Унијатството е најсветлиот, најбезболниот, најдостоинствениот и најмудриот излез од оваа опасна кашканица на СПЦ и Светиот Синод на МПЦ ќе покаже дека е способен за историски одлуки. Унијатството со Рим ќе ги остави сите наши настрвени соседи подзинати и бесни, сеедно, но ние ќе имаме максимална, официјална, легална и државна поткрепа и нема повеќе да има никакви дилеми за Македонството, ниту пак за Македонија на сите конфесии.

Католикос, патем, е грчки збор и значи "оној што е вистински христијанин". Потоа нека зборуваат или прават перфиднитево Белград, Атина или Софија што сакаат. Само необразованите и верски нееманципираните може да имаат проблем со таквата солуција. Ако не се отвори дебата во таа насока, нам ќе почне да ни ги расчинуваат владиците во отци без да може никој канонски да мрдне со прст и сите ќе доживееме безмерно унижување и немоќ.

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и сите други партии немаат друг избор освен да се обидат сега да се обединат и да спасат што може да се спаси наместо да ја изнесуваат МПЦ и целата наша самобитност на потсмев во светот.

Гроздан Попов


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"