Македонска мисија во Заливот

Портпаролот на Генералштабот на АРМ, мајор Зоран Секуловски, и потполковникот Љупчо Стојановски од Командата на военото воздухопловство, заминаа во Кабул за да го подготват теренот за нашата единица која ќе учествува во мировната мисија. Тие во наредните шест месеци ќе бидат офицери за врска на американската команда со македонскиот контингент во Ирак и Генералштабот на АРМ.

Денес (06.06. 2003 година) војниците од македонскиот контингент ќе заминат во мировна мисија во Ирак и ќе им се приклучат на Секуловски и Стојановски.

Инциденти во Тетовско и Кумановско

Неколкучлена вооружена банда нападнала и малтретирала неколкумина моторизирани тетовци, барајќи пари и заканувајќи се со убиства, а биле претепани и охриѓани кои побегнале во Гостивар и таму го пријавиле насилството.

Од септември нови пасоши

Во септември македонските граѓани ќе добијат нови пасоши. Еден од условите за влез во Европската унија е и промената на патниот документ. Постојниот пасош, според извори од МНР, не ги задоволувал европските стандарди, бидејќи лесно можел да се фалсификува.

Николовска обвинета за измама на штедачи

Во Основниот суд во Охрид во петокот почна нов судски процес против Соња Николовска, сопственичка на пропадната пирамидална штедилница ТАТ. Николовска е обвинета за измама на 12.000 штедачи , од кои таа ќарила две милијарди денари.

Потписи против поскапување на струјата

Здружението на граѓаните вработени во државната и јавната администрација ја почнаа акцијата за собирање потписи на граѓаните против најавите за зголемување на електрична енергија. Акцијата е под мотото "Стоп за поскапување на струјата" и ќе се одвива десетина дена пред зградата на ЕСМ во Скопје.

ЕСМ ги исклучи и арачиновци

Скопската електродистрибуција се обидува да ги наплати своите побарувања за потрошената електрична енергија. Минатата недела бил исклучен дел од 25 села, а предупредувачки мерки биле применети во Арачиново, Мојанци, Орланци, Долно Количани, Вртекица и други. Само во Арачиново неплатениот долг изнесува 65 милиони денари.

Повеќе лекови на позитивната листа

Новата комисија за позитивната листа лекови ја дефинира новата палета медикаменти што ќе треба да паѓа на товар на Фондот за здравство. Проширената позитивна листа сега чека само параф од министерот за здравство и од Управниот одбор на Фондот за здравство.

Државата нема пари за спас на сточарските фирми

Прегладнетите свињи, пилиња и риби во неколку фарми и рибници во земјава и натаму се оставени самите на себеси, бидејќи ни нивните сопственици, а ни државата, по се изгледа, немаат намера да интервенираат и да ги спасат од помор. Државата бара излез во либерализацијата на увозот на сточна храна од ЕУ, бидејќи РМ не прозведува храна за добиток.

Лажна информација за ликвидирање на банките

Народна банка на Република Македонија ги демантира информациите изнесени во неделникот "Капитал" дека планира да ги ликвидира, како што пишува неделникот, Македонска банка, Силекс банка, Радо банка, Балканска банка, Експорт - импорт банка и Тетекс банка.

Македонско радио во Перт со 24-часовна програма

Минатата недела во Перт, Западна Австралија, започна со работа првата 24 часовна радио-станица на македонски јазик во Австралија.

Радио-станицата ќе емитува директна програма од Македонија како и од другите делови на Австралија. Со овој потег со директни радио-врски се поврзани градовите Перт, Волонгонг и Канбера оддалечини меѓу себе 4.000 километри. Сопственикот на радио-станицата е Алекс Кенчевски и може да се слуша на интернет: www.worldradio.com.au
Радиото ги има следните дестинации:
Macedonian Radio 2MAC-FM Ethnic Radio, 32 Addison Street, PO BOX A106, Shellharbour. N.S.W. Australia. 2529, Ph: 61 2 42 955555, Fax: 61 2 42 976123, Mob: 0407899961,

E-mail: macfm@1earth.net


IN MEMORIAM

Доајенот на македонското глумиште, актерка, режисер и професор по актерско мајсторство, Тодорка Кондова - Зафировска загина во сообраќајна несреќа во Скопје. Имаше 76 години, претставник е на повоената генерација актери. Таа е првиот дипломиран режисер во Македонија, студиите ги имаше завршено кај величини каков што е Хуго Клајн.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"