асловот го вадиме од пословицата:
Кога стапот излегол од Ра-јот... ангелите почнале да прават глупости.
Наравоучението е очигледно, а поспецифично тоа се однесува на "Оние кои си
ја имаат мувата на капата".
Би можело многу да се дискутира за настанот во селото Вејце, како и за
Селце, Лавце, а и за други настани поврзани со малцинските прашања, но овде
би сакале да ставиме една потесна рамка за да им го освежиме памтењето на
некои чија меморија се чини дефектна, или да им послужиме за медитација на
некои историски факти.
Тешкотиите со некои Албанци, мнозинството од племето Геги, не се нови,
иако во текот на историските моменти нивните причини, цели и последици не
биле секогаш исти, туку еволуирале во функција на дадени периоди и ситуации.
Во времето на Отоманската империја, шефот на нејзината дипломатија кон
крајот на деветнаесеттиот век, Хилми-Паша, потурчен Грк, во Македонија која
била една од најбогатите провинции на империјата, ги предизвикувал свесно
малцинствата против мнозинскиот македонски елемент со цел взаемно да ги
ослаби. Од друга страна, истиот тој стар лисец, за да ја лаже Европа во
врска со вистинскиот етнички прифил во Македонија, вршел такви сечења на
области на македонската територија, што при прописите испаднало дека
мнозинството од населението во Македонија било муслиманско. На пример,
Косово го поврзал во една област со Скопје. Истата "технологија" ја
применувал и за други македонски градови и региони кои денеска се повеќе или
помалку блиску до Албанија (држава создадена во 1910 година). Во турскиот
административен апарат во Македонија, а и меѓу феудалните локални "сениори",
имало доста Албанци, што властите, бидејќи биле муслимани, ги чувствувале
како поблиски од Македонците. А имало и релативно голем број полицајци и
полициски инспектори Албанци или поточно како тогаш ги викале Арнаути.
Сепак, уште пред макијавелистичките маневри на овој везир, а и во
неговото време, како и по него, се нашле луѓе од малцинствата кои заедно со
Македонците се бореле или на други начини придонесувале за нивната општа
татковина Македонија. Случајот не е различен и во Втората светска војна.
Имено, рускиот разузнувачки офицер Кузњецов, почнувајќи со Белгија, создал
низ цела Европа мрежа известувачи преку безжична телеграфија, што заради
различниот звук на апаратите испраќачи, надлежните служби на Третиот Рајх ја
нарекле "Црвен Оркестар". Такви тајни телеграфисти, кои испраќале пораки до
"директорот" во Москва, постоеле и на целиот Балкански Полуостров. Народниот
херој Кузман Јосифовски - Питу, кој подоцна загина од бугарскиот куршум, во
својата неуморна илегална работа патувал честопати во западните делови на
Македонија, што тогаш биле окупирани од Мусолини, а неколку пати одел и во
Албанија, во Тирана, на тајни средби со тамошни Македонци, а и со Албанци.
Ова е една од причините, заедно со "југословенскиот интернационализам", за
еластичниот катастрофален став на властите на Федералната Република
Македонија кон новодојдените Албанци кои полека, но сигурно, чисто
македонски краишта претвориле во албански. Пред ваквата положба - предвесник
на идни големи тешкотии, Македонците биле оставени да се бранат како што
можат и умеат, затоа што властите не се погрижиле да создадат соодветна
политика во врска со тој прилив на дојденци, и така по поединечните
судрувања, вербални или физички, се јавувала омраза кај поединци, иако грото
од староседелците Албанци како и нивните предци, имале добри односи со
Македонците, односи што во поново време, според една стара испробана формула,
одредени групи или поединци се потрудија да ги расипат за материјализирање
на една крајна цел - сонот за "Голема Албанија". Етничкото чистење против
Македонците е само еден од рецептите на таквите кујни.
Албанскиот писател кој живее во Франција, а повремено ја посетува и
својата родна Албанија каде некогаш пеел химни за Енвер Хоџа, Исмаил Кадаре,
во своите писанија, од кои некои имаат вистинска книжевна вредност, отворено
признава во една од своите книги дека Албанците биле расисти, тврдење што
нам ни изгледа до извесен степен претерано. Македонците се нарекувани со
некое навредливо измислено име, а го тврди и тоа дека во времето на
комунизмот имало многу Македонци на високи, па и многу високи функции во
Албанија. Овој елемент е дотолку поинтересен, што е познато дека таквите
Македонци никогаш и со ништо не се стремеле да создадат некаква "Голема
Македонија", на територии што сега се дел од албанската држава - држава која
се стресе кога во 1994 година неколку грчки офицери и војници навлегоа на
нејзината јужна територија и се однесуваа како во своја област, та
албанскиот амбасадор во Скопје молеше некои амбасадори од големи европски
сили да влијаат на грчката Влада нејзините државјани да се повлечат назад,
што потсетува на албански "малцински" интервенции до странски сили со молби
за помош против... Македонија на националната македонска територија.
Во врска со Косово, не е лошо да се потсети на фактот дека во текот на
Втората светска војна силите на отпорот на Србија, установувајќи дека "ситуацијата
во врска со отпорот во Косово е катастрофална", побараа од силите на отпорот
на Македонија да напрват нешто во таа смисла, па Кузман Јосифовски - Питу и
други, се потрудија да поработат во таа насока. Отпорот во Косово почнал да
се организира и еден од резултатите подоцна беше создавањето на Првата
македонско-косовска ударна бригада. Земајќи ги предвид овие и слични факти,
се поставува само по себе прашањето: Каде е благодарноста? Тие времиња беа
тешки за сите, зашто и во албанските народни песни се пееше за стрелања и за
други ексцеси извршени од страна на окупаторите.
Поконкретно за случајот во Вејце, каде селани од албанска националност од
тоа село, како и од Селце и Лавце, ги спречиле блиските на паднатите
македонски жртви на тероризам да однесат цвеќиња на местото на драматичниот
настан, треба да се спомене правниот принцип за мир на мртвите. Каков е тој
мир кога се спречува еден хуман чин на љубов и почит кон своите блиски
загинати во вршење на својата јавна, а и патриотска задача?
Во странство не ни се познати сите информации, за да даваме мнение за
ставот на надлежната власт по прашањето на тој настан. Општо земено, секој
држава, сите нејзини надлежни органи на власта, меѓу другите должности имаат
задача да спречат секакви акти што се косат со законот, а таков акт се и
ваквите немили настани, што се очигледно револтирачки за секој кој
објективно гледа на работите. Во вакви околности не се вршат никакви
преговори со дел од населението, ниту пак се бара дозвола за акција од
странски држави, алијанси или институции.
Изјавата на амбасадорот на САД во Македонија изненадува. Имено, Виетнам и
Америка се две држави, додека Македонија и нејзините западни територии се
една земја. Се поставува прашањето за Криволак: Дали некој сака да ја
извлече таа територија, со американска воена база во неа, од државната
компетенција на суверената Република Македонија? И, ако да, врз база на кое
меѓународно право, на кои меѓународни начела и практики?
Ваквите размислувања неизбежно не доведуваат до загрижувачки ребуси: дали
еден хипертрофиран државен организам, каква што е ЦИА, не ја зголемува
опасноста од поголеми грешки, по законот во математиката каде колку повеќе
се зголемуваат димензиите, пропорционално се наголемува и веројатноста за
систематските и за другите грешки што физичарите добро го знаат и го земаат
предвид при нивните пресметувања. Примери за таквите грешки има повеќе.
Доволно е само да се потсети на виетнамската авантура која толку длабоко ја
трауматизира Америка што дури и денеска се прават филмови делумно или
целосно посветени на таа војна.
И покрај првата употреба на напалм во историјата и другите експерименти
на САД против таканаречената граѓанска војна во Грција, чии жртви во голем
дел беа Македонки и Македонци, Македонците останаа пријатели на Америка.
Дали Америка ќе ги одбие од себе, дали ќе ги разочара дефинитивно? Вистина,
Македонија е микроскопска земја споредена со САД, но една азиска многу стара
поговорка вели: Не презирај го малото новороденче, оти тоа е можеби рожба на
лав. Може да се зборува и за басната за лавот и глушецот, кога глушецот му
го спасил животот на "царот на животните" со тоа што ја изгризал мрежата од
ловците во којашто лавот се фатил. Ова можеби ќе предизвика иронични
насмевки кај некои, но подлабоко гледано во тоа нема ништо смешно, а
историјата дава примери што вреди над нив да се размислува.
Во врска со поблиската или подалечната иднина, може да се констатира дека
таа не е толку јасна и сигурна колку што им изгледа на некои. За Балканците,
за Македонците и за малцинствата во Македонија, алтернативата е многу
проста: пријателството, мирот, трудот за просперитет, можат да ги спасат од
возможни тешки идни настани во светот.