Сметам дека сето тоа
е индивидуално. Поаѓајќи од фактот дека за многу работи во животот нема
пишано или непишано правило, така нема некое правило кога жената да го
избере вистинскиот момент да се вклучи на политичката сцена. Од сопствено
искуство би рекла дека јас бев политички активна уште во времето на бившиот
систем. Мојата активност тогаш беше на локално ниво, како член на Извршен
совет на Собранието на Општина Виница, како претставник од стопанството. Тоа
беше во далечната 1980 година со учество од два четиригодишни мандата.
МС: Која е Вашата професија, како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
КОСТАДИНОВА: По професија сум дипломиран економист. Работев како
финансиски раководител во трговско претпријатие и политички бев определена.
Од тогашните политички структури мојата работа беше забележана и бев
предложена за тоа што веќе го спомнав, односно на локално ниво бев член на
Извршниот совет, а во еден четиригодишен мандат бев и претседател на
Општествено-политичкиот собор. Во секој случај мојата работа и активност
беше пресудна за да бидам предложена за овие функции. Во 1991 година, на мои
четириесетина години, со настанувањето на плурализмот во нашата држава јас
ја знаев мојата политичка ориентација, односно го продолжив политичкиот
ангажман како социјалдемократ. Сметам дека возраста воопшто не е битна кога
е во прашање политичката активност.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката и колку Ви е тешко дури од Виница редовно да доаѓате на
собраниските седници?
КОСТАДИНОВА: Мислам дека воопшто не треба да се прави разлика помеѓу
машкиот и женскиот пол во решавањето на политичките проблеми. Тие треба да
бидат еднакво достапни за сите, бидејќи сите еднакво не засегаат. Сите сме
граѓани на иста држава. Мажите и жените подеднакво ги сносат одговорностите
за иднината на државата и за нашите идни поколенија. Дури сметам дека жените
имаат одреден сензибилитет некои прашања да ги решат на посуптилен начин што
е својствен само за женската природа. Тоа, впрочем, произлегува од чувството
на мајчинство. Што се однесува до прашањето дали ми е тешко од Виница да
доаѓам на собраниските седници, тоа воопшто не ми е тешко, што го докажувам
и со моето редовно и навремено присуство.
МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите, како што обично се вели за политиката?
КОСТАДИНОВА: На некој начин отпор од машкиот пол постои. Не би рекла
дека тука работите се одвиваат без проблеми и дека така доброволно мажите ги
отстапуваат своите места за жените да се вклучат во политиката. Впрочем, тоа
го докажува и досегашното нивно мало учество. Јас во оваа прилика би ги
цитирала зборовите на нашиот лидер, господинот Бранко Црвенковски, кој во
една прилика рече дека не треба да очекуваме мажите да ни ги отстапат
местата во политиката, туку треба самите да се избориме за нив. Сметам дека
е во право. Доброволно отстапување не постои, туку жените треба самите да се
изборат за свое место во политиката и тоа со многу труд, голем ангажман,
работа и докажување.
МС: Покрај политиката, колку жените-парламентарки оставаат простор и
време за своето семејство?
КОСТАДИНОВА: Јас имам семејство, сопруг и двајца возрасни синови од
22 и 24 години. Семејството се разбира дека ми е во преден план и во се има
предност. Но, во одредени моменти, одредени семејни обврски може и да
причекаат за да се даде приоритет на она што се вика политички ангажман.
Меѓутоа, во секој случај целокупната работа, целиот товар од семејството и
домаќинството си го поднесувам како и секоја жена - домаќинка која не е
политички ангажирана. Семејството не ми е запоставено, јас моите обврски си
ги извршувам и се трудам тие да не го почувствуваат моето отсуство поради
обврските од политичкиот и парламентарниот ангажман.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?
КОСТАДИНОВА: Во ништо не се разликува од тоа да се биде мајка
ангажирана и во која било друга работна професија. Јас ја имам потребната
поддршка од сопругот и пред се од моите синови за мојот политички ангажман.
Морам да бидам искрена и да признам дека во одредени случаи кога имам
работни задачи се случува да запоставам одредени семејни обврски, но затоа
пак подоцна го компензирам пропуштеното, посебно преку викендите кога
целосно сум посветена на семејството.
МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас,
претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
КОСТАДИНОВА: Мајчинството е на преден план. Тоа нам жените треба да
ни биде она основно чувство. Преостанатите обврски треба да се споредни, но
мајчинството воопшто не треба да ни пречи да бидеме политички активни. Тоа
мене не ми пречеше. Јас и кога моите деца беа мали бев активна и на
професионален и на политички план. Денес децата ми се возрасни, не се така
зависни од мене, па имам повеќе слободно време да се посветам на
парламентарните обврски.
МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести
политички ангажмани?
КОСТАДИНОВА: Имам целосно разбирање од семејството. Ја добивам
потребната поддршка и помош. Тука морам да ја споменам поддршката и помошта
од сопругот кому му се оставени дел од обврските во семејството.
МС: Која беше причината за да се вклучите во политиката и дали сметате
дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето
хармонично семејство?
КОСТАДИНОВА: Причини има повеќе, а со мојот ангажман, со моето
повеќегодишно професионално и политичко искуство можам да придонесам во
подобрувањето на општествено-политичкиот живот и подобра иднина на нашата
држава. Што се однесува до вториот дел од прашањето сметам дека воопшто
двете работи не се контрадикторни една на друга и дека можат паралелно да се
одвиваат. Работата на политички план може да се работи со полна пареа, со
полн ангажман, а од друга страна тоа не треба да предизвика негативни
рефлексии во хармонијата на бракот и семејството. Определбите и желбите на
партнерите во бракот треба взаемно да се почитуваат.
МС: Жената покрај се мора да води сметка и за својот изглед. Како Вие
наоѓате време за градењето на својот имиџ?
КОСТАДИНОВА: Ние жените сме особено суетни кога е во прашање нашиот
изглед. Мислам дека не би биле искрени ако кажеме дека ни е сеедно како
изгледаме. Во рамките на моите можности настојувам да бидам средена и уредна,
а пред се елегантна. Тоа е мојот стил на облекување. Ние жените -
парламентарки од внатрешноста, морам да напоменам дека губиме доста време на
патување. Во тој поглед не може секогаш да бидеме беспрекорни во изгледот, а
ни се скратува и дел од времето што треба да го посветиме за себе.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до
бројката од 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?
КОСТАДИНОВА: На ова поле особено ми е мило што ни се случија вакви
промени. Женското лоби во РМ се залагаше со законски акт да се регулира
застапеноста на жената во политиката. Иако не сакаме да се споредуваме со
проценки и бројки, сепак неспорно е дека ако не се донесеше таа одредба во
Законот за избор на пратеници, продорот на жената во политиката ќе беше
многу потежок. Ќе останевме со помала застапеност, како што имавме мал број
жени - парламентарки во изминативе периоди. Кога веќе се направи еден продор,
воопшто не треба да звучи оптимистички дека ќе ја достигнеме таа
рамноправност која ни е природно определена, како застапеност на половите 50
со 50 со што би постигнале и политичка рамноправност.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
КОСТАДИНОВА: Мојата порака би била дека треба да настојуваат со сета
своја сила, енергија, со своите знаења и умешност, со своите стручни и
професионални способности да истраат во желбата да бидат парламентарки. Таа
желба нема да биде проблем да им се оствари, ако бидат упорни. Не треба да
очекуваме друг да ни го отстапи местото. Мора да се докажеме дека вредиме
исто колку и спротивниот пол и заслужено да го добиеме седиштето во
парламентарната сала.