Џафери искаран од албанскиот премиер Нано
Според весникот "Факти", албанскиот премиер Фатос Нано го искарал Арбен
Џафери за неговото однесување кога тој оцени дека не е можен соживотот со
Македонците и опстанокот на мултиетничките држави. Премиерот Нано наспроти
Џафери истакнал дека брзото спроведување на Рамковниот договор е еден од
цврстите услови за цврст соживот и за стабилност и мир во регионот.
Влез во Албанија со лични карти?
Владата во Тирана ја разгледува можноста на македонските граѓани да им се
овозможи влегување во Албанија само со лични карти. Ова следувало по
одлуката за укинување на визите за државјаните на Бугарија, Чешка, Унгарија,
Полска, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, но не и за
Македонија.
Либерализацијата на визниот режим се уште мирува
Македонското Министерство за надворешни работи се уште официјално не го
разгледувало прашањето за либерализација на визниот режим. Ова прашање ќе
почне да се разгледува откако министерката Илинка Митрева ќе се врати од
Самитот на НАТО во Мадрид. Во МНР објаснуваат дека либерализацијата на
визниот режим ни треба на сите, но додаваат дека таа не треба да се однесува
само на земјите од регионот, туку и на Европа.
"Филип Втори" во Атина
Неодамна д-р Жан Митрев и дел од неговиот тим од приватната здравствена
организација (ПЗО) - Специјална болница за кардиохирургија "Филип Втори" од
Скопје, на покана на Клиниката за кардиохирургија
"Henry Dunant" од Атина, одржа неколку
предавања за достигнувањата на кардиохирургијата во Македонија. Во рамките
на престојот во Атина, д-р Митрев и неговиот тим изведоа и неколку операции
на срце, со цел размена на искуства помеѓу овие два кардиохируршки центри и
стручно усовршување.
Фатени албански илегалци
Триесет и осум илегалци биле откриени во полициска акција што била
изведена на подрачјето на Гостивар. Сите илегалци се албански државјани, а
се претпоставува дека се дел од криминалните банди кои во последниов период
континуирано оперирале во Гостиварско и Тетовско.
ЕУ ги советува косовските Роми
Европската унија ги повика косовските Роми што се наоѓаат на граничниот
премин Меџитлија на македонско-грчката граница, да ја прифатат понудата на
македонската Влада и да пополнат барања за добивање бегалски статус. Владата,
пак, најави дека против оние што нема да ја прифатат понудата ќе се постапи
според меѓународните закони.
Мојсиу е за независност на Косово
Во интервјуто за косовскиот весник "Коха диторе", албанскиот претседател
Алфред Мојсиу изјавил дека за Албанците тешко дека постои друга опција освен
независност на Косово. Според албанскиот претседател, независноста на Косово
треба да помогне за натамошна интеграција на сите балкански држави, бидејќи
Европската унија нема да ги прими во своите рамки државите кои со себе носат
нерешени проблеми од кои можат да произлезат нови судири.
ЕУ воздржана кон барањата на Западен Балкан
Најважните барања на државите од Западен Балкан што се упатени до
Европската унија се однесуваат на зголемување на финансиската помош и на
забрзување на процесот на интеграција на овој дел од европскиот континент
кон ЕУ. Но, на сето ова Брисел засега е многу воздржан.
Македонија - најеколошка држава на Балканот
Министерот за животна средина и просторно планирање, Љубомир Јанев, на
презентацијата на Киевскиот извештај за состојбата со животната средина во
Европа одржана во Охрид, изјави дека Македонија предничи во однос на своите
соседи во заштита на животната средина, но заостанува зад земјите од
Централна Европа.
"Окта" партнер со грчкиот "Петрола"
"Хеленик петролеум" со " Petrola A.E.Paneuropean Oil
and Inustrial Holding S.A." постигнале
договор за продажба на 16,65 отсто од државниот капитал, како и за спојување
на двете компании преку фузирање. На овој начин, со посебно дефинирана
законска процедура се врши приватизација на "Хеленик петролеум" чиј
доминантен сопственик е државата која ќе ја задржи контролата во
управувањето.
Археолошки подготовки за Олимпијадата
До Олимпијадата во Грција за јавна презентација треба да бидат подготвени
античките градови Стоби кај Велес, Вардарски Рид кај Гевгелија и Исар кај
валандовското село Марвинци. Археолози од Музејот на Македонија ќе обезбедат
логистичка поддршка во истражувањата на овие три археолошки локалитети кои
ги вршат Заводите за заштита.
"Диво месо" на "Варненско лето"
Драмскиот театар со "Диво месо" од Горан Стефановски, во режија на
Александар Поповски, гостуваше на Меѓународниот театарски фестивал "Варненско
лето" во Бугарија. Гостувањето на "Диво месо" на "Варненско лето" е по
гостувањето во Удине, Подгорица и Виена.
|