КОМЕНТАР

Сито и Решето

ИЗГУБЕНИ ВРЕДНОСТИ

Од Редакцијата

На македонскиот народ му требаа петстотини и кусур години да се бори против многубројни непријатели и негатори на неговиот национален идентитет за да си ја оствари целта - да создаде своја држава, свое име и презиме. Но, откако ја остваривме желбата на многуте претходни генерации, наместо овие дванаесет независни години да одиме напред, ние, поточно политичарите, божемните душегрижници, не докусурија. Ги уништија сите сништа, надежи и вредности за кои вредеше да се опстојува со илјадници години на овој напатен мал простор.

Токму затоа во овој вакум кој не личи на ништо, бидејќи елементите на држава се загубија со распродажбата на земјата, не може повеќе да се живее. Заминуваат сите - среќниците во странство, а некои под земја. Меѓутоа, загрижува тенденцијата што од земјава заминуваат се повеќе млади. За нив никој не се грижи. Ги заборави Република Македонија, ги заборави семејството, ги заборави и Господ. Како тргнале работите да се тркалаат надолу, агонијата тука на земјава е пострашна и од адските маки во пеколот, бидејќи ако се продолжи да се живее во вакви услови, ќе нема ниту народ. Народот, оној што се уште барем мисли и чувствува дека е македонски, нема да биде народ, туку ќе биде теле кое ќе гледа и ќе опстојува од "шарената врата".

КАТИЛ НАРОД

Очигледно во Република Македонија има многу пасивност од македонскиот народ, бидејќи ако тој имаше барем малку изградено чувство за чест и човечко достоинство, досега ќе дигнеше глава. Ќе направеше социјален, не политички, револуционерен преврат на власта. Вака мака си мачиме оти не може да го скрпиме денот, ноќта, месецот и годината. Години поминаа во исчекување. Еве биднаа дванаесет, а ние чекаме.

Што чекаме повеќе? Да не збришат од земјава и да исчезнеме како Ацтеките и Инките. Што чекаме? Возот да мине? Зарем слепи сме, та не гледаме дека ни го уништија семејството, вербата, љубовта, среќата и надежта која за жал на крајот и таа ни приумре. Во нашата земја нема повеќе надеж, верба или подобра иднина. Судбината ни ја додели маката. Што катил народ ќе бевме!? Од инает на комшијата да му умре козата, направивме да немаме ништо. Дури воздухот ни го одзедоа. Божем и тој бил на плаќање. А, со што ќе платиме? Немаме работа за да заработиме! Впрочем, работата за невработените во Бирото е мислена именка. Пајажина ги зафатила невработените - "арслани". Времето си врви, карваните си врват, а кучињата си лаат и лаат. Од нивното лаење нема веќе фајде. Пцовисува македонскиот народ!

ПАТРИОТИЗМОТ?!

Нам ни треба херој. Нам ни треба комита. Но, се плашиме дека немаме патриот. Патриотизмот се виде во 2001 година. Ни ги замачкаа очите, ни го замачкаа умот оти веруваВме дека конечно ќе имаме к'смет. Арно ама, не удри дамла. Не дамлосаа од корен.

Затоа сега во овој момент нам ни треба некој македонски Робин Худ. Прво, да ги опљачка "богаташите" и да им подели на сиромасите, оти судовите не работат, а апсаните ни се празни. Потоа попот ќе ни отчита молитва, оти сите збеснавме и не фати лудило кое ни ги уништи моралните и етичките вредности. Но, не е само тоа, туку во прашање се многу други традиции. Каде е лојалоста кон државата, кон татковината, кон народот? Каде е чесноста, искреноста и на крајот човечноста која впрочем беше одлика на секој Македонец? Кога за последен пат нашите деца им станаа на постарите лица во автобус? Сето тоа е минато. Затоа денес гледаме како децата ни се дрогираат, лудуваат и се пијанчат. Ова е аларманта ситуација која никој во Република Македонија не сака да ја спречи. А, зошто да ја спречат кога и тие што треба тоа да го напрват го шмркаат белиот прав, и тие пијат и се забораваат. Тие ги контролираат пороците на духовното лудило. Затоа, доблесно е да се признаат грешките, ама нема доблесни луѓе. Тие изумреа како диносаурусите. Дојде за нив потопот, а по него ништожноста.

ПАРАХОДОТ ПРИСТИГНА

Македонскиот народ стана измеќар. Така грогиран не ќе може век да векува, туку ќе биде избришан од историјата. Но, и таа е нападната. Се договорија да ја ослободат од минатото. Зошто? Затоа што имаме богато минато, писмо, јазик и култура што со илјадници години опстојувале на овие простори. Секогаш македонската култура му бодела очи на некој балкански народ, а преку нашиот грб се кршеле копјата на интересите на големите сили. Сега тие го диктираат развојот на Балканот, но истовремено ни наметнуваат нови вредности. Дали тие се прифатливи за македонскиот народ? Не, бидејќи некогаш имавме семејство во кое се знаеше кој е глава, стопан во домот. Сега од тоа нема ништо. Кој не шиша? Кој стигне, бидејќи немаме изградено чувство за почит на постарите и помудрите лица. Немаме одговорност да се почитуваме и љубиме меѓусебно, а сакаме да градиме инструменти за државност. Затоа во овој момент одиме удолу и удолу. Не разочараа политичарите, не разочараа дури и блиските. Така оставени на буниште, без ништо, без надеж, немаме перспектива да опстоиме.

Затоа треба да се одлучиме кој пат ќе го фатиме. Печалбарскиот не ни гине. Ако веднаш ни бидат отворени границите, во земјава нема никој да остане. Сите што беа принудени "да денгубат" ќе збришат од државичкава што ја стеснија. Па во неа ќе останат лешинарите и освојувачите да се шепурат и да се шират. Тоа е нашата иднина која најверојатно не чека доколку продолжи македонското национално паѓање. До сега не се најде ниту еден паметен да повлече разумен потег и да го спречи националното тонење. Но, можеби ќе се најде некој "совесен лудак" кој ќе има храброст да ја извлече нашава душа од фијаското што го доживуваме.

Ако тоа не се случи, збогум Македонија. Параходот пристигна. Македонците нема да се вратат во оваа и ваква Република Македонија!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"