|
ПОЛИТИКА
Римскиот статут во институционализација на меѓународното кривично судство
(2)
МИСИЈА ЗА ПОСТОЈАН МИР И БЕЗБЕДНОСТ ВО СВЕТОТ
Пишува: Жанета ЌОСЕ, дипломиран новинар, постдипломец на европски студии
за интеграција и комуникации
- Судот, врз основа на Статутот, има надлежност само врз физички лица, и
тоа над 18 годишна возраст. За разлика од досегашните судови, со
надлежност за утврдување на вината и на организации злосторнички по
карактер, ќе се утврдува и санкционира само индивидуалната кривична
одговорност.
М акедонија го потпиша Римскиот
статут на седми октомври 1998 година, а Законот за ратификација Собранието
на РМ го донесе на 30 јануари 2002 година. Инструментот во ОН е доставен на
шести март 2002 година, што се смета за ден кога Македонија пристапила кон
Римскиот статут и ја прифатила надлежноста на Судот. Статутот на 12
наредниот месец го ратификувале Босна и Херцеговина, ДР Конго, Јордан,
Камбоџа, Монголија, Нигерија, Романија и Словачка. Меѓу државите што го
потврдиле во 2001 година се и Словенија, СРЈ и Хрватска (www.un.org./international
low/ICC/ratifications of Roma Statut,
официјална веб-страница на ОН).
Ратификацијата на Римскиот статут за државите значи и прифаќање на
обврската да дадат помош потребна за остварување на улогата на Судот во
востановување на меѓународното кривично судство. Неговата мисија ќе биде
досега најзначајната во спроведувањето и заштитата на принципите, правилата
и нормите на меѓународното право, па и на меѓународното кривично право, на
военото, хуманитарното и на меѓународното право за човековите права и
слободи, како негови составни делови.
ФОНД ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ
Проширената јурисдикција на постојаниот Суд врз тешките кршења на
меѓународното воено, хуманитарно и на правото за човековите права е со цел
да се обезбеди, пред се, заштита на индивидуите, како основа на мисијата за
заштита, одржување или повторно воспоставување на светскиот мир и сигурност.
Мошне важна цел е елиминацијата на опасноста од продуцирање нови жртви на
бруталностите што длабоко ја потресуваат совеста на човештвото, на тешките
кривични дела што му се закануваат на светскиот мир, на сигурноста и
благостојбата во светот.
Во Преамбулата на Римскиот статут се содржани основните принципи и начела
на меѓународното кривично право по однос на одговорноста за меѓународни
кривични дела. Мотивите за основање на постојаниот суд и неговите цели се
наведени во Преамбулата на Статутот, а меѓу најважните е санкционирањето на
тешките кривични дела што му се закануваат на мирот, сигурноста и доброто на
светот, што не смее да останат неказнети. Со ставање крај на неказнивоста ќе
се превенира извршување на кривичните дела што се однесуваат на
меѓународната заедница како целина, што е зацртано како примарна обврска и
должност на државите - членки на Статутот.
Независниот постојан Меѓународен кривичен суд ќе биде надлежен за
најтешките злосторства кои се однесуваат на меѓународната заедница како
целина, а ќе биде комплементарен со националните кривични надлежности. Судот
се формира како трајна и независна институција, а односот со ОН ќе се
заснова врз договор што ќе биде потврден од Генералното собрание на државите
- членки на Статутот. Судот има меѓународно-правна посебност и правна
способност што е нужна за извршување на функциите и за исполнување на целите.
Судот нема интенции да ги замени националните правни системи и ќе
интервенира само во случаите кога националниот систем нема да го истражува
можното злосторство или ако државите се оневозможени или не постои волја да
го сторат тоа. Одговорноста за трајно почитување и извршување на
меѓународната правда државите ја преземаат во име на сегашните и идните
генерации, за остварување на нивното право на живеење во мирна сегашност и
иднина.
Санкционирањето на делата на геноцид, што се "груба навреда на совеста на
човештвото којашто ги гази сите норми на меѓународното право за слободите и
правата на човекот" (Меѓународни и европски документи за човековите права,
Човекот и неговите слободи во правната држава, Јурај Хржењак, стр. 12),
е главниот мотив на Обединетите нации да ја поттикнат меѓународната заедница
во ангажирање и соработка за целосно искоренување и е само една од целите на
постојаниот Суд. (Преамбула на Римскиот статут, Службен весник на РМ,
број 12/2002, стр. 178 - 179).
На државите им е оставено сами да одлучат дали ќе ја прифатат надлежноста
на Судот, преку ратификација, односно со станување членка на Статутот. Со
дополнителна согласност, доставена со декларација до Архивот на Судот,
надлежноста за одредено(и) кривично(и) дело(а) може да ја прифатат и
државите што не се членки на Статутот, на чија територија е извршено делото
или ако извршителот е нејзин државјанин. Основањето на Фонд во корист на
жртвите, предвиден како фонд за обесштетување на жртвите и за членовите на
нивните семејства, се спроведува како морална и етичка мерка и е израз на
хуманоста на државите основачи на Судот. Со тоа би се потенцирала моралната
обврска на извршителите за одговорност кон жртвите и нивните семејства.
Паричните казни за индивидуалната одговорност, во согласност со надлежноста
на Судот што е исклучиво над физички лица, се аналогни на репарациите што во
минатото ги плаќале државите агресори. Во случај на измена на ставовите и на
јавното мислење во државите - членки кон Статутот, оставена е и можноста за
нивно повлекување, што може да се стори по пат на писмена нотификација.
Повлекувањето стапува на сила една година потоа или подоцна, ако така е
назначено на нотификацијата. Меѓутоа, повлекувањето од Статутот не ја
ослободува државата од обврските настанати кога таа била негова членка (Член
127). Евентуалните измени и дополнувања на Статутот може да бидат направени
по седум години од неговото стапување на сила, и тоа на посебна меѓународна
Конференција што ќе ја свика Генералниот секретар на ОН, или по предлог на
државите - членки на Статутот. Во Членот 120 се прецизира дека е исклучено
да се ставаат резерви кон Статутот, што е вообичаено кога станува збор за
пристапување кон меѓународни договори и конвенции. Со резервите за
определени одредби, државите се оградуваат од одговорноста и назначуваат
дека не ги прифаќаат спротивните правни норми во договорот, што се
некомпатибилни со нивниот правен поредок.
Римскиот статут е многу експлицитен и конкретен во определеноста на
надлежностите на Судот (територијална, временска, над дела и над лица), но и
во дефинираност на делата што ќе се третираат. Формално-правно, Статутот е
документ за востановените правила од кривично-правната сфера и на нивна
формална регулација. Во Статутот на Меѓународниот суд за кривично гонење на
лицата одговорни за тешки кршења на меѓународното хуманитарно право извршени
на територијата на поранешна Југославија, ICTY
(International Crime Tribunal for the Former Yugoslavia),
и на Судот за Руанда, инкриминирани се злосторствата на геноцид, воените и
злосторствата против човечноста.
ПРАВО НА НЕРЕТРОАКТИВНОСТ
Освен трите споменати предвидени кривични дела во Римскиот статут, како
четврта категорија се издвојуваат и злосторствата на агресија. Делата на
тероризам и тешките кршења на човековите права и делата на меѓународниот
наркокриминал, поради отсуството на консензус за единствена и универзална
меѓународна дефиниција, остануваат надвор од јурисдикцијата на овој Суд. И
покрај тоа, значењето на Меѓународниот кривичен суд е неспорно за светскиот
мир и безбедност. Судот е надлежен само за кривични дела сторени по
стапување во сила на Римскиот статут, односно има временско дејство
(ratione temporis)
ограничено на санкционирање на дела од први јули 2002 година. Во Членот 24,
став 1, се дефинира дека никој не може да биде кривично одговорен за дело
сторено пред да стапи Статутот во сила. Правото на неретроактивност на
казненото право, утврдено во Пактот за граѓански и политички права од 1966
година, е обезбедено во ставот 2 од овој Член, во којшто е наведено дека на
обвинетиот му се суди во согласност со новото позитивно право. Во случај да
постои нејасна дефинираност или двосмисленост, одредбата се толкува во
корист на обвинетиот. Незастаривоста на кривичното гонење, според Членот 29,
во кој се вели дека кривичното гонење за делата во надлежност на Судот не
застарува, е во согласност со принципите од Конвенцијата за незастаривост на
воени и злосторства против човечноста од 1968 година. Но, поради одреденоста
на временското дејство врз дела сторени по стапување на Статутот во сила,
може да се каже дека не е докрај испочитуван основниот принцип од
Конвенцијата за незастаривост на воените и злосторствата против човечноста.
Значи ли тоа дека постои правен вакуум во однос на санкционирањето на овој
вид злосторства сторени до стапувањето на сила на Римскиот статут, што може
да се сфати како евентуален компромис на промоторите и создавачи на Римскиот
статут, за да се обезбеди потребниот број на ратификации неопходни за
основање на Судот. Евентуална цел би била анулирањето на причините за
стравување од универзалната јурисдикција на Судот. Сепак, позитивно е што
воопшто е постигната согласност да се основа постојан меѓународен суд со
јурисдикција за санкционирање на тешките кривични дела против хуманитарното
и военото право сторени за време на вооружените конфликти и судири или во
војна.
Судот, врз основа на Статутот, има надлежност само врз физички лица, и
тоа над 18 годишна возраст. За разлика од досегашните судови, со надлежност
за утврдување на вината и на организации злосторнички по карактер, ќе се
утврдува и санкционира индивидуалната кривична одговорност. Во Членот 27 се
третира неважноста на службеното својство, со што се дефинира дека
имунитетот или процедуралните правила поврзани со службеното својство на
некое лице нема да биде пречка за извршување на надлежноста на Судот.
Одговорните според принципот на командна (заповедна) одговорност ќе бидат
судени откако државите ќе се согласат да не биде заштитен со (или да му се
одземе) имунитетот на осомничениот за извршување на некое од предвидените
кривични дела што ќе се санкционираат од Судот. Овие одредби покажуваат дека
се поголемата поддршка за законска примена на меѓународните документи и
договори за човекови права дозволува да се испочитува и принципот на
недискриминација. Тоа го потврдува санкционирањето и на одговорните лица,
поради положбата за нивното раководење, или нивното соучество во дела против
военото и хуманитарното право. Ако државите се согласат, нема да се дозволи
поранешни и актуелни државници и други службени лица да имаат имунитет и да
не им се суди за дела на злосторства против човештвото. Со тоа се
демонстрира поефектен приод до прашањето на универзалната јурисдикција.
Сепак, постои ограда во случај на поинакви принципи и одредби на
националните законодавства, што се спротивни на овој принцип. Во Членот 98,
став 1, се наведува дека Судот нема да може да постави барање за предавање
или за давање помош со барање државата да постапи спротивно на своите
обврски за дипломатскиот имунитет на лицето или на имотот на трета држава,
освен ако (државата којашто е втората странка) со неа претходно не се
постигнало откажување од имунитетот. Или, според ставот 2, во случај Судот
да постигнал согласност за предавање на лицето.
(Продолжува)
|