ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена

ПОКРОВИТЕЛ НА ХРИСТОВАТА ЦРКВА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Пред да стапи во борба со Максенциј, цар Константин изјавил:"...со свои очи го видов на небото Крстот Господов, направен од ѕвезди, кој светеше појако од сонцето, и на Крстот напишано: Со ова победувај!".
  • Во 325 година цар Константин го повикал Првиот Вселенски Собор во Никеја, на кој е утврдено православието, а е осудена Ариевата ерес.

Во првиот, вториот и трети-от век се вршени големи прогони на христијаните. Императорите наредуваа христијанството да се искорени од земјата, со оган и меч. Христијаните станаа непоколебливи маченици за Божјата вистина, почитувачи на Живиот Бог.

Но, Сесилниот Бог го подготвува цар Константин Велики да биде "избран сад на славата Божја", да стане покровител на Христовата Црква. И не само тој, туку и неговата мајка - мудрата, набожна, убавата царица Елена.

ЧЕСЕН КРСТ

Констанциј Хлор, пред својата смрт, му ја предал својата царска власт на својот син Константин. Во 306 година, на свои 32 години, Константин е прогласен за цар на Галија и Британија. Пред да стапи во борба со Максенциј, цар Константин изјавил: "...со свои очи го видов на небото Крстот Господов, направен од ѕвезди, кој светеше појако од сонцето, и на Крстот напишано: Со ова победувај!". Следната ноќ, Христос му се јавил на сон , пак му го покажал знакот на Крстот и му рекол: "направи таков Крст, и нареди да се носи пред твојата војска, и ти ќе го победиш не само Максенциј, туку и сите твои непријатели".

Цар Константин, поразен од ова прекрасно видение, реши да не верува во друг Бог, туку само во Христос кој му се јави. Нареди на знамињата да се изработи Чесен Крст. Нареди војниците да направат Крст на сите свои оружја.

Во 312 година со својата војска, пред која е носен чесниот Крст, повикувајќи го Господ на помош, цар Константин тргнува од Галија за Италија, против Максенциј. Пред Рим, со силата на чесниот и Животворен Крст му нанесува страшен пораз. Максенциј се удави со своите коњаници во реката Тибар.

Цар Константин како победител влегува во Рим. Наредува во градот да се истакне знаме со Крст, а на неговата статуа, во раката со копје во вид на Крст, да стои напишано: "Со овој спасоносен знак го ослободив вашиот град од јаремот на тиранинот". Во 313 година цар Константин го издал Миланскиот едикт, со кој се одобрува христијанската вера. Тој ги победил и Византијците и го изградил градот Константинопол. Во 323 година станал единствен цар на целото Римско Царство.

ПРВ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР

Во 325 година го повикал Првиот Вселенски Собор во Никеја, на кој е утврдено православието, а е осудена Ариевата ерес. Тој ја почувствувал "силата на распнатиот на Крстот", го почитувал Крстот, тоа свето Христово непобедиво оружје, сакал да го прослави самото живоносно крстно дрво, на кое бил доброволно распнат Царот и Господ, Крстот кој е осветен преку допирањето со Неговото Свето тело и Неговата пречиста крв. Го украсил Гробот на Христа и изградил голем храм. Ја испратил својата мајка на аџилак во Светата Земја. Таа дознала дека Господовиот Крст е закопан под идолскиот Венерин храм. Наредила да се сруши храмот и да се копа длабоко. Пронајдени се 3 крста, чесните клинци и таблицата со натпис. Кога 3-от Крст го ставиле на мртовец, тој оживел. Со тоа е откриен Чесниот и Животворен Христов Крст.

Царицата Елена прва го примила Чесниот Крст, му се поклонила и го целивала. Патријархот Макариј го издигнал високо за да го видат луѓето. Царицата Елена во Светата Земја ги подигнала црквите: Рождество Христово, Вознесение Господово, Успение на Пресвета Богородица, и многу други цркви. Се вратила во Цариград "носејќи со себе честица од дрвото на Животворниот Крст и светите клинци со кои беше приковано телото Христово". Св. Елена го испушти својот дух во 327 година, блажена, зашто знаеше дека нејзиниот земен привремен живот ќе се појави во вечен живот на небесата. Таа замина кај својот сакан Господ Христос, кај "единствениот почеток на идното воскресение на сите", за кого и живееше и продолжува да живее. Таму е и нејзиниот свет син единец, Св. Константин Велики кој пред својата смрт во 337 година во градот Никомидија ги искажа зборовите: "Сега се чувствувам вистински блажен, зашто имам цврста вера дека сум се удостоил за бесмртен живот".

Умрел знаејќи дека Бог му подготвил дом "куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата...". Го сохраниле во црквата на Св. апостоли во Цариград. Светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена се слават на 3.06.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"