ПОЛИТИКА

Резолуцијата 1244 на Обединетите нации не донесе ништо ново

КОСОВО КАКО НЕАКТИВИРАНА РАЧНА БОМБА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Пулсот во Белград и во Приштина неодамна го испитуваше и Брисел кој неофицијално го призна своето фијаско во зближувањето на односите меѓу етничките заедници во Покраината.
  • Ова прашање многу завлегува во чувствителните односи меѓу САД и ЕУ. Двете најзасегнати страни никогаш нема да ги усогласат интересите, бидејќи тие се крајно спротивставени.
  • Историјата емотивно ги врзува Србите за Косово, а реално таму владеат Албанците. Затоа како последица на состојбите неминовно ќе биде свикан нов "Рамбуе". Времето истекува, а македонската власт мора јасно да заземе став за тоа што ќе прави доколку настаните не затекнат. Нови шлаканици секако негативно ќе влијаат врз положбата на македонскиот народ и граѓаните во Република Македонија.

Проектот за мултинационално Косово пропадна. Сакале или не маските на меѓународната заедница паднаа. Поразот го признаа и западните дипломати кои решително се обидуваат да ја затворат балканската пандорина кутија, бидејќи увидоа дека стојат во место и до гуша се во политичка кал. Но, тоа нема да биде така лесно ако и се даде независност на Покраината, бидејќи целиот регион ќе се запали и повторно ќе завладее хаосот, нередите и крвопролевања.

Кампањата за независно Косово започна, но сега тоа официјално го стори Брисел кој четири години се обидуваше да балансира. Меѓутоа, не успеа да најде соодветна формула со која ќе ги задоволи националистичките страсти на Албанците кои тешко дека би се вратиле на стариот статус во сега непостоечката држава. Затоа, претстојат тешки мигови за меѓународната заедница, но и за земјите во регионот вклучувајќи ја Република Македонија. Таа мора многу брзо да реагира и да заземе став како ќе се брани од последиците што ќе бидат предизвикани со независноста на Косово. Кон овој проблем македонските политички субјекти досега имаа различен аршин, бидејќи албанските партии сигурно ќе ја поддржат идејата. Затоа, ќе мора да се отвори оваа жешка тема за која ќе треба да се расправа во Парламентот. Но, притоа ќе мора да се внимава и на специфичниот момент на интересите на ЕУ и на САД.

ДОГОВОР

Косово е сизифовска работа која некој мора да ја откочи, бидејќи нетрпеливоста кај Албанците и растечкиот меѓународен криминал кој е од секаков вид, ја зголемува температурата и ја одржува тензијата во регионот. Затоа секоја идеја која ќе помогне во решавањето на статусот на Покраината е добродојдена. Но, притоа ќе мора да се внимава, бидејќи метастазираниот проблем се усложнува. Во него се инволвирани разни интереси кои ја "заматуваат водата". Затоа предлогот што неодамна пристигна од контроверзната Меѓународна кризна група може да се прифати или не. Дволичноста на Групата е позната, а предлогот за условната независнот на Косово која би се добила по пат на "граѓански договор", впрочем е неактивирана рачна бомба. Во моментов мнозинскиот дел од Албанците не им ги признаваат правата на малцинствата, а кај Србите и другите малцинства не постои добра волја за признавање на дискутабилните косовски институции на власта. Затоа, предлогот што беше наведен во годишниот извештај на МКГ за состојбата, статусот и за меѓуетничките односи на Косово, а кој во Приштина го претстави директорката на Групата за Косово, Валери Персивал, не може да наиде на поволна клима за подршка. Зошто?

И во анализата на Меѓународната кризна група се оценува дека меѓунационалните односи во Покраината, особено односите меѓу Албанците и Србите, се крајно лоши и затоа се предлага склучување на т.н. "граѓански договор".

Во многу цивилизирани земји во светот постои граѓански договор кој го спречува влошувањето на меѓуетничките односи и создава можности за стабилност, мир и еднакви права за сите, проценува Персавал по објавувањето на Извештајот на Групата за состојбите на Косово.

Таа нагласува дека Албанците и Србите имаат различни погледи и стремежи во однос на ситуацијата во Покраината.

Албанците нема да признаат ништо помалку од независност на Косово, верувајќи дека само така ќе биде загарантирана нивната безбедност. Додека, пак, Србите сакаат да останат дел од Србија, тврдејќи дека независно Косово нема да ги почитува и да ги штити нивните права, го пренесува мислењето на Персивал македонската агенција Макфакс.

Персивал додала дека мнозинските етнички Албанци досега не успеале да се докажат на полето на почитувањето на правата на другите заедници, а одговорноста за тоа ја сноси цивилната администрација на Косово. Инаку, претходно и американско-унгарскиот финансиер Џорџ Сорос при посетите на Приштина и на Белград истакна дека независно Косово би ја приближило Србија кон Европската унија.

АПСУРДНОСТ

Пулсот во Белград и во Приштина неодамна го испитуваше и Брисел кој неофицијално го призна своето фијаско во зближувањето на односите меѓу етничките заедници на Косово. Ова прашање многу задира во чувствителните односи меѓу САД и ЕУ кои по заладувањето поврзано со ирачката криза се на тенка линија. Меѓутоа, новиот компас што го нудат западните дипломати уакжува дека на повидок е тивка војна меѓу Европската унија и САД. Двете сили сакаат да се вкопаат на Балканот, пред евентуалното ново исцртување на картите и границите во регионот.

Оттука западните земји планираат наскоро да го отворат и да го решат проблемот со статусот на Косово, бидејќи процениле дека не може постојано да се оддолжува ова прашање, се вели во коментарот на светската агенција Ројтерс.

Со тоа би се остварила и желбата на трагично убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ кој пред да биде застрелан, бараше за ова прашање веднаш да се говори и да се отвори што поскоро, бидејќи статус-кво ситуацијата мора да се реши, а не тоа да се држи замрзнато.

Незадоволството расте. Луѓето сфатија дека мисијата на Обединетите нации и на УНМИК не функционира, дека наместо да решава проблеми, самата стана проблем. Косово не оди никаде, оценуваат високи западни дипломати задолжени да ја следат состојбата во Покраината.

Тие се задолжени да дадат своја стручна оценка за надминување на поразителните резултати на меѓународната мисија што сега се води под капата на Резолуцијата 1244 на ООН.

Српскиот премиер Зоран Живковиќ, наследникот на Ѓинѓиќ, во Брисел се пожали дека Србија се наоѓа во апсурдна ситуација и затоа Европската унија од Србите бара да помогнат во решавањето на косовскиот проблем така што нема да го споменуваат.

Доаѓаме до идејата дека разговорите за конечниот статус на Косово треба да почнат што поскоро. Почетна точка ќе биде средбата во Солун на 21 јуни, но мислам дека 2004 година ќе биде година на Косово. Тоа не значи дека Косово сигурно ќе добие независност, но јасно е дека косовските Албанци не би прифатиле друго решение, велат функционерите на ЕУ.

Во тој контекст неодамна имаа средба претставници на САД, Русија, Британија, Франција и Италија, т.н. Контакт-група што со години го надгледува Балканот и неговите политички движења и војни. Функционерите на ЕУ што се ангажирани во Групата, како главни фактори за статусот на Косово ги навеле: сменувањето на власта во Србија, бавниот развој на Косово кој е последица од неизвесниот статус и барањето на САД и на НАТО што побргу да ги повлечат своите сили од Балканот. Како предуслов за решавање на статусот на Косово, според евродипломатите, е и стабилизирањето на Македонија. Но, според нив, прв услов е да започнат директни разговори меѓу Белград и Приштина.

ИНДОЛЕНТНОСТ

Како кон ова прашање ќе се држи Република Македонија се уште е неизвесно, бидејќи поголемите македонски партии молчат околу ова прашање. Односно, немаат изградено свој став, или чекаат како ќе реагира меѓународната заедница. Единствено околу овој наталожен проблем, во својата колумна беше кристално јасен Лубчо Георгиевски, сега почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој потенцираше дека мора да се очекува независност на Косово. Неговиот став е одамна познат, а таквиот статус на Косово му одговара на Георгиевски со оглед на неговата желба за распарчување на Македонија, но загрижува што актуелната македонска политичка врхушка нема изградено стратегија за се погласните најави за покренувањето на прашањето околу статусот на Покраината. Меѓутоа, таа индолентност може многу скапо да не чини, бидејќи набргу би требало да очекуваме нова "Дејтонска конференција за Косово и балканските граници". Притоа, како предигра се очекува да пропаднат преговорите меѓу Приштина и Белград, бидејќи традиционалните партнери се однесуваат како мачка и глушец. Двете најзасегнати страни никогаш нема да ги усогласат интересите, бидејќи тие се крајно спротивставени. Историјата емотивно ги врзува Србите за Косово, а реално со Покраината владеат Албанците. Затоа како последица на состојбите неминовно ќе биде свикан нов "Рамбуе".

Времето истекува, а македонската власт мора јасно да заземе став што ќе прави доколку настаните не затекнат. Ако вака продолжи да се однесува, сигурно не очекуваат нови шлаканици што секако негативно ќе влијаат на положбата на македонскиот народ и граѓаните во Република Македонија. Затоа не треба да се седи со скрстени раце, туку сериозно да се сфатат сигналите од Брисел и од Вашингтон. Не смееме повторно во историјата некој со нас да си игра пинг-понг на дипломатската маса. Ако тоа го дозволиме, сигурно нема да ни простат генерациите што доаѓаат, а оние што го дадоа животот за создавањето на слободна и независна Република Македонија ќе се превртуваат в гроб. Затоа, не дозволувајте да се повтори историјата. Таа е погубна!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"