ешко може да се најдат соодветни
зборови со коишто би се објаснил феноменот "КСАНТИКА". Ксантика се
празнувала како празник на пролетта во земјата на богот Македон, со
зачудувачки душевен порив, излив на силни емоции и вознес кон боговите и
вечното сонце - симболот на животот.
Самиот збор "КСАНТИКА" претставува светлина, светлост, виделина, а според
старомакедонските митски преданија, тој е епоним од името на божицата на
цвеќињата Ксантија, во која бил заљубен богот Македон и која поради завист
на некои од боговите на Пантеон била претворена во цвеќе. Ксантика била
длабоко впиена во душата на Македонците.
Празнувањето на Ксантика се одвивало цел месец. Во него спонтано
учествувало целокупното население. За време на празнувањето не постоела
разлика меѓу земјоделец, сточар, ловџија или дрводелец. Ксантика се славела
спонтано со невиден ентузијазам како празник на пролетта, цвеќината,
убавината и надежите, а првенствено како празник на душите што ја
симболизира доминацијата на разбудената пролетна светлина над темнината и
злото во природата и човекот.
Ксантика е празник во којшто Македонците верувале дека се случува "измивање
на душите" и простување на гревовите.
Симболот на Ксантика била црвено-белата врвка исплетена од црвено и бело
предиво, која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе во
една монолитна и нераскинлива целина. Целата земја на богот Македон била
преплавена со црвено-белите симболи што претставувале вистинска симфонија на
хармонија и соживот. Со црвено-белите симболи се кителе куќите, оградите, се
носеле како ѓердани, белегзии, се украсувале со нив косите, се ставале на
оралата, крблата за молзење млеко, го украсувале добитокот, а посебно
новородените јагниња.
Жените и мажите, младите и старите за време на празнувањето ја
истакнувале облеката што била исткаена и исплетена во зимскиот период,
збогатена со изворна инспирација, хармонија и раскошна разнобојност, што
била израз на творечката надареност.
Вистинска убавина претставувале нивните развиорени ора и мелодични песни.
Со застрашувачка моќ ечеле волшебните звуци на тапаните, грнетите,
буриите,зурлите и кавалите низ сите населени места, низ сите долини и гори.
Според анализите на современите аналитичари на историјата на Македонија,
Ксантика одиграла клучна улога во формирањето на светопогледот на
Македонците. Ксантика се споменува како непресушен извор на духовната моќ на
Македонците. Таа била синоним на нивниот идентитет и нивната етничка
припадност.
Ксантика останала неуништлива до денешно време, зашто е всадена во нашата
културна традиција. Таа секоја пролет е со нас. Ја гледаме во празнувањата
на Прочка, Цветници, Лазарица, Благовец, во народните ракотворби, во
изворноста на македонскиот вез, во монументалноста на нашите песни и ора, во
звуците на тапаните и грнетите, ја гледаме во сјајот на пролетните цвеќиња.
Во некои региони на нашата земја и ден денес можат да се видат црвено-белите
симболи познати како "мартинки", а луѓето ја дочекуваат пролетта со радост и
спонтани веселби.
Ксантика е нераскинлив дел од македонската душа. Таа остана како
најсветло обележје на старомакедонските народни обичаи. Понесени со
чувството дека Ксантика е неуништлива, на иницијатива на поголем број
симпатизери основано е Здружението за негување древни традиции "КСАНТИКА".
Здружението "КСАНТИКА" е широко отворено за секој оној што ги чувствува
пораките на Ксантика и ги почитува древните традиции. Се надеваме дека
достојно ќе ја вратиме Ксантика во нашите срца и ќе ја обновиме распарчената
црвено-бела врвка која и сега како и некогаш ќе ги спојува душите на
Македонците, без разлика каде живеат и ќе ја вратиме разнишаната верба за
вечноста на нашето постоење.
Здружение за негување древни традиции "КСАНТИКА"
Ул. "Жарко Зрењанин", бр. 23, Скопје
Тел. 02/3117 - 795; 02/2794 - 267; 02/3072 - 132.