а челното место во
Државниот завод за статистика дојде нов човек кој беше назначен по
проценката дека претходниот директор доцнел со обработката на податоците од
Пописот во 2002 година. Во меѓувреме се појавија низа шпекулации за бројот
на Албанците во Република Македонија. Сето ова придонесе да се фрли сомнеж
врз работењето на Заводот. Што од ова има вистина? Каде лежи вината за
настанатите пропусти?
МС: Господине Герасимовски, на последната прес-конференција најавивте
дека во периодот од ноември 2003 година до јуни 2004 година би требало да ги
објавите резултатите од Пописот од 2002 година. Но, притоа ги потврдивте
информациите дека се доцни со оперативната реализација и обработка на
прибраните податоци. Дали вината за задоцнувањето ја лоцирате кај Вашиот
претходник или тоа е поради други субјективни фактори?
ГЕРАСИМОВСКИ: Од моите стручни согледувања, долгогодишното работење,
како и согледувањата од подготовката, спроведувањето и прибирањето на
пописниот материјалот, врз основа на она што е започнато со обработката на
материјалите од Пописот и врз основа на она што беше објавувано за првите
резултати, можам да оценам дека имаше слабости во функција на информирање на
јавноста. Во овој момент актуелно е да се каже дека на ова претходеа
одредени подготвителни активности. Првите резултати од Пописот беа задоцнето
објавени на 15 јануари 2003 година, кои како резултати и како податоци се
добиени врз основа на снимањата на терен. По ова следеше почеток на
обработка за што беше распишан оглас за прием на 160 лица што ќе работат во
фазата на обработка на пописниот материјал. Тие беа сукцесивно примани.
Притоа беа категоризирани врз основа на образовната структура - високо или
средно образование. Со Огласот беа опфатени претставници од сите етнички
заедници. Во врска со тој оглас, морам да кажам дека за мене има една
непријатна ситуација која од стручен аспект имаше нелогичност. Имено,
обработката на еден пописен материјал бара многу сериозни активности и
подготовки. Е, сега тука, за прв пат во моето долгогогодишно работење во
статистиката, значи скоро 25 години работен стаж, ова ми е петти Попис во
којшто учествувам, од кои во три така да речам бев втор човек кој ги водеше
обработките, бев малку вчудоневиден од распишаниот Оглас. Во него се бараа
лица кои биле или не биле учесници во Пописот. Тоа досега во практиката не
се случило. Ако велиме дека тој е најобемен, најсложен, најсодржаен и притоа
е најкомлициран, тогаш значи дека треба да има долги години подготовка. А,
кога за тоа се потребни долги години подготовки, тогаш треба да се има и
добар обучен кадар. Тоа се однесува и за лицата што се вклучуваат во
обработката на материјалите од Пописот, односно тие во оваа фаза мора да ги
познаваат методолошките појави и нив лесно да ги решаваат.
МС: Рековте дека бевте зачудени од условот за прием на лица за
обработката на податоците прибирани од Пописот. Каде ја гледате разликата и
зошто бевте изненадени?
ГЕРАСИМОВСКИ: Лицата што беа учесници во Пописот, како и јас кој бев
државен инструктор во него, морав да поминам низ една сложена постапка,
процедура во однос на инструктажа, обучувања, за да можат да бидам вклучен
во целиот процес. Исто така, лицата кои учествуваа во него поминаа низ една
таква инструктажа. Неколку дена беа обучувани за да можат да бидат
попишувачи, реонски инструктори и да бидат членови на реонските пописни
комисии. Значи, требаа да бидат подготвени за да излезат на теренот. Тој
попишувач, со такво искуство и она што го видел во својот пописен круг,
бидејќи од случај до случај има разлика, морал нив да ги решава во
согласност со законот, со методологијата и со упатството. Таквото лице, кое
минало низ еден сериозен процес, сега секако може да одлучува и да се вклучи
во процесот на обработка на материјалот што е сконцентриран во Државниот
завод за статистика. Значи, за оваа фаза тоа лице треба да биде добро
потковано, да го знае законот, методологијата, односно упатството за
спроведување на Пописот, како и сега обработката. Во него беа вклучени околу
10.000 учесници. Од оваа бројка најверојатно можеа да се најдат 160 лица,
бидејќи во таа бројка не беа примени само лица од Скопје. Имаше од други
градови, или општини. Значи, можело да се примат такви лица кои во однос на
стручноста и квалитетот најмногу би одговорале во оваа фаза. Од друга страна,
фазата на обработката на податоците не е започната истовремено, бидејќи прво
е примена одредена група, а потоа уште една група за на крајот да се започне
со последната фаза - со внесот на податоците за да се работи на материјалот.
Нормално, секој почеток е тежок. Така, има лица што ги знаат овие вештини и
проблеми, а можат и побрзо да работат. Ова го наведувам, бидејќи најмногу
посочувам на динамиката на реализација и на обемот на работата. На она што
треба да се врши дневно за да може севкупната обработка да се заврши во
одредениот временски период. Во тој дел од стручен аспект можам да кажам
дека работите не се одвивале со она темпо кое е планирано, односно
обработката на пописниот материјал се врши во рок од шест до девет месеци.
Се зависи од тоа што има внатре. Меѓутоа, сметам дека со она темпо и
динамика, како што беше започната обработката, немаше на време да заврши.
СЛИКА
МС: Ако го лоциравте проблемот во примените лица за обработка на
материјалот, дали тоа значи дека имало слабости во првата примена група или
во втората? Односно, дали има недостатоци во нивната стручност за
обработката на пописниот материјал, или проблем Ви претставуваа
дополнителните измени на Законот за попис во врска со јазиците на заедниците?
ГЕРАСИМОВСКИ: Изборот на лицата не е вршен врз основа на тоа кој кога
ќе започне, односно дали е учесник или не е учесник во Пописот, има ли
искуство или не. Изборот е правен од 800 до 1.000 лица кои се јавиле на
Оглас. Значи, имало пак широка листа за избор. Меѓутоа, на почетокот изборот
не е вршен селективно од едни или други, туку врз основа на тие што ги
примиле. Сега не навлегувам во таа проблематика, бидејќи веројатно
претходниот директор ги имал предвид сите тие околности. Јас, искрено да
кажам, од тие лица што се примени, ниту сум ги прашал, ниту сум правел
анализа кои од нив биле директни учесници во Пописот. Тоа е завршен процес.
Сега основното е да се почне да се работи, да се направи зголемен обем на
работа. Затоа се планира една динамика којашто би можела да се реализира и
притоа да се запази оној оперативен план и да се заврши во определениот рок.
Но, секако не запоставувајќи го квалитетот.
МС: Рековте дека се доцни со динамиката, но на пресот исто така
потенциравте дека прекумерно биле потрошени средства што биле планирани за
оваа намена - за обработката на податоците од Пописот. Дали знаете за колку
средства станува збор и во чии џебови тие отишле? Ќе побарате ли кривична
или друга одговорност за лицата што, наводно, според Вас, биле вмешани во
распределбата на паричните средства?
ГЕРАСИМОВСКИ: Вака, во однос на динамиката и она што е направено, би
сакал да напомнам уште неколку реченици за да се добие поцелосна слика за
состојбите. Во таа насока по повеќето укажувања дека во текот на
подготвителниот период и до спроведувањето на Пописот постоеше едно тело од
стручни лица од Заводот коишто работеа на севкупните активности надвор од
Државната пописна комисија, морам да истакнам дека тоа тело постоело до
крајот на 2002 година. Значи, не постоело тело во почетокот за обработката
на материјалите од Пописот во институцијата која ќе ги организира и
координира сите активности. Сега такво тело е формирано. Во овој миг
постојат одредени активности што треба да бидат завршени во одреден
временски период, но сето тоа е во рамките на обработката на материјалите од
Пописот. Според тоа, се соочуваме со започнати, ама незавршени активности
кои се потребни во фазата на работењето. Сите овие фази коишто следат во
работењето се еден долг процес. Оттука произлегува дека сите тие проблеми на
некој начин се надминуваат, но и најверојатно ќе има влијание врз севкупниот
процес на работење. Можам да кажам дека, веројатно, досега имало малку
застој во процесот на следење и на завршувањето на работата, но тоа некаде
било со помала, а некаде со подобра динамика. Во иднина динамиката ќе опадне
или ќе се забрза во зависност од регионот што се обработува. На ова влијае
составот на населението, пополнетоста на обрасците, нивниот квалитет итн.
Меѓутоа, ние мораме да бидеме свесни за тоа дека динамиката и обемот се
зголемени. Тоа е факт, но не можете да споредите, на пример, една општина во
Скопје и Демир Хисар. Обемот на работата не е ист. Во градовите имате
податоци за занимањата, школувањата, миграционите движења, а за нив се
потребни инструменти за работењето. Значи, од регион до регион, од општина
во општина, секако, не може да биде исто темпото на завршувањето на
работите. Исто така, од стручен аспект, некогаш имаше помала или поголема
група од Државниот завод за статистика која се занимавала со вакви
активности, која учествувала и во претходни пописи, но сега не беше
инволвирана во процесот. Таа група вработени во Заводот сега се вклучени во
дел од овие обработки, како во внесот така и во рачната обработка за да може
да се запази темпото, динамиката на работите. Во натамошниот период ќе
правиме максимум напори група на вработени од Заводот коишто биле државни
инструктори и кои се со добро и богато искуство од пописите и од работењето,
да дадат свој придонес во тоа работење. На еден таков начин и со добра
организациона поставеност сметам и планирам дека ќе бидат завршени сите
активности во нашиот планиран рок. Во тој прилог е направен нов динамичен
оперативен план во кој рековме дека во едната варијанта до средината на
октомври или во втората до средината на ноември, ќе бидат објавени
дефинитивните податоци што ќе бидат во процес на објавување, сукцесивно до
средината на 2004 година.
ШПЕКУЛАЦИИ
МС: Сепак, не ни одговоривте на претходното прашање. Ако вашите стручни
анализи укажуваат дека има узурпација на определени финансиски средства
поради кои доцни динамиката за обработка на податоците од Пописот во 2002
година, дали има доволно основа за кривична или која било друга одговорност
на лицата што се вмешани во овие малверзации?
ГЕРАСИМОВСКИ: Во врска со финансиите, на јавноста & е познато дека
постои Државна пописна комисија која во најголем дел се занимаваше и
прашањето на овие парични средства. Тие беа трошени во согласност со
одредени правилници. Тие беа давани на реонските пописни комисии кои во
најголем дел ги трошеа за учесниците на Пописот. Другиот дел беше за
потребите на Државниот завод за статистика. Во двата случаи постои
финансиска конструкција која ја контролираше Државниот завод за ревизија.
Тој изврши контрола на потрошените средства, а таа ревизија ќе покаже дали
има одредени неправилности. Тоа е основа за една посеопфатна анализа која ќе
покаже што е направено. Во овој момент има одредени мали финансиски
пропусти, но тие не се од таква природа која може да окарактериза дека нешто
големо и намерно е направено во организациона смисла. Во вториот домен кој
се однесува на средствата што се надоместуваат на Државниот завод за
статистика, тоа се пари од Буџетот и со нив располага Државната пописна
комисија, но за вршење одредени функции кои му се префрлени на Државниот
завод за статистика. Тие средства веројатно се делени со решенија или со
одлуки. Така се покриени, но како се делени - тоа е отворено прашање.
Односно, на кого и колку, за што има големи реакции, за што се се знае.
МС: Значи, на ова прашање Вие немате одговор.
ГЕРАСИМОВСКИ: Одговор имам. Тие се давани некому по нечија желба. И
во целиот овој случај, на ваков начин на работење, или на работење на ниво
на институции, на обработка на пописи итн. се бара широка транспарентност во
работењето. Транспарентност за јавноста и независност. Во тој домен, како
институција треба да истапиме во соработка со другите институции. За да не
одиме во некоја друга насока, да не бидеме сватени погрешно, сакам да
потенцирам дека лошо е ако се работи во името на еден човек - институција.
Треба да бидеме малку пошироки и да бидеме потранспарентни. Тоа значи дека
еден човек во име на низа субјекти не може да одлучува за прашања од државен
интерес. Оттука произлегува дека тие финансиски средства што му биле
распределени на Државниот завод за статистика, а се доделени за Пописот, се
делени внатре. И нормално е дека некому му е дадено многу, некому малку или
средно, а некој не зел ништо. Тоа е мојата оценка, а тоа стои и во
документите - дека има неправилно распределени средства. Не може да се земат
толку високи износи на средства како награда или надомест за некое учество,
а некој да не земе воопшто ниту денар, иако учествувал во активности на
Пописот. Значи, не е коректно направено. Исто така, не е коректно некој да
земе огромни износи пари, што некој друг ги добива преку цела година како
плата. Висината е доста голема, па од надоместокот што е земен некој може да
живее и неколку години.
МС: Има ли основа тој субјективен фактор да се гони врз основа на
прекршување на правилата за наградување или за доделувањето на надоместоците
за учество во Пописот?
ГЕРАСИМОВСКИ: Државата има право во согласност со законот да ги гони
оние кои, евентуално, неисправно работеле. И тоа најверојатно ќе се направи
при испитувањата што следат, особено во работењето на реонските пописни
комисии и распределување на средствата на учесниците во Пописот. Сметам дека
врз таа основа има одредени согледувања кај Државниот ревизор, а одредени
согледувања има и кај надзорниот одбор кој работи во состав на Државната
пописна комисија која ги преиспитува сите овие појави. Доколку се установат
аномалии, ќе бидат преземени одредени законски мерки од надлежните органи.
МС: Овој Попис го следат многу политички интриги, а не стручни
консултации околу обработката на информациите. Кој е Вашиот коментар?
ГЕРАСИМОВСКИ: Јас секогаш потенцирам дека нашата институција на
Пописот ќе гледа од стручен аспект, а за она што е во обработка, за она што
се обработува, додека не се заврши и последната фаза, не може да се дава
никаков коментар за какви било бројки или податоци. Секој вели првични
согледувања итн... Значи, севкупниот материјал на сите попишани лица,
станови и домаќинства, треба да се смести на едно место, податоците да се
внесат во една база, и дури потоа да се прави анализа. Додека тоа не се
заврши, може само да се манипулира, да се измислуваат бројки или да се вршат
некои притисоци од поединци. Сето тоа создава тензии во државата. Никој не
го оспорува правото да се вршат анализи за материјалите од секој попис.
Можат да се вршат споредбени анализи за Пописот од 2002 со Пописот од 1994,
или со другите. Но, тоа да се прави кога ќе имаме официјален податок со сите
белези. Сега може да се направи анализа само врз основа на првичните
податоци за населението по општини. Тоа се објавени податоци и врз таа
основа може да се пресметува зголемувањето или намалувањето на населението
по општини. Значи, не можат да се прават други видови споредби, бидејќи нема
информации за полот, возраста, етничката структура на населението на РМ.
МС: Пред Вашето именување за директор на оваа институција, во јавноста
имаше шпекулации за бројноста на Албанците во РМ, податоци кои наводно
произлегуваа од Пописот 2002 година. Од каде доаѓаа овие информации и дали
се точни?
ГЕРАСИМОВСКИ: Верувам дека податоците не произлегле од Државниот
завод за статистика, бидејќи, како што веќе кажав, комплетно не се завршени
и обработени податоците. Како второ, неблагодарно е и невкусно е да се
даваат одредени изјави со кои се тврди дека тие податоци произлегуваат од
нашиот Завод. И да повторам - не може такво нешто да излезе од оваа
институција. Веројатно тоа се манипулации или шпекулации кои се користат за
други цели. Такви податоци, кои ќе бидат званични, особено за етничката
структура, ќе излезат со дефинитивната обработка, односно со првите
дефинитивни податоци. Тогаш би можело да се зборува за самите бројки. Според
тоа, неблагодарна е оваа работа, а за неа сме расправале и во Државната
пописна комисија каде беше договорено да не се даваат такви оценки, такви
квалификации дека, наводно, се даваат такви бројки, што практично во
моментов е непожелно. Посебно од аспект на тоа што податоците не можат да се
користат како такви, туку се со цел да се насочат во некој друг непосакуван
правец.