КУЛТУРА

Финансиските проблеми на фолклорните ансамбли во Македонија

ТРАДИЦИЈАТА ИЗУМИРА ПОРАДИ НЕГРИЖА ОД ВЛАСТА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Со укинувањето на финансиската помош, всушност не се губи само фолклорниот аматеризам, туку се губи и традицијата, обичаите, националноста, а на некој начин и нашиот идентитет.
  • Ансамблите порачуваат дека не може да има државен ансамбл, ако нема квалитетни аматерски ансамбли и дека веќе е пет до дванаесет да се свестат луѓето коишто ги имаат парите и да помогнат за да може да се сочува македонскиот фолклор.

Фолклорните ансамбли во Македонија веќе подолг период мака мачат со недостигот од финансиски средства што доведе до губење како на нивниот рејтинг, така и на замирање на фолклорот, обичаите, традицијата. Проблемот настана со донесувањето на одлуката на претходната министерка за култура, Ганка Самоиловска - Цветанова, за укинување на личните доходи кои им беа давани на луѓето кои се грижеа за афирмација на овој тип култура.

На почетокот во Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, кој беше формиран во 1996 година, членувале 67 фолклорни ансамбли од цела Македонија, но поради веќе споменатиот проблем, од 67-те сега постојат некаде околу 35 - 36 ансамбли. Оние ансамбли кои успеаја да опстојат сега се сплотени во Сојузот и настојуваат да се изборат за нивниот опстанок затоа што кај нив се уште постои квалитетот, самопрегорот, желбата за докажување.

(НЕ)ФИНАНСИРАЊЕ

Заради ситуацијата која настана во Македонија, односно нефинансирање од страна на Министерството за култура, многу ансамбли престанаа со работа, затоа што немаа доволно материјални средства да ги покријат основните трошоци за работа, вели Благоја Јованоски, генерален секретар на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија (СОФАМ). Според нашата евиденција, од 267 ансамбли кои беа формирани по војната во 1941 година, последниве години останаа преку 80. Со транзицијата во Министерството за култура голем број ансамбли останаа без лични доходи, без никаква материјална помош која дотогаш беше давана, така што тоа е голема катастрофа за македонскиот фолклор и народ.

Со овој потег, всушност, не се губи само фолклорниот аматеризам, туку се губи и традицијата, обичаите, националноста, а на некој начин и нашиот идентитет.

Пред донесувањето на одлуката за укинувањето на работните места, а со тоа и на личните доходи, беа финансирани одредени луѓе кои беа ангажирани во таа област.

Тогаш беше малку полесно затоа што личниот доход на некој начин беше обезбеден и можевме да се занимаваме со малку подруга политика, односно да одиме на квалитет и на некои други работи кои ќе го направат кој било ансамбл со врвен квалитет, кој ќе биде достоен да го презентира македонскиот фолклор, вели Јованоски. Меѓутоа, со укинувањето на личните доходи на одредени ансамбли, тоа веќе стана голем проблем затоа што луѓето кои работеа требаше да обезбедуваат лични доходи, да обезбедуваат други материјални средства за да може да опстанат овие ансамбли, а не да креираат висока култура.

Сепак, Сојузот на некој начин успеа на некои ансамбли кои се малку пореномирани да им го одржи квалитетот, а сметаат дека и државата во наредниов период треба повторно да го актуелизира тој проблем околу личните доходи на овие луѓе, затоа што јасно е дека фолклорот умира во Македонија.

ПРОБЛЕМ

Според Сојузот, за овој проблем треба да се запрашаат луѓето од Владата.

Не ни е јасно како може за еден филм кој се снима во Македонија да се даваат два милиона евра (а тој филм ќе го гледаат одреден број луѓе), а од друга страна ние правиме детски, младински фестивали, огромен број концерти, презентации кои се во државата, а не може да се издвојат ни двеста-триста илјади денари за одредени манифестации од меѓународен карактер, додава Јованоски. Едноставно, се кажува дека нема пари. Меѓутоа, пари има, но тие не се распределуваат така како што треба по некој критериум, туку се распределуваат по пријателски и роднински врски. Тоа е голема трагедија за фолклорот. Министерот за култура треба да се запраша како ги доделува средствата, по кои критериуми, а ние сме подготвени во секое време да излеземе и отворено да му кажеме дека тоа што го прави не е во ред.

Од друга страна, интересот за фолклорните игри не опаѓа, напротив тој се зголемува, меѓутоа ние не можеме да му понудиме, како фолклорни ансамбли, на народот она што сметаме дека треба да биде врвно и достојно за македонскиот фолклор, објаснува Јованоски. Материјалните средства се најважното нешто што може да биде за да се направат манифестациите поквалитетни, подобри и попривлечни за народот. Инаку, народот си го сака македонскиот фолклор, а доказ за тоа се преполнетите сали во кои гостуваме. Меѓутоа, повторно се среќаваме со истиот проблем - за еден концерт во Универзалната сала во Скопје треба да платиме: за салата, за озвучување, за заштита на авторски права.

Сето тоа доведува, како што објаснува нашиот соговорник, тие едноставно да не можат да направат театрални, вистински концерти кои се најбарани во земјата и надвор од неа токму заради големите трошоци кои ги имаат за организација на еден концерт.

Моментално многу фирми во Македонија се приватизираа со странски капитал така што овие манифестации ги дистанцираат, додава Јованоски. Не знам што е нивната политика, но јасно е дека не сакаат да финансираат македонски фолклор. Нив ги интересира фолклорот од нивната земја. Тука сме ние во една многу лоша и незавидна состојба затоа што не можеме да имаме помош како што сме ја имале секогаш, на пример од Цементарница "Усје", од Пивара, или од некои појаки фирми.

НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ

И за гостувањата надвор од Македонија секој ансамбл се соочува повторно со истиот проблем - финансиите. Во последно време самите играорци се товарат сами да партиципираат за да учествуваат на некоја одредена манифестација.

Од другите земји имаме навистина многу покани, меѓутоа тие покани ги одбиваме затоа што мора играорците сами да си обезбедат храна за пат, а понекогаш да преноќат во автобус, вели Јованоски. Тие се вистински уметници - професионалци. Ниеден европски фестивал не може да се замисли без македонски ансамбл кој секогаш по пет-шест пати е враќан на бис, за разлика од другите земји кои одат без грижа, со високо ниво на организација за членовите. Меѓутоа, тоа е нашата состојба. Моментално воопшто не се води сметка, од власта воопшто не се свесни за тоа што значи промовирање на една земја преку фолклорот. Благоја ова прескромно го кажа за нашите патешествија, се надоврзува Добривоје Манасиевиќ, директор на ансамблот "Кочо Рацин".

Кога гостуваме некаде, ние сме само уметници на сцената, меѓутоа додека стигнеме до некој град, до некоја држава, за нас тоа претставува голема тешкотија. Но, сепак, имаме среќа што кај младите играорци има голем љубов, така што сите маки лесно ги поднесуваме. На тие турнеи во просек на еден концерт не гледаат околу две илјади луѓе, а да не спомнувам на свечените дефилеа кои се случуваат на улиците во градовите каде што сме поканети. И додека ние како држава не ги согледуваме вредностите на нашиот фолклор, многу странски менаџери, директори на фестивали, за тоа време заработуваат на нашиот фолклор. Како Сојуз на фолклорни ансамбли сме во една состојба да мораме пожестоко да реагираме, да реагираме на сите пропусти што ги прави нашата држава, односно најголемиот виновник - Министерството за култура - затоа што тоа е таа институција која треба да ги финансира овие ансамбли во Македонија, додава Јованоски. Јас не знам на кој ансамбл во последно време му се доделени средства за обнова на народната носија. А знаеме дека голем број луѓе од други земји влегуваат кај нас, во Македонија, купуваат народни носии и ги изнесуваат, така што ќе се доведеме во состојба сите тие оригинали да ги препознаваме во некои други земји.

Фолклорот, исто така, и во дијаспората е на многу незавидно ниво. Честопати ансамблите се среќаваат со некои наши сонародници и им ги кажуваат сите проблеми. Тие настојуваат на некој начин да им помогнат со тоа што ќе ги поканат да гостуваат во тие градови, меѓутоа и тие финансиски се многу слаби.

Повторно останува ние да си ги платиме патните трошоци, објаснува Јованоски. Можам само да го издвојам гостувањето на "Мирче Ацев" на Франкофонските игри во Канада во 2001 година каде не прифати "Комуна Илинден" заедно со Владе Гроздановски кој ни организираше концерт во Торонто, не смести во еден врвен хотел. Едноставно, не пречекаа како што доликува.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"