Средба Црвенковски - Груевски

Во средата во Кабинетот на Премиерот беше одржана куртоазна средба меѓу Црвенковски и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. По средбата Црвенковски истакна дека во иднина се очекува нормална и континуирана соработка на релација позиција - опозиција за што ќе претстојат серија средби на кои ќе се дискутира за стратешките државни интереси. Груевски подвлече дека се надева на една добра соработка помеѓу Владата и опозицијата кога се во прашање клучните национални, безбедносни и економски интереси на Република Македонија.

АНА објави војна

Албанската национална армија, преку писмо објавено на Интернет, се закани дека "за две недели ќе почне војна во Македонија", ако не се реши случајот "Сопот". Како причина за ваквата одлука во писмото, кое го пренесува "Факти", се наведува и "незадоволството од спроведувањето на Охридскиот договор".

Бошковски на американската црна листа

Поранешниот министер за внатрешни работи на РМ, Љубе Бошковски се најде на американската црна листа, од која беше избришано името на Али Ахмети. Портпаролот на Стеј департментот, Ричард Баучар, изјави дека бившиот министер Бошковски е вметнат на црната листа, поради тоа што ја загрозува стабилноста во Македонија.

Дополнителни шанси за Западен Балкан

Солунскиот самит на Европската унија треба да биде историска пресвртница за перспективите на земјите од Западен Балкан за зачленување во Унијата. Таа треба да понуди временска рамка за преминување од процесот на стабилизација во асоцијација, потоа конкретни механизми и посебни фондови за реализирање на предвидените економско-социјални реформи и да го либерализира визниот режим.

Тоа е заедничката порака од Декларацијата што ја потпишаа претседателите на петте земји од Западен Балкан на неформалниот самит што за време на викендот се одржа во Охрид.

Полициски акции во Тетовско и во Струшко

На 3 јуни МВР спроведе две акции во Тетовско-гостиварскиот регион. Првата акција била спроведена во селото Раковец - Тетовско за пронаоѓање и лишување од слобода на Саит Рушити, кој не бил пронајден. При навлегувањето на полицијата во Раковец, од страна на припадници на криминалната банда на Рушити бил отворен оган врз полицијата, на што било возвратено. При престрелките животот го загубила една жена, чиј идентитет дополнително ќе биде соопштен. Полицијата и натаму трага по Рушити кој се сомничи за повеќе кривични дела, а тој е носител и организатор на неодамнешниот напад на полицискиот хермелин. Во втората акција во струшкото село Радолишта МВР уапси водач на уште една криминална група Халил (Аљил) Усеини.

Како ќе му се суди на Фетаи?

Истрагата против екс-министерот за економија, Бесник Фетаи, осомничен за криминална приватизација на НИП "Нова Македонија", е завршена. До крајот на оваа недела Обвинителството треба да одлучи дали на Фетаи, кој по екстрадицијата од Хрватска се наоѓа во истражниот затвор во Шутка, ќе му се суди и дали ќе оди во пакет со екс-директорот на НИП "Нова Македонија, Никола Тасев.

Деканот во Битола не потпишува дипломи

Поранешните студенти на Педагошкиот факултет во Битола тврдат дека деканот Симеон Силјановски, откога е на функцијата, не потпишал ни една диплома, поради што над 500 дипломци останале без дипломи. Деканот Силјановски, кој веќе четири години ја извршува оваа функција, не се сеќава дали потпишал некоја диплома и вели дека тоа "не е некоја сензација", зашто и тој дипломата од Белград ја добил по 20 години.

Најглупавото прашање според Чолаковски?!

Ќе бидам вулгарен во овој момент и ќе кажам дека тоа е едно од најглупавите прашања што воопшто може да се постави во овој момент на македонската политичка сцена, бидејќи сакате да го третирате како политичко прашање, а не како едукативно, беше одговорот на владиниот гласноговорник, Сашо Чолаковски, во врска со нашето прашање дали со се поголемиот број евросоветници во нашата Влада, Македонија практично станува протекторат.

Нашиот колега, по се изгледа, за многу кусо време заборави дека до вчера и тој поставуваше вакви "глупави" прашања и дека сега во улога на портпарол нема право да дава квалификации за новинарските прашања, туку само да дава одговори кои ќе му ги сервираат министрите.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"