ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

МАКЕДОНСКА САГА НА ЅИД

Гог ма Гог

Да не беше Весна (Петрушевска) кој ќе не вртеше, како што не врти незаситената и непросветена македонска бирократија што секогаш сама себе си објавува војна и моли Господ да не ја добие? Вртелешката на Весна барем успива, разгалува, ама вртелешката на бирократијата убива и морничави!

И појавата на Чуму, на Чомо е ајазматична. Нејзината светост треба, барем со таква намера и почна, да ги осветлува темните страни на нашата стварност и да преземе улога на светилиште кај што понижените ќе побараат малку одважност, а онеправданите - правда.

Зошто велат дека бирократијата е најблискиот, најнепосредниот и најнеранливиот непријател на државата која сама себе се - убива? Нема власт што куртулила од сопствената бирократија. А, секоја власт толку многу вложува во нејзиното создавање! Никогаш не се знае која бирократија е полоша: онаа економската, управната, воената, полициската, образовната, здравствената или световната, црковната. Сите тие ги создадовме ние, демек да ни се најдат, да ни го направат животот по(не)поднослив, да не бранат од самите себе.

Бирократите се строго чувани реликти. Тие никогаш не сакаат за нив често и повеќе да се зборува. Не знам што & се случи на црковната бирократија што толку многу се отвори во последно време. Мора да е некое поголемо тектонско нарушување на главните носачи на световната власт, која очигледно не е проектирана да го издржи!

И од која провиниенција да се, бирократиите си личат како јајце на јајце, а бирократите како во романите на Достоевски - час херои, час маченици... Меѓутоа, има и исклучоци. Како да се најде пример за владиката Петар, еден чудесен, необјаснив црковен феномен, што располага со од прилика "сто фрази", а толку успешно се става во одбрана на своите - образи?! Неговата појава на македонското е повеќе загадочна од Исусовата појава на христијанското црковно небо. На новинарите им "фрла коски", а на народот - "ножеви". До вчера беше најголемиот ктетик Јованов. Сега се кае што не - знае. А, токму Јован и други "јованчиња" така видливо се испилија од скутот Петрев!

Но, што е тоа важно. Важно, црковната бирократија меле, и како и сите други бирократии, не држи во "приправна" состојба, случајно да не се опаметиме, па да не станеме држава, да влеземе во Европа, да почнеме да работиме... Сега му текна на дедо Петар да каже: "...До неодамна водевме сметка да не се нарушуваат односите со СПЦ, но сега дојден е нож до грло, и се ќе кажеме што ја интересира јавноста"!

И пак ништо не кажуваат, туку "замумлуваат". Одат во Царигради, во Враци, во Врања, во Атини, во Москви, се надмудруваат, ветуваат. Во Ниш им подметнале Новосадски документ!? Господе Боже, од која тоа ние "ретардирана" школа потекнуваме, да можат да не прилагодуваат како што сакаат?

Битката за афтокефалноста ни ја префрлаат на најчувствителното, борбено поле за - името? Не, целта им е друга: да не истоштат, да не маргинализираат... Барем дедо Петар треба да знае, ако не знае, дека "секој има свое име што му го одредил Бог, што го добил со неуспеси или успеси, што му го дале непријателите или пријателите, секој има свое име што му го прифатиле соседите и далечните"! Некој ја убива, или сака да ја убие, нашата чиста и јасна настојчивост да бидеме автокефални, независни од сите цркви на светот.

Сега кога народот тргна по црквите да се венчава, да се крштава и да му служи на Бога, некои таму одметници истиот тој народ го заплашуваат дека ниедна венчавка, и крштавка, и закон, и причесна, и прочка не важат.

Македонскиот гоблен е сага закачена на ѕид. Светот се воодушевува, се чуди и се крсти. Ние сме тоа што сме: некои сакаат да бидеме, некои сакаат да не - нема... Овие вториве сами себе се неќат!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"