ЕКОНОМИЈА

Со бројни социјални проблеми тешко се пешачи кон Европската унија

БОРБА ЗА КОРКА ЛЕБ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Првичните резултати од Законот за поттикнување на вработувањето се мали. Зголемувањето на вработеноста и отворањето на нови работни места е малку разочарувачко, изјави шефот на мисијата на ММФ, Франек Розвадовски, при последната посета на нашава држава, видно незадоволен од "Бранковиот закон".
  • До крајот на годинава со решавање на фирмите-загубари, односно со нивното ликвидирање, бројот на сиромашните семејства ќе се зголеми за околу 6.000 корисници кои ќе влезат во семејството на социјални случаи кои земаат од државата социјална помош.
  • Во поглед на старосната структура, трагичен е податокот што најголем број од невработените, односно 137.713 лица или 35,9 отсто, се на возраст до 30 години, период кога човекот е најпродуктивен за општеството.

Во текот на месец април 2003 година во Заводот за вработување на Републи-ка Македонија евидентирани се 383.896 невработени лица, од кои 6.899 се новопријавени, додека за истиот период, според анализите на Министерството за труд и социјална политика, има повеќе од 60.000 семејства корисници на социјална помош.

Сума сумарум, социјално-економската слика во нашава држава е повеќе од катастрофална. Мнозинство од граѓаните едноставно не живеат нормален живот, туку преживуваат барајќи милостина. Уште малку и народните кујни, но и контејнерите ќе станат претесни за армијата од гладни луѓе. Покрај воената криза, Македонија ќе биде дотолчена од сиромаштијата, бидејќи дојдовме до тој степен народот едноставно да нема ни леб за јадење. Но, за да биде иронијата уште поголема, од спротивната страна не е за потценување ни армијата од арамии кои покрадоа милионски суми, ја истопија и маста на граѓанската маса. Бесни автомобили, раскошни палати, скапи парчиња облека и недостижни егзотични дестинации. Тоа е привилегијата за некои, додека социјалците тропаат за мизерни социјални примања. Дали е тоа таа Македонија која претендира со гол и гладен народ да галопира кон Европската унија?

СОЦИЈАЛНА СЛИКА

Според последните анализи на службите при Министерството за труд и социјална политика, во државава има околу 240 илјади социјалци. До крајот на минатата година бројот на македонските домаќинства кои примаа парична помош изнесуваше 82 илјади и беше за околу 50 отсто повисок во споредба со ситуацијата до пред пет години. Сега, до крајот на минатиот месец по ревидирање на списоците на досегашните корисници со цел за сведување во реални рамки на бројот на социјалните случаи, тој број се намали за околу 20 илјади сиромашни домаќинства. Но, и ваквите мерки на Владата не се доволни за да го отстранат фактот дека Македонија плива во зоната на сиромаштијата. За жал, ситуацијата со социјалците ќе биде уште полоша имајќи предвид дека се очекува затворање или ликвидација на уште неколку фирми - загубари.

Стечајците и загубарите своите права ги бараат пред институциите на системот

Според анализата на социјалната слика правена по градови, најголем е процентот на сиромашни семејства во Куманово каде дури 20 отсто од домаќинствата секој месец чекаат на парична помош од државата. И во другите градови овој процент се движи во нагорна линија, во Тетово 17 отсто, во Гостивар 16,7 отсто, Велес брои 19.600 семејства од кои 10 отсто се корисници на социјална помош, Штип 6,5 отсто и Скопје 9 отсто од домаќинствата се социјалци. Состојбата е катастрофална и во Дебар каде од 3.000 семејства, 1.050 од нив секој месец се зависни од државата. Ваквата незавидна состојба е последица на економскиот хаос во државата. Постојаните отпуштања од работа, технолошки вишоци и невработени ја креираат грдата социјална слика на РМ. Според проценките, ако за финансирање на социјалните потреби од државава годишно од Буџетот одвојувала околу 37 милиони евра, со обидите за намалување на бројот на социјалците во наредниот период се предвидува дека ќе се намали за околу 9 милиони евра. Извесно намалување на буџетските трошоци се очекува и врз основа на примената на Законот за вработувања и осигурување во случај на невработеност, зашто е скусен периодот за исплата на паричниот надомест на невработените од Заводот за вработување. Но, и покрај се, на Република Македонија годишно & се неопходни минимум 28 милиони евра за да обезбеди преживување на социјалците.

СТАТИСТИКА

Според извештајот на Заводот за вработување на Република Македонија во месец април 2003 година евидентирани се 383.896 невработени лица, со што во споредба со месец април 2002 година, бројот на невработени лица е зголемен за 11.712 лица или 3,1 отсто.

Поголем број на невработени лица евидентирани се во бироата за вработување и тоа во Скопје 88.950 или 23,2 отсто, Куманово 32.906 или 8,6 отсто, Тетово 30.008 или 7,8 отсто, Прилеп 26.824 или 7,0 отсто, Струмица 24.728 или 6,4 отсто и Битола 21.377 или 5,6 отсто. Во овие бироа за вработување евидентирани се повеќе од половина од невработените лица во Република Македонија или 58,6 отсто. Од податоците може да се констатира дека во поглед на невработеноста доминираат градовите каде што исто така евидентна е бројката на корисници на социјална помош. Во поглед на половата припадност интересно е да се напомене дека од вкупната бројка невработени 215.227 се мажи или 56,1 отсто, а жени се 168.669 или 43,9 отсто. Според стручната подготовка 52, 8 отсто од невработените се неквалификувани или полуквалификувани, 24 отсто се со средно образование, 18 отсто се висококвалификувани, 1,8 отсто се со вишо образование и 3,4 отсто се со високо. Од аспект на националната припадност - 65,9 отсто од невработените се Македонци, Албанци се 21,5 отсто, Турци 4,1 отсто, Роми 4,4 отсто, Срби 0,9 отсто, додека 3,2 отсто припаѓаат на преостанатите етнички групи. Во поглед на старосната структура, трагичен е податокот што најголем број од невработените, односно 137.713 лица или 35,9 отсто се на возраст до 30 години, период кога човекот е најпродуктивен за општеството.

ЗАКОНИ

Досега со Законот за поттикнување на вработувањата, односно со "Бранковиот закон" вработени се само 385 лица. Овие вработувања се остварени во 195 приватни фирми, а од нив 93 лица се стечајци, 18 се технолошки вишок, тројца се корисници на социјална помош, а преостанатите се други профили на невработени претходно регистрирани во Заводот. Од вкупната бројка на нововработени, 123 лица се жители на Штип, 71 од Скопје, 26 се од Битола, а помал број од нив се вработиле во неколку други градови од државава. Додека Владата го оцени за добар стартот на реализацијата на "Бранковиот закон", претставниците на ММФ пред своето заминување од државава дадоа неповолна оценка. Министерот за труд и социјална политика, Јован Манасиевски, истакна дека очекува бројот на нововработени постојано ќе се зголемува и до крајот на годинава ќе се вработат околу 20 илјади лица. Законот инаку како приоритетна мерка од макроекономската политика за годинава, всушност, е во насока на намалување на високата стапка на невработеност проценета на 31,9 отсто и на зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот.

Сиромашните ќе се прехрануваат од корпи за отпадоци

Законот со своите одредби го ослободува работодавецот од плаќање на придонесите за нововработениот (кој мора најмалку една година да биде евидентиран во Бирото за вработување) во период од две години, а трошоците за придонесите за секој нововработен ќе ги надоместува државата и тоа на секои два месеца во висина од 4.026 денари месечно, при што износот е пресметан на просечна месечна нето плата од 8.000 денари. За нововработените и за корисниците на социјална помош Владата на работодавците ќе им обезбеди и тримесечен паричен надомест во висина од просечно исплатениот износ на паричната помош од претходната година. За возврат работодавецот има обврска да ги задржи на работа овие лица четири години, односно најмалку уште две по истекот на надоместот за средствата за придонеси. Тоа ќе биде контролирано од посебни органи за вршење надзор и од службите на Заводот за вработување, а во спротивно работодавците сите средства ќе треба да ги рефундираат на државата. За Законот се издвоени 2 милијарди денари, обезбедени од Буџетот, во рамките на Програмата за зголемување на вработувањата. "Бранковиот закон" ќе се применува до крајот на годинава, а стекнатото право за надоместување на средствата за придонеси ќе трае се до истекот на 24 месеци од денот на реализацијата на вработувањето, но со можност за негово продолжување.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"