о фудбалските превирања оваа
сезона влезе и екипата на "Победа". Екипата од Прилеп, и покрај своите
амбиции на почетокот на оваа сезона дека ќе атакува на шампионската титула
или пак на сигурно освојување на место во Купот на УЕФА и покрај играчкиот
квалитет, четата на претседателот Ацуле, оваа сезона играше како да е
задоволна и со пласманот во Интертото. И оваа година останаа празни ветувања
изјавите давани пред сезоната дека ќе се атакува на титулата. Каде е тука
пазарот кога се знае дека УЕФА, а да не зборуваме за Лигата на шампионите,
носат далеку поголема финансиска добивка од подпросечниот Интертото.
Се надеваме само дека оваа година екипата на Победа нема да отпадне во
првото коло, туку дека ќе го потврди рејтингот на најдобро рангирана
македонска екипа во Европа.
ИСПАЃАЊЕ
И екипите кои оваа година ќе испаднат од Лигата се, исто така, познати на
едно коло пред крајот. Тоа се екипите на "Пелистер" и "Куманово". Ако
екипата на "Куманово" оваа сезона беше убедливо најслаба и заслужено се сели
во понизок ранг, тогаш за испаѓањето на екипата на "Пелистер" слободно може
да се каже дека друг го отпиша "Пелистер", дека друг му ја "скрои капата" и
дека друг направи "Пелистер" да отпадне. Играчите, рака на срце, беа немоќни
затоа што постојано беа манипулирани од луѓе кои ги задоволуваа своите тесни
интереси.
За кого ли играат?!
Сега ја имаме следната ситуација: екипата која беше наш претставник во
бившата прва југословенска лига, екипата која даде многу репрезентативци,
екипата со најдобра младинска школа во Македонија, по единаесет години во
Првата лига да отпадне. Навистина тоа не требаше да се случи.
Не сакаме да наметнеме мислење дека местото на "Пелистер" е ексклузивно
загарантирано во Првата лига на Македонија, но навистина загрижува фактот
дека се направи се екипа која поседува квалитет да отпадне од Лигата заради
тесни интереси. На овој начин не губи само "Пелистер", туку губи и Битола
како град кој го знае и сака фудбалот, а губи и цела Македонија.
СИСТЕМ
Толку фалениот словенечки систем кој требаше да внесе позитивни промени
во македонскиот фудбал пропадна поради специфичноста на македонските
марифетлуци. Немаше ниту ронка од толку посакуваната неизвесност до крајот
на првенството. Се падна во вода по само неколку кола.
Сега се турка една идеја чија цел е Лигата да се намали на 10 клуба,
затоа што така ќе се добиело на квалитет. Господа, се дури има пазарење
помеѓу вас кои го водите фудбалот, во Македонија никогаш нема да има фудбал.
А дека вие сте тие кои се пазарите, па потоа "плачете" дека има наместени
натпревари, се докажа и со работењето на Одборот на прволигаши кој,
парадоксално ама вистинито, не успеа да одржи ниту една нормална седница,
туку на секоја имаше напуштање на седниците, немање кворум, меѓусебни
караници и префрлања, признавање дека првенството е наместено, со што се
доведе самиот во ситуација да биде суспендиран од Федерацијата и
организацијата на првенството повторно да биде на товар на Федерацијата.
Клубовите имаа шанса, ама ја прокоцкаа.
Како и да е, сето ова треба да опоменува пред следната сезона за која се
надеваме дека нема да биде наместена, а на клубовите кои на овој или на оној
начин обезбедија пласман во Европа, им посакуваме да не претстават во едно
убаво светло, а не да бидеме само учесници кои го пополнуваат бројот.