езбедносната состојба во
Република Македонија е кревка. Ништо не е сменето од 2001 година. Се
останува по старо. Мешаните полициски патроли не се мешаат во внатрешните
работи, односно не мрдаат ни со малиот прст, иако тоа им е задача. Во
меѓувреме, сепак, од лошо ни се случува полошо - Сопот. Поради него е
организиран албански бунт против државата која е уценета, бидејќи си ја
вршела основната задача: фаќање сомнителни лица кои организирале
терористички чин.
Албанскиот национал-шовинизам горопадно се шири како САРС-от и зема се
поголем замав во Липковскиот, во Скопскиот и во Тетовскиот регион, а
надлежните политички, државни структури и институции не преземаат мерки за
спречување на ваквата состојба. Очигледно, политичките наследници паднаа на
испитот. Поправен нема, бидејќи скоро две години учествуваме во истиот
циркус, а амбиентот во кој живееме не е сменет: насилства, разбојништва,
тероризирање на албанско и македонско население, грабежи, убиства и уште што
нема да доживееме.
НАПНАТОСТ
Ултиматумот што неодамна & беше поставен на полицијата за ослободување на
двете лица осомничени за подметнување на мината во близина на село Сопот
останува, иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и заменик-министерот за внатрешни
работи, Фатмир Дехари, по посетата на селото Ваксинце, се обидоа да не
убедат во нешто сосема друго. Безбели ситуацијата е под контрола, а овде
мириса на барут и бијат воените барабани.
Оружјето повторно е "на готовс"!
Информација ја демантираше т.н. командант Чакала, според кој уцената е во
сила. Тој зборувајќи во името на Здружението на поранешните членови на ОНА,
потенцираше дека останува барањето да се ослободат двајцата жители на Сопот.
Наспроти него, Министерството за внатрешни работи останува на ставот дека во
случајот "Сопот" сите преземени активностите биле предвидени според законот
и дека не е подготвено да се пазари кога станува збор за неговото почитување.
Меѓутоа, албанското население од Липковскиот регион се уште е на нога
подготвено да преземе воени мерки, заканите се живи, бидејќи доколку не
бидат ослободени двете приведени лица при акцијата на МВР во селото Сопот,
ќе бидат киднапирани полицајците кои патролираат во овој крај. Инаку, на
средбата на Ахмети и Дехари со претставниците на т.н. "Отпор од Липковскиот
регион" е договорено да се вложат напори за надминување на состојбата,
настаната по приведувањето на лицата. Исто така, од овој состанок произлегол
заклучокот кој наводно потенцирал дека на судските органи треба да им се
остави простор да дејствуваат за да утврди дали приведените се виновни или
не. За овој настан, Ахмети го информирал меѓународниот фактор и институции,
а на премиерот Црвенковски му било укажано дека ова не смее да се случи,
зашто "ние нема да сносиме никаква одговорност за евентуалните последици во
Липковскиот регион", подвлекол лидерот на ДУИ. За таа цел треба да се испита
целиот случај, а било одлучено да се формира државна комисија составена од
тројца Македонци и тројца Албанци, како и еден претставник на меѓународната
заедница.
Но, информациите за успешните разговори и повлекувањето на ултиматумот ги
негираше командантот Чакала. Според него, ултиматумот останува да живее се
до оној момент кога ќе се остварат барањата.
Поранешните членови на ОНА бараат ослободување на двајцата жители на
Сопот, а ако Советот за безбедност на Македонија не преземе одговорност за
случајот, ние ќе се собереме и ќе одлучиме за другите чекори што ќе ги
преземеме. Бараме одговорност од СДСМ и од ДУИ, потенцира Чакала, кој се
претставува како припадник на Здружението на поранешните борци на ОНА.
Тој отфрла секаква поврзаност на Здружението со АНА, истакнувајќи дека
контактира со командант Хоџа, а за разговорите со Ахмети вели дека се
прекинати од почетокот на мај.
Според командантот на Регионалниот штаб на европските сили за Куманово -
Липково, Дитер Браун Херфен, европските сили се информирани за ултиматумот
на Чакала, поранешен припадник на ОНА.
Не знам колку сериозно треба да го разбереме овој ултиматум. Во секој
случај, треба повторно да почнеме разговори со него, изјави Херфен.
Тој ги демантираше информациите дека меѓународните тимови престанале да
патролираат во овој регион: "Состојбата во Липковско е мирна, но не и
сталожена".
Преземените мерки се во рамките на законот и МВР не е подготвено да се
пазари кога станува збор за почитување на законот, изјави
гласноговорникот на македонската полиција, Мирјана Контевска. Според неа,
МВР има обврска пред законот и граѓаните да презема мерки за пронаоѓање на
сторителите и да ги остварува своите надлежности во рамките на законот.
Поради поврзаноста со терористичкиот акт кај Сопот, полицијата приведе
две лица за кои се поднесени кривични пријави. Лицата стојат на претходно
дадените изјави за инволвираност во терористичкиот акт. Единствено за што
МВР може да си забележи е тоа што во акцијата не беа вклучени мешаните
полициски патроли поради спецификата на активностите, неопходноста од
високиот професионализам и брзината на изведувањето на акцијата, изјави
Контевска.
За евентуалното пречекорување на овластувањата на припадници на МВР при
изведувањето на акцијата во Сопот, во МВР е формирана работна група која ќе
врши преиспитување на случајот, рече порпаролката на МВР.
НОВА ГРУПА
Се уште не беше легната прашината околу случајот Сопот, а веќе во
медиумите се појави нова закана. Имено, група од триесетина добровооружени
лица, како што пишува "Дневник", предводени од извесен командант Мија,
неодамна од Косово се уфрлила во земјава, кај скопските села Рашче и Кондово.
Тие влегле во Македонија преку див граничен премин кај селото Горно Нераште.
Групата вршела терор и изнудувала пари од локалното албанско население. Но,
секојдневно неколку луѓе од групата со ист автомобил го следеле полициското
возило на етнички мешаните патроли додека било во обиколка во селата Кондово,
Горно и Долно Свиларе, Рашче и Радуша. Истите извори за "Дневник"
претпоставуваат дека вооружената група направила свој воен камп на ридовите
зад исламското училиште во селото Кондово, во атарот на боровата шума.
Според полицијата, секоја вечер од ридовите на овие скопски села се слушале
пукотници од автоматско оружје, а пред извесно време пукотниците биле со
толкав интензитет што патролата на полицијата, која ја завршила редовната
обиколка на теренот, не можела да се врати во станицата во "Ѓорче Петров".
Таа морала со возилото да кружи по заобиколниот пат и преку селото Копаница
да се врати во полициската станица. Истите извори за весникот тврдат дека
вооружената група неделно изнудувала по 2.500 евра од жители на селото
Свиларе, а најлошо минал жител на Радуша, роднина на потпретседателот на ДПА
Мендух Тачи, од кого бандитите барале да им исплати 150.000 евра.
Локалното албанско население за ова веќе разговарало со полицајци и бил
информиран Рафиз Алити, пратеник на ДУИ од изборната единица што го покрива
овој реон, кој од влегувањето на групата од Косово воопшто не се појавил
меѓу своите соселани. Според неговите соселани, тој доаѓал само навечер, а
наредниот ден рано заминувал. Месното население не сакало случајот јавно да
го пријави во полициската станица во "Ѓорче Петров", бидејќи било исплашено
од вооружената група.
Од МВР за овој случај велат дека навистина во последниве денови
регистрирале зачестени истрели од огнено оружје во тој реон кои биле
забележани и од страна на граѓаните од скопската населба "Ѓорче Петров".
МВР засега нема оперативни сознанија за дејствување на вооружена група во
тој дел од Скопско. Регистрирано е нарушување на јавниот ред и мир со огнено
оружје во овие села во изминативе неколку дена. Полицијата работи на
откривање на сторителите. За време на викендот се пукаше од автоматско
оружје во Крушопек. Но, тоа биле пукотници на свадбена веселба, изјави
Мирјана Контевска, портпарол на МВР.
Марјан Ѓуровски, портпаролот на Министерството за одбрана, изјави дека
караулата "Радуша" функционира нормално и досега не регистрирала вооружени
групи на граничниот појас.
Граничната бригада на АРМ редовно патролира на теренот и досега нема
регистрирано уфрлувања на групи од Косово на тој дел од границата,
истакнува Ѓуровски
Пред два броја, "Македонско сонце" укажуваше дека на улица "Вардарска" во
Тетово во куќи, кај јатаци на т.н. АНА, биле сместени 100 поранешни
припадници на ОВК, а сега членови на Косовскиот заштитен корпус. Тоа го
тврдеа наши извори блиски до безбедносните структури. За ова беа
предупредени сите раководни структури во полицијата и во АРМ, односно МО.
Но, тие проценуваа дека не претставуваат некоја закана за безбедноста на
Република Македонија. Меѓутоа, нив ги демантираа последните крвави матурски
пресметки што по национална основа се случија во Тетово. Индициите укажуваат
дека членовите на КЗК се инволирани во овие настани, а се подготвуваат и за
други посериозни акции во овој регион. Последните зачестени грабежи и уцени
на улица "Илинденска" се нивно дело, бидејќи тетовската полиција располага
со информации за нивното движење и активностите. Но, поради стравот и
специфичната ситуација, велат нашите извори, не се преземаат посериозни
акции за нивно приведување и протерување од земјава. За таа акција потреба е
дозвола од Скопје од централата, но од таму се уште нема зелено светло за
чистење на теренот.
Одредени аналитичари на безбедносната ситуација во Република Македонија
оценуваат дека таа е влошена. За ова знаат и меѓународните фактори и
Премиерот и Кабинетот на Претседателот. Но, никој не сака јавно да ги
коментира тивките бунтови во Липковско и во Тетовско, бидејќи тоа би
претставувало покачување на тензијата и зголемување на температурата во
земјава. За ова сите се свесни во државава, бидејќи таа не ги контролира
овие територии, а со нив "стопанисуваат" одредени локални моќници. Дали
институциите на државата имаат моќ да го спречат понатамошното дивеење на
"бандитите", како ги нарекуваат, зависи од политичарите кои немаат храброст
да се пресметаат со предизвиците на тероризмот. Но, очигледно тој е во
подем, а локалното население го поддржува, бидејќи ако до сега сакаа да ги
истераат "дојденците" од ОВК, тоа ќе го стореа и ќе ги избришеа насилниците
од својот праг. Меѓутоа, сега како што стојат работите се повеќе ќе
учествуваме во трагикомедијата "Сопот" во која државата умира, бидејќи нејзе
& се скусени рацете.