ленот на Синодот на Српската
православна црква и епископ нишки Иринеј изјави дека очекувал бурни реакции
и осуди од "канонски непризнатата Македонска православна црква" на одлуката
на СПЦ да формира синод на "автономната Охридска архиепископија".
"Еден Митрополит на МПЦ веќе е суспендиран од вршење свештена дејност, а
тоа ги очекува и преостанатите ако до септември не стапат во канонско
единство со Пеќската патријаршија", вели Иринеј.
Потребен ли е коментар на ваквиот став кој во ниту еден сегмент од
својата содржина не се вклопува во христијанските, а пред се во
православните начела? Тој некого обезвреднува, обезличува, понижува, а
себеси се смета за возвишена раса, народ со привилегирана верска положба. Го
гази другиот, истородниот, православниот, не водејќи сметка дека со тоа го
гази и валка и онака се помалото православие во светот.
"Токму затоа тие остро реагираат и сигурно ќе ја ангажираат и државата.
Ние им понудивме да се вратат на состојбата од 1959 година, но тие со пуч
прогласија своја афтокефалност", додава нишкиот владика.
СПЦ притоа, заканувајќи се со нови санкции, уште еднаш ја повика, како
што ја нарекува "расколничката МПЦ" до 1 септември да го прифати предлогот
за заедништво со Српската црква.
Сега се поставува прашањето кој е вистинскиот расколник, кој од кого
произлегол и кој од кого се оттргнал, кој е постар, а кој помлад во
православниот свет. Класично лицемерие. Сепак, вината не можеме и не смееме
целосно да ја префрлиме врз другата, српската страна. Голем дел од вината за
состојбата во која и денес се наоѓаме ја сносиме и самите ние - како црква,
како народ, како држава. Ја сносиме вината затоа што не знаеме да
одреагираме на вистински начин и во вистинско време, не знаеме да му
зададеме удар на "натрапникот" кој ги руши постулатите на едно постоење.
Доцна се отрезнуваме, доцна ја сфаќаме заблудата во која долго време сме
биле. Ја сносиме вината затоа што во родот македонски имало и многу изроди
кои себеси се прелажале, себеси се продале и распродале на туѓите интереси.
И денес живееме со нив, го јадеме лебот со нив, ги трошат парите на
граѓаните кои се против таквите дела. Некој и натаму му дозволува или им
дозволува да продолжат со тенденциите на разградба не само на материјалното,
туку ете сега гледаме и на духовното.
ПОТТИК ЗА ПОТКОПУВАЧОТ
Деновиве беше речено дека црквата ќе преземе канонски норми против "арамилукот"
на поранешниот митрополит Јован и дека доколку се докажат сите негови
злодела може да следи расчинување. Зарем досега Јован не заслужи да биде
расчинет? Митрополитот Тимотеј истакна дека постои уставна норма за
спречување за дејствување на Јован како егзарх српски, но притоа потенцираше
дека тоа е работа на државата. Та нели црквата е одвоена од државата? "Црквата
нема такви институции да дејствува. Доколку државата стои на зборот, како
што се декларира, треба да преземе мерки", додава Тимотеј.
Зошто Синодот на МПЦ тактизира со одродниците и се уште ги крепи?
Одложувањето на таквите потези кои требаше да следат веднаш по првото
расколништво на Зоран Вранишковски само му даваат поттик на поткопувачот на
македонското вековно постоење да продолжи да атакува со уште поголеми и
пресилни зборови врз духот на македонскиот народ. Ова самото по себе ни го
наметнува сомневањето и размислувањето дека некој од епархиите на
Македонската православна црква стои зад налудничавата идеја на Зоран. Иако
никој досега јавно не ги поткрепил идеите на Вранишковски од редовите на МПЦ,
сепак постојат сомневања дека некој одвнатре, во Синодот ја кочи работата за
негово фрлање на буништето на срамот. Зачувувањето и одбраната на
автокефалниот статус и целовитоста на Македонската православна црква и
одбраната на нејзиното име кое е директно поврзано со националниот идентитет
на македонскиот народ и држава е стратешки интерес и на Црквата и на
македонскиот народ. Тука компромиси нема и не треба да има. Гласот на
народот, на јавноста, на институциите е јасен. На потег е Синодот на МПЦ кој
декларативно се изјасни против сето она што се наметнува од српскиот Собор.
Претстои практична реализација.
Спорно е, меѓутоа, размислувањето на некои дека треба да продолжат
преговорите меѓу Македонската и Српската православна црква. Зошто ние да
преговараме и со кого да преговараме? Зошто ние да бараме признание од
некого? Зарем не треба состојбата да се сврти поинаку и да дојдеме до една
обратна ситуација? Ако историските факти говорат дека Српската црква
произлегла од Македонската и дека нашата црква е мајка на српската, во тој
случај улогите треба да се променат. Самото пристапување кон преговори со
Соборот на Српската црква претставува аргумент повеќе дека ние бараме
признание од некого кој е посилен во православниот свет. Ако меѓу
православните народи постои рамноправност, Српската црква треба да се откаже
од позицијата на надреденост кон преостанатите цркви од опкружувањето,
посебно Македонската и Црногорската. На овој начин со самото одење на нашите
владици во Белград и барање признание од црковниот клан во Србија се
доведуваме во непотребна подредена позиција пред верските хегемонисти,
узурпатори и асимилатори. Целиот македонски народ треба да биде свесен дека
ако непризнавањето на афтокефалниот статус на МПЦ не стигнал со векови,
тогаш нема ни да стигне во скоро време. Јасно е дека преостанатите
православни цркви околу нас никогаш нема да се помират со фактот дека постои
самостојна и автокефална МПЦ. Доколку тоа го сторат и не признаат, ќе ги
потопат во вода соништата за елиминирање на Македонството од балканските
простори. Добро знаат дека признавањето на посебна црква ќе значи и
признавање на македонскиот народ, македонската држава и македонскиот јазик,
што во никој случај не им одговара на народите од нашето опкружување - и од
истокот и од северот и од југот.
БЕЗ КОМПРОМИСИ!
Саборот на СПЦ одлучил расчинетиот од МПЦ митрополит Јован да го постави
за епископ-велички, игуменот Јоаким за администратор на Полошко-кумановската
епархија, а дремвицкиот јероѓакон Марко за викарен епископ. Јован преку
медиумите најави дека поглаварот на СПЦ, г.г. Павле, наредниот месец ќе
дојде да ги хиротониса новоименуваните епископи, а и да издаде томос за "автономната
Охридска архиепископија". Тоа е јасен показател дека српската црква се
обидува духовно да го покори македонскиот народ наспроти волјата своја и
гневот што го прикажа сиве овие изминати месеци по тоа прашање. Кај народот
со векови наназад Црквата била нешто обединувачко, смирувачко и нешто што
дава позитивна енергија, така што мора да се негува и чува нејзиниот дух и
да & се помага во кризните моменти.
Деновиве се постави прашањето дали државата, Република Македонија, треба
да остане настрана од целата оваа новоразвиена ситуација придржувајќи се кон
начелото дека црквата е одвоена од државата. Пред извесно време, шефот на
српско-црногорската дипломатија, Горан Свилановиќ, изјави дека нема отворени
прашања меѓу Белград и Скопје и дека државата Србија и Црна Гора нема во
ниту еден случај да се меша во одлуките на Српската православна црква,
бидејќи таа не е овластена тоа да го прави. Од друга страна, пак, делегација
на македонската Влада предводена од премиерот Бранко Црвенковски одржа
консултативна средба со владиците од МПЦ за да ја разгледаат стратегијата за
понатаму. Владата и Македонската православна црква имаат апсолутно заеднички
ставови да се одбрани интегритетот и идентитетот на македонскиот православен
народ, на македонската држава и името на Македонската православна црква.
Дали со овој чин црквата и државата ги помешаа овластувањата и надлежностите?
Не, велат аналитичарите. Премногу е лицемерен ставот на министрите во
српската Влада дека "црквата е одвоена од државата" и дека немаат намера да
се мешаат во дејностите на црковното општење. Тоа е стратегија која наполно
им одговара на политичките струи во официјален Белград кои отсекогаш имале
резервиран став кон постоењето на македонска нација и македонска држава.
Се говори и се апелира за христијанско братство и христијанска љубов.
Која е таа нивна христијанска љубов, за ние да се откажеме од своето матично
име и од автокефалниот статус на светата црква? Повторно лицемерие и
празнина во духот на нашите соседи. Ако го смениме името на црквата, многу
полесно ќе биде и државата да го смени името. Тоа е притисок од грчкиот блок.
Оттука се поставува прашањето дали Српската православна црква е инструмент
во рацете на некои посилни структури кои немајќи начин да го совладаат
македонскиот опстој се обидуваат на најперверзен начин да ги елиминираат
душите на милиони православни верници расфрлени низ целиот свет, од
Австралија до Канада.
"Уривањето на темелите на црквата значи поткопување на темелите на
државата", истакнуваат Македонците од Австралија.
Душманите забораваат дека ваквиот нивен потег уште толку придонесува за
единство и сплотување на македонскиот народ без разлика каде е тој расеан и
на кои континенти живее. Стравот и конфузијата што ги обзема не им дава
можност за други решенија. Ќе живееме и натаму непризнати како и со векови
досега. Не треба со никого да преговараме. Ако почнеме или продолжиме со
Србите, утре некој ќе ни наметне да почнеме да разговараме и да наоѓаме
компромиси со Бугарите за јазикот и за нацијата, со Грците за името и
државата, со Албанците за територијата. Нема место и простор веќе за
компромиси. Секој нов компромис значи се помалку постоење на зборот
Македонија, на зборот македонски. Доста е, навистина доста е. Зарем треба и
ние да станеме агресивни како некои досега за да го одбраниме она што е наше?
Ако силата и притисокот даваат резултати, тогаш нема простор за двоумење.
Одредени прашања и ние како држава и како народ треба да ги поставиме под
знак прашање без разлика дали станува збор за Албанци, Срби, Бугари или Грци.
Нема од што да се срамиме и да се плашиме. Вистината е на нашата страна.
Време е некој да почне од нас да се плаши. Во името на вистината и правдата.
Време е некој друг да се срами и да се брани. Најмалку Македонците тоа треба
да го прават.