Стоп за геноцидот врз Македонците

(Отворено писмо до Џорџ Сорос)

Почитуван господине Сорос,

На 23 мај 2003 година на некои од македонските ТВ канали ја слушнав Вашата изјава во врска со Вашата заложба за Косово да стане независна држава.

Господине Сорос, Вас Ве запознав во 1992 година кога прв пат дојдовте во Македонија на една поширока средба во Скопје. Разбрав дека сте Евреин, по потекло од Унгарија. Јас како дете од 1950 година живеев во детски дом во Битола. До нашата домска зграда живееја старец и старица Евреи. Кога одев на училиште минував по улицата во која живееше Евреинот, доктор Абраванел со бела брада кој често стоеше на влезот пред својот двор. На истото место често стоеше и неговиот син кој тогаш студираше медицина во Скопје. Кон сеќавањето за Евреите од времето на моето детство се врзува и сознанието за геноцидот што германскиот нацизам го стори врз шест милиони Евреи во Втората светска војна низ логорите во Германија и Полска, меѓу кои и над седум илјади македонски Евреи, од кои околу три илјади од Битола. Кон истото сознание се надоврзува и историската свест за геноцидот што Грција го изврши врз Македонците во триесеттите години на 20 век.

Пред и во текот на Граѓанската војна (1946 - 1949) грчките власти протераа околу 50 илјади Македонци од своите родни места, меѓу кои сум и јас. Мојата свест за Евреите и Македонците низ вековите тече со свеста за два библиски народа, најбогати во светот со пакост, злоба и завист упатени од некои други народи кон нас и кон вас.

Господине Сорос, пред очите на цел свет Албанија изврши геноцид над Србите на Косово на крајот на 20 век и над не-Албанците, меѓу кои и кон Ромите кои во овој мај ги гледаме на ТВ екраните, откако пред албанските насилства ги напуштија родните домови и стигнаа пред македонско-грчката граница.

Вам би требало да Ви е јасно дека геноцидот кон Србите и кон другите не-Албанци на Косово и етничкото чистење на Македонците и другите во Македонија, Албанија преку своите истурени извршители под албанско знаме го врши врз основа на програмата пропишана во "Платформата за решавање на албанското национално прашање" од 1998 година, донесена под раководство на тогашниот претседател Реџеп Мејдани, а во соработка со Албанци од Косово и Македонија.

"Платформата…" ги задојува со омраза извршителите, терористи, обучувани во камповите во Албанија против "Словените", "Варварите", односно Македонците и Србите. Инаку, терористите се обучувани во специјални кампови во Албанија, како што своевремено предочи македонскиот министер за одбрана Бучковски, а подзеде, но не доврши претседателот Трајковски. Истите извршители ги оштетуваат напуштените имоти на Хрватите околу Јанјево на Косово. Дали Вие прифаќате создавање држава од извршители на геноцид и на етничко чистење?

Господине Сорос, без оглед дали оваа порака Вашите соработници ќе Ви ја достават или не, јас верувам дека како божја порака таа ќе стигне до Вас. Се надевам, тогаш ќе работите против геноцидот и етничкото чистење што ги врши Албанија во функција на своето територијално проширување и обновување на наци-фашистичката творба "Голема Албанија" (1941 - 1944), во која беа вклучени територии од Македонија и Србија.

Коле Мангов, борец за човекови права


Неправда за фестивалот "Валандово 2003"

Почитувана госпоѓо директорке на МТВ.

Од 1985 година па се до ден денес традиционално се одржува Фестивалот на новокомпонирана песна која нашата нација ја воскресна, бидејќи до 85-та година југо-државата не оставаше да се прават и да се снимаат новокомпонирани песни во Македонија. Па Македончето се освести и почна преку Македонската радиотелевизија директно да ги емитува фестивалите на малите екрани за светот да ја види македонската култура.

Откако воскресна македонската држава во 1991 година изроди почнаа да го раководат тоа мало парче земја, но и да се борат како да го соборат, се со цел да не постои. Најлошиот потег се случи оваа година кога Срби станаа директори на Македонската телевизија.

Го загушија "Гоце Фест 2003" со оправдување дека немало доволно финансиски средства. Од "Евросонг 2003" имаше директен пренос, додека "Фолк Фест Валандово 2003" беше емитуван преку снимка. Зашто? Најголемото манифестирање на народната македонска музика го сокрија за да кажат нешто што не оди во прилог на македонските интереси.

Госпоѓо директорке на Македонската телевизија, Македонецот трпи се од времето на Алекандар Велики па до ден денес. Еден ден ќе ви плати на сите вам изроди кои ја гушите македонската држава и македонската култура. Почнете да работите! Негувајте ги македонските интереси и пред се македонската иднина. Македонските предци граделе и оставиле наследство кое никого не го оставило рамнодушен. До Индија ќе најдете македонска култура, а не југословенска. Македонски народе, свести се и заедно сменете ги не-Македонците од главните државни раководства.

Песните од Валандово и Македонија до американскиот континент, во Австралија и во Европа ќе се пеат без разлика дали вие одобрувате или не.

Ѓорѓи Сарагиловски


Кремација - дел од нашата современост

Прашањата и одговорите за животот и смртта, како и претпоставките коишто се обидуваат да ги објаснат сите "тајни" кои се врзани за животот и смртта на човекот, добиле свои одрази во многуте основни постулати од разните религии на светот коишто успеале да опстојат илјада години.

Меѓутоа, развојот на идеологиите и општествениот развиток овозможија да се појават некои понови, поинакви и посовремени форми коишто се поблиску до човекот и поимот за неговиот живот и неговата смрт коишто станале дел од нашата современост и во поранешните и сегашните времиња.

Идеологиите коишто прераснаа во религии, вклучувајќи ги и филозофиите, па се до најновите достигнувања во науката, ги одредуваат, помеѓу другите поставки од своите учења, начинот и формата на уништувањето на оној "физички" дел што ќе остане од човековото суштество по смртта.

Во најголем број случаи овие "норми" се само релативно и условно прифаливи кај одделни народи, религии и цивилизации, имајќи го предвид постоењето на многуте религии и филозофии кај коишто овие "норми" се разликуваат, а исто така многу од сето ова зависи и од цивилизациското ниво на народите од одделни региони и за одредено време.

Во оваа смисла, длабоко сум убеден дека и за нас во овој степен на развој и зголеменост на населението во градот Скопје единствено прифатлив и разумен предлог и решение е по смртта остатоците од деловите на човечкото суштество да се спалат, т.е. кремираат. Во Скопје во текот на неговиот развој постоеле повеќе маала со десетици поголеми или помали гробишта врз кои денес градот оптојува. За жал, тие морале да бидат оставени на заборавот и минатото, едноставно урбанизирани.

Моите досегашни сознанија коишто се пред се како резултат од моето образование како возрасен етнолог, скопјанец, па и политичката и филозофската припадност, ме увериле дека кремацијата е апсолутно неминовен дел од нашата современост и затоа покажувајќи ја предлагам: во плановите за развој на град Скопје да се разгледа и прифати идејата за кремација со сите неопходни подготовки (локација и чин).

Во текот на еден човечки живот градот Скопје три пати ги преселуваше гробиштата - коските и остатоците на неговите починати граѓани, од зад стара железничка станица, преку Усје до денешен Бутел.

Ако не може мир на коските, нека биде мир на пепелта.

Проф. д-р Миодраг Календар Хаџи Ристиќ


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"