ИНТЕРВЈУ

Доцент д-р Владимир Какуринов, Земјоделски факултет во Скопје

ЕВРОПА НЕ НЕ САКА БЕЗ КОНТРОЛИРАН И ЗДРАВ ПРОИЗВОД

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Кај нас во последно време се купуваат производи со знакот на квалитет, бидејќи на тој начин потрошувачите знаат дека тоа е контролиран и стандарден производ. Многу е тешко да се добие производ со ознака - Хасап, бидејќи тоа значи континуирано контролирање на квалитетот и безбедноста. Хасап значи контролиран и здрав производ.
  • Во Македонија постои Закон за безбедност на храната и во самиот Закон стои една точка која вели дека системот за безбедна храна, или Хасапот, треба да се спроведе во рок од една година. Мое лично мислење е дека тоа е преамбициозно за наши услови. Она што е реално во моментов е спроведување на широка кампања помеѓу сите производители за запознавање со овој систем.

Владимир Какуринов, доцент на Земјоделскиот факултет, е соработник на Министерството за економија за спроведување на Хасап - системот кај нас со помош на Проектот на ГТЗ (Германска техничка соработка). Преку повеќе семинари и организирани посети на германски компании се очекува овој процес да се забрза и македонските компании за производство на храна веќе во наредната година да настапат конкурентно на странскиот пазар. Без постоење на Хасап - системот, македонскиот производ станува неконкурентен на светскиот пазар.

МС: Господине Какуринов, македонските производители на храна наскоро во својот процес на производство ќе мораат да започнат со примената на Хасап - HACCP (Hazard Analysis Critical Control Point), системот што во слободен превод би значело анализа на ризикот и контрола на критичните точки. Што поконкретно се подразбира под поимот Хасап?

КАКУРИНОВ: Најнапред, самиот збор Хасап значи анализа на ризикот и критичните контролни точки. Тоа би значело дека целиот систем е базиран на начин да се добие здрав и квалитетен производ со што ќе биде заштитено здравјето на потрошувачите. Тоа е крајната цел на Хасап. Овој систем за првпат почна да се развива за вселенските програми на НАСА, а го развиваше една американска прехранбена корпорација. Но, со текот на времето примената на овој систем зема замав и во целата прехранбена индустрија во САД. Денес Хасапот не е непозната работа, тоа е цел еден систем на контролни мерки за да се добие производ контролиран од самиот производител. Тоа би значело и дека се избегнува стариот начин на испитување на производи со земање на мостри за анализи по добивањето на крајниот производ. Самиот производител е одговорен за безбедноста на производството, а тука е вклучена и личната одговорност. Со Хасап се избегнуваат и дополнителните трошоци за анализи при контролите на производите. Државата во која било земја во светот е должна два пати годишно да направи ненајавена контрола на претпријатијата. Во случај да се утврди одредена неправилност дека не се работи според стандардите, можни се ригорозни мерки, дури и затворање на претпријатието.

МС: Овој систем се однесуваат на контролата на производите со една единствена цел - заштитата на здравјето на потрошувачот. На кој начин ќе бидат заштитени потрошувачите?

КАКУРИНОВ: Ќе тргнеме од неколку други претпоставки коишто се повеќе познати од маркетиншки аспект. Сите ние знаеме дека ако еднаш утврдиме оти некој производ е квалитетен, ние продолжуваме да го купуваме. Кај нас во последно време се купуваат производи со знакот на квалитет, бидејќи на тој начин потрошувачите знаат дека тоа е контролиран производ. Многу е тешко да се добие производ со ознака - Хасап, бидејќи тоа значи континуирано контролирање на квалитетот. Хасап значи контролиран и здрав производ. Доколку се случи грешка во самата контрола на Хасапот, веднаш се знае кој е виновникот за настанатите пропусти и грешки. Хасапот е доста ригорозна мерка во светот што гарантира дека производот е здрав и квалитетен. На потрошувачите од Европската унија, сосема им е јасно што значи производ со ознака - Хасап.

ЗАКОН

МС: Со примена на Хасап сиатемот се избегнува секаков ризик за здравјето на потрошувачот и тие ќе мора да бидат прифатени од страна на производителите на храна, бидејќи тоа го наложува Владата и европскиот пазар. Каква е конкретната улога на Владата, односно на Министерството за економија во контролата на квалитетот на производите?

КАКУРИНОВ: Кај нас постои Закон за безбедност на храната и во самиот Закон стои една точка која вели дека системот за безбедна храна или Хасапот треба да се спроведе во рок од една година. Мое лично мислење е дека тоа е преамбициозно за наши услови. Она што е реално во моментов е спроведување на широка кампања помеѓу сите производители за запознавање со овој систем. Хасап подразбира три сегменти. Едниот се фармерите, односно производителите на суровини, вториот сегмент се преработувачите на храна и третиот сегмент опфаќа дистрибуција со трговија. Дури на крај доаѓаат потрошувачите. Хасапот треба да дејствува во сите три сегменти. Во нашата држава се уште немаме формирано Дирекција, Агенција или соодветно државно тело кое ќе биде одговорно за имплементација и контрола на Хасапот. Немаме формирана инспекциска служба, ниту постојат подзаконски акти. Во овој момент освен Законот не е прецизирано кој што може да работи од областа на Хасап. Вториот проблем е на ниво на министерства, затоа што постои преклопување во однос на нивните овластувања при контрола на храната. Во моментов кај нас постои тенденција контролата на храната да се концентрира во едно министерство. Тука се можни одредени манипулации и ние не смееме да си ги дозволиме грешките кои ги правеа земјите од Европската унија пред нас. Во Велика Британија пред десет години евидентни беа истите проблеми како денес кај нас. Кај нив на крај со одлука на Владата се создаде независно тело за контрола на храната во кое се вклучени членови на сите засегнати министерства. Сите тие заедно донесуваат подзаконски акти и се што е потребно за контрола на храната. На тој начин целиот систем на контрола на храната е заокружен на едно место и секој точно ја знае својата улога. Тоа е она што Македонија, а особено Министерството за економија, во последно време се обидува да го направи. Не е можно само едно министерство да го контролира целиот процес. Со оглед на тоа дека овој систем е мултидисциплинарен не смее да се дозволи само едно Министерство да ја води целата контрола. Не смееме да ги повторуваме грешките на другите. Денот кога ќе влеземе во ЕУ ние ќе мораме да се прилагодиме на нивните стандарди. Подобро е тоа денес да го направиме, отколку да чекаме утре тие да не предупредуваат.

КОНКУРЕНТНОСТ

МС: "Сите оние производители кои ќе сакаат да бидат конкурентни на странските пазари ќе мора да го применат Хасап системот во процесот на производството", вели д-р Хелмут Штајнкамп од германскиот Институт за прехранбена индустрија и консултант на ГТЗ-ПСП Проектот "Поддршка на приватниот сектор" во Македонија. Што би коментирале за ваквата констатација?

КАКУРИНОВ: Ниту една буква не е погрешна во изјавата на Штајнкамп. Бидејќи сме членка на СТО, кај нас станува неопходно постоењето на Хасап без кој нашите производи едноставно нема да бидат конкурентни на пазарите во светот. Но, со оглед на фактот дека ние во безбедноста на храната заостануваме во поглед на законската регулатива, формирањето на телата и слично, многу тешко ќе & биде на РМ да извезува домашни призводи на странскиот пазар. Странците веднаш прашуваат дали производите се производени според Хасап, а ако не се, производот не може да се продаде. Има примери со многу фирми од РМ кои соработувале со германски фирми, но поради непостоење на Хасап, соработката е прекината. Германските потрошувачи бараат производство по Хасап системот, а тоа го бараат и од македонските производи. Веќе оваа година почнуваат да се откажуваат договорите за извоз на одредени македонски производи, не поради тоа што немаме квалитетен производ, туку едноставно поради не постоење на Хасап.

МС: Во Европа Хасап е широко применет од производителите со цел да се вгради систем за самоконтрола во процесот на производство и да се спречи какво било микробиолошко, хемиско и физичко загадување на производот, а со тоа и ризикот по здравјето на конзументот. Каква е состојбата кај нас?

КАКУРИНОВ: Веќе и претходно кажав каква е состојбата кај нас во поглед на законската регулатива. Морам да потенцирам дека има објективни и субјективни причини за тоа што сме на ова ниво со Хасапот. Објективна причина е тоа што кај нас е овој систем на производство на храна е релативно нов и кај нас секогаш недостасуваат инвестиции и информации. Втора работа е што кај нас секојпат се почнува со помали средства, па постепено се напредува, бидејќи таква ни е економската моќ. Но, Хасапот бара определена шема и линија на производство што за производителот значи трошење на дополнителни средства. Кај нас нема такви банки што ќе даваат кредити со ниски камати за да можат производителите да вложуваат. Заостануваме и во поглед на информираноста зашто доста наши експерти дознаа за овој систем преку вклученост во странски проекти или со лична заинтересираност. Потребно е пошироко информирање за новите системи. Денес кај нас мора да се поведе поширока кампања кај производителите за да имаат предвид дека - ако сакаат да извезуваат, мора да имаат Хасап. Тука државата треба да воведе и рок за реално реализирање на Хасап системот.

КОНТРОЛА

МС: Што подразбира Хасап контрола на производниот процес и на готовиот производ?

КАКУРИНОВ: Нивото на контрола кај Хасапот се сведува на нивото на производител. Ќе посочам еден пример со преработувач на млеко кој контролата на преработката ја врши сам во сопствени лаборатории. Приемот на млекото според Хасап треба да биде со потврда на производителот дека тоа е произведено безбедно. Потоа од преработувачот на млеко дистрибутерот ќе бара потврда дека млекото е безбедно произведено. Според оваа хронологија, директно може да се откријат пропустите и да се утврди виновникот.

МС: Во Македонија постојат повеќе компании кои започнуваат со примена на Хасап стандардите, но сепак имаме и обратни случаи. Каква е Вашата констатација? Дали и колку компаниите во РМ внимаваат на европските стандарди при производството?

КАКУРИНОВ: Колку што мене ми е познато, досега Хасап има спроведено само во Скопска пивара и во Мекдоналдс. За другите претпријатија - можам да кажам дека се прават напори за спроведување на Хасап во Битолската млекара. Во последниве неколку месеци со помош на ГТЗ-ТТ и ГТЗ-ПСП се спроведува Хасапот на иницијално ниво во конзервната, месната и млечната индустрија. Тоа се вкупно 12 фирми што е многу малку, а е директен резултат на недоволната информираност. Тоа се користи од страна на некои консултантски фирми кои велат дека спроведувањето на Хасапот не е нешто тешко. Тие, впрочем, даваат погрешна слика за Хасапот, кој во суштина е многу сериозна работа. Кај Хасап системот исто треба да се внимава при неговата имплементација да бидат вклучени луѓе кои работат во фирмите што го имплементираат.

МС: Дали примената на Хасап оди малку потешко поради соочувањето на компаниите со економски проблеми и застарената опрема, така што тие не се во состојба да се концентрираат само на квалитетот на производот?

КАКУРИНОВ: Има голема вистина и во тоа. Постојат многу економски проблеми кои се врзани со Хасапот. Но, за разлика од ISO кое не е предуслов за продажба, се покажува дека иако Хасапот во ЕУ не е законска предуслов за купување, самите увозници бараат Хасап. Нашите извозници мора да изнајдат начини да го спроведат Хасапот. Според мене, малите приватни компании можат многу лесно да се вклопат во Хасап, ако вработуваат млади кадри кои ќе ги пуштат да се едуцираат за таа област. Ме радува што ова во Македонија веќе се практикува и многи млади луѓе веќе се едуцираат во овој правец. Потешко е со фирмите со тешки економски состојби.

МС: Дали кон крајот на годинава кај некои производители можат да се очекуваат и првите резултати од примената на Хасап системот?

КАКУРИНОВ: До крајот на годинава Битолската млекара би требало да го имплементира Хасап системот. Но, кај преостанатите не е реално да очекувате за кус временски период од година дена да се спроведе Хасап. Треба да се дојде до ниво на воведување на тимови за Хасап, да се заврши со воведување на определени постапки за спроведување и точно запознавање на самите тимови што конкретно треба да прават. Но, тоа е далеку од вистинска имплементација на Хасап, бидејќи тоа подразбира и сертификација која треба да ја изврши национално тело што треба и да врши контрола.

МС: Како се случи токму Вие да бидете соработник на Министерството за економија за спроведување на Хасап стандардите кај нас?

КАКУРИНОВ: Јас сум само еден од соработниците на Министерството за економија. Може да се каже дека кај нас постојат доста консултантски куќи и некои од нив се доста добро екипирани, но има и такви што не се. Бидејќи кај нас нема законска регулатива, се потпираме на неколку важни работи. Во тој поглед, барем кога станува збор за Министерството за економија, тоа секогаш соработува со веќе постоечките научни институции. Со оглед на тоа дека станува збор за прехранбени продукти, логично е Министерството да се обрати и до Земјоделскиот факултет во Скопје чијашто работа покрај науката е и едукација во системот на производство на храна. На нашиот факултет постојат луѓе коишто веќе се занимавале со оваа работа и биле на престој во странство токму за оваа проблематика. Од друга страна има и луѓе кои веќе работеле на "Знакот на квалитет" и се обучени за овој систем. Значи, има повеќе луѓе кои преку досегашната работа веќе се запознати со Хасап. Во рамките на Министерството за економија соработуваме како тим од осум луѓе од различни области. Ние не сме консултантска куќа, ниту соработуваме од финансиски аспект, туку наша работа е да даваме совети. Нема потреба работите да се прават без ред. Мене лично ми се допаѓа што Министерството за економија за оваа проблематика консултираше многу стручни луѓе. Ме радува ваквиот почеток на активностите на Министерството, бидејќи така се прави и во преостанатите развиени земји. Мислам дека е добро што Министерството за економија соработува со ГТЗ и УСАИД преку кои може да се добијат солидна помош и совети. Мислам дека ние треба да се угледаме на земјите кои се покажаа како успешни, но и да се учиме на нивните грешки. Сметам дека кај нас работите ќе се одвиваат во добра насока.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"