ПОЛИТИКА

Радивоја Јовановски, државен секретар во МВР, за акцијата за доброволно собирање на нелегалното оружје

НАЈСТРОГИ КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Независно од тоа колкава количина оружје ќе се собере, важно е тоа што сега им даваме можност на граѓаните, врз основа на добра волја, да се ослободат од оружјето, вели државниот секретар во МВР, Јовановски.
  • Законот треба да го спроведува координативно тело кое, како што објаснува господинот Јовановски, деновиве треба да се формира. Тоа ќе донесе национална програма, а во неа ќе бидат определени пунктовите каде ќе се собира оружјето.
  • Владата на својата последна седница донесе одлука за донесување на закон за изменување на Кривичниот закон на Република Македонија. Донесувањето на овој закон е со цел да се зајакне казнената политика во однос на недозволеното поседување и трговија со оружје.

Собранието на Република Македонија го донесе Законот за доброволно собирање на нелегалното оружје. Овој Закон треба да биде чекор напред во поглед на поголемата безбедност и сигурност на граѓаните во државава. За оние кои нема да го предадат нелегалното оружје во предвидениот рок, се предвидени ригорозни казнени мерки.

Во текот на собраниската расправа за донесувањето на овој Закон долго време се поставуваше прашањето какви се очекувањата и што ќе се постигне со него.

Господинот Радивоја Јовановски, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на РМ, вели дека овој Закон не треба да го поврзуваме со какви било очекувања. Според него, важно е да се подготви јавноста и да се укаже на предностите и последиците доколку граѓаните не го почитуваат. Сепак, господинот Јовановски се надева дека ќе успее оваа акција и дека ќе се постигне добар резултат. А добриот резултат, како што потенцира државниот секретар во МВР, ќе зависи од климата и условите кои ќе се создадат на теренот. Во јавноста се шпекулира со бројот на парчињата нелегално оружје.

Сметам дека овие бројки се ирелевантни, затоа што се манипулира со бројки од 50.000 до 700.000. Да се манипулира со бројка од 10 до 50.000 би било во ред, меѓутоа манипулациите од 50.000 до 700.000 потврдуваат дека и тие што ја кажуваат таа бројка фактички немаат никаква логична претпоставка за да може да стане збор за некоја конкретна количина. Ние тргнавме од препоставка дека има некоја поголема количина такво оружје, што се покажува и во секојдневното живеење. Меѓутоа, не сакавме да излеземе со претпоставки, бидејќи тоа подоцна би било некакво мерило за тоа дали акцијата била успешно спроведена. Би било успех да собереме поголема количина, а камо среќа таа одредена количина да биде приближно до онаа што ја има илегално во РМ. Независно од тоа колкава количина на оружје ќе се собере, важно е тоа што сега им даваме можност на граѓаните, врз основа на добра волја, да се ослободат од оружјето, вели господинот Јовановски.

Законот треба да го спроведува координативно тело, кое, како што објаснува господинот Јовановски, деновиве треба да се формира. Тоа ќе донесе национална програма, а во неа ќе бидат определени пунктовите каде ќе се собира оружјето.

Господинот Јовановски коментира дека ако по завршувањето на акцијата добијат одредени сознанија дека некои граѓани не го предале оружјето, ќе направат претрес на местата за кои се сомневаат и ќе користат соодветна техника за да го пронајдат оружјето.

САНКЦИИ

Кога станува збор за собирање на оружјето, народот оваа акција си ја поврзува со т.н. "Жетва" во 2001 година, која се покажа како неефикасна. Па затоа и си го поставува прашањето дали оваа акција ќе ја доживее истата судбина. Господинот Јовановски потенцира дека не би сакал да ги споредува тие две акции, затоа што како што и самиот вели т.н. "Жетва", всушност, и не била акција.

Тоа беше некоја спогодба постигната со Рамковниот договор и одредено ветување од страна на партнерите Албанци дека ќе дадат одредена количина оружје. Она што го дадоа сметаа дека е токму тоа што треба да се даде. Таму немаше последици, односно примена на ригорозни мерки, доколку не го предадат оружјето. Овој Закон е последната опомена и предупредување до граѓаните дека треба да се ослободат од оружјето, вели господинот Јовановски.

Според државниот секретар во МВР, соодветните санкции кон граѓаните што го задржале нелегалното оружје, по завршувањето на акцијата, без разлика на нивната етничка припадност, ќе биде доволен мотив за успешно спроведување на Законот за собирање на нелегално оружје. Затоа, со измените на Кривичниот закон, се предвидува казнената мерка да се заостри, при што за сторителот на кривичното дело кој неовластено изработува, држи или продава, набавува или врши размена на оружје, се предвидува казна затвор од една до десет години.

Сакам да нагласам, вели господинот Јовановски, дека како стимулација за граѓаните кои ќе го предаваат оружјето е тоа што, доколку не сакаат, нема да бидат евидентирани. Освен тоа, не мора лично да го носат оружјето. Тоа може да го направи одреден претставник од месната заедница, локалната самоуправа итн. Оние што сакаат да го легализираат оружјето, доколку ги исполнуваат законските услови, може на лице место да пополнат формулар, да се идентификуваат, да го пријават парчето оружје и да го легализираат.

Веќе се работи на изготвување на Предлог-закон за набавување, поседување и носење оружје, кој во најскоро време ќе биде доставен до Владата на РМ. Со предвидените измени, како што потенцира државниот секретар во МВР, од граѓанинот кој и досега имал дозвола да поседува и носи оружје, ќе се бара оружјето да не го носи на јавно место. На овој начин, тие сакаат да ги натераат граѓаните да сфатат дека не им треба оружјето на улица, кафеана, натпревар, каде што заради конкретна ситуација, инцидент, може да посегнат по оружјето и да направат кривично дело.

ДОВЕРБА

Иако Владата треба доследно и ригорозно да го спроведува Законот на целата територија на РМ, народот си го поставува прашањето како ќе се спроведува овој Закон во кризните региони, бидејќи таму очигледно ситуацијата не е под контрола на безбедносните сили на РМ. Господинот Јовановски вели дека оваа акција ќе се спроведува секаде подеднакво.

Јас не би се согласил со констатацијата дека ситуацијата во кризните региони не е под контрола на безбедносните сили на РМ. Нормално не можеме да речеме и дека имаме апсолутна контрола, затоа што лечиме рани кои се наследени од пред година - две и кои можеби ќе се лечат и понатаму. Напорите на оваа власт се полека да ја смири ситуацијата, да се создаде доверба на теренот. Според нашите сознанија, т.н. АНА или некои други групи независно како и да се викаат, кои се појавуваат во некои места, сега немаат широка поддршка од меѓународниот фактор и од месното население, како во претходните години. Станува збор за заостанати структури од претходниот период кои можеби се носат со одредени свои размислувања. Меѓутоа, ние работиме на тоа да создадеме доверба кај граѓаните, да ги убедиме дека соживотот е единствена шанса во оваа држава и сметаме дека полека со поддршка, пред се, од политичките партии, ќе можеме да ја спроведеме акцијата на целата територија и нема да правиме разлика меѓу населението, објаснува Јовановски.

Во Собранието на РМ долго време се водеше расправа за составот на координативното тело кое ќе има кредибилитет и механизми да ја спроведува оваа акција. Меѓутоа, господинот Јовановски смета дека таквата расправа била непотребна. Според Радивоја Јовановски, координативното тело треба само да ги воспостави основните рамки, да ја донесе националната програма, да каже што се треба да се направи, да ја информира јавноста, да ги активира сите структури во државата, пред се да ги анимира политичките партии и структури, а на пратениците да им додели конкретна задача.

Некој сакаше да ја наметне тезата дека МВР треба да ја спроведе таа акција. МВР дејствува и превентиво, но пред се е орган на присилба и закана, кој кажува дека треба да се почитуваат законите. Во конкретниот случај велиме дека не употребуваме присилба, туку го убедуваме народот дека треба да го врати оружјето. Затоа нашата идеја, односно идејата на Владата, беше главни носители на координативното тело да бидат токму структурите на Парламентот, бидејќи тие ги држат работите во свои раце во поглед на политичкото дејствување. Затоа го проширивме координативното тело, а во него ги вклучивме претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, пратениците, невладините организации итн. На тој начин создадовме едно тело за кое сметаме дека ќе може да дејствува на широк простор и во широки размери за да може да ја постигне целта, вели Јовановски.

Меѓутоа, успешното спроведување на акцијата ќе зависи, меѓу другото, и од политичкото дејствување на Демократската партија на Албанците, чии пратеници во овој момент не учествуваат во работата на Парламентот. Јавноста стравува дека ДПА може да не ја поддржи оваа акција.

ДПА, објаснува господинот Јовановски, сигурно дека е важен фактор на политичката сцена. Убеден сум дека и претставниците на ДПА размислуваат на ист начин како и ние. Сигурно дека некаде има и некои структури, односно некој кој размислува поинаку. Но, и тие луѓе знаат што значи оружје и какви негативни појави може да предизвика секој нивен збор и обид за бојкот. Верувам дека и тие на ист начин ја третираат опасноста од оружјето и знаат какво зло е оружјето кај нив дома, во средините каде живеат, а и за остварување на одредени цели. Ако некаде некој се раководи од поинакви намери, тоа кратко трае. Секогаш се губитници оние кои размислуваат на таков начин.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"