КУЛТУРА

Свечено одбележани 32-те "Гоцеви денови" во Подгорци

КУЛТУРНИ СЛУЧУВАЊА ВО ЧЕСТ НА ИЛИНДЕН

Текст и фото: Стојан КУКУНЕШОСКИ

  • Свечениот дел на манифестација започна утрината на 24 мај со полагање свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев и отворањето на изложбите: ликовната на Владимир Младеноски, и на рачни ракотворби на Љубица Лешоска од Вевчани.

Во подјабланичкото струшко село Подгорци, со театарската претстава "Јане Задрогаз" на патувачкиот театар "Поклони се и падни" од Вевчани, која се одржа во ајатите на црквата "Свети Никола", започнаа 32-те "Гоцеви денови" - Подгорци 2003. Годинешната манифестација е посветена на 100 години од Илинден и од македонската државност, како и на стогодишнината од смртта на Гоце Делчев.

Биста на Гоце Делчев во Гоцевата шума

Присутни гости на манифестацијата

Свечениот дел на манифестацијата започна утрината на 24 мај со полагање свежо цвеќе на бистата на Гоце и отворањето на изложбите: ликовната на Владимир Младеноски, и на рачни ракотворби на Љубица Лешоска од Вевчани.

Со ударите на црковната камбана како и рафалното пукање од комитската чета придружувана од припадниците на АРМ, започнаа културните случувања во чест на Илинден. По поставувањето на Илинденското знаме на свечената бина, започнаа поздравните зборови на претседателот на Советот на културната манифестација, Дарко Стрезоски, кој и ја прогласи отворена годинешната манифестација која оваа година се одржува по 32 пат, а за стогодишнината од Илинден зборуваше д-р Лазар Лазаров.

Веле Смилевски, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, одржа реч за годинешниот добитник на наградата "Гоцева повелба" која годинава му припадна на писателот - публицист Јован Павловски. Исто така, беа врачени и наградите од натпреварот во трчање помеѓу учениците и беше прогласен годинешниот "Курир на Гоце".

Љубица Лешовска од Вевчани, авторка на ракотворбите

Дел од изложените ракотворби

Театарската претстава од "Поклони се и падни"

"Гоцевите денови" беа одбележани и со Културно-уметничка програма насловена "Со љубов за Гоце" од Културно-уметничкото друштво "Дримкол" од Вевчани и естрадниот уметник Секула Пупиноски.

Манифестацијата заврши со комитската визита која беше организирана во ајатите на црквата "Свети Никола", која беше домаќин на манифестацијата. На крајот од општонародната веселба, на годинешниот покровител - Мелница и пекара "Илинче" од Мешеишта - му беше врачен подарок од страна на секретарот на манифестацијата, Оливер Бојчески.


"Гоцевата повелба" за Јован Павловски

Поетот - публицист Јован Павловски е годинешнот добитник на традиционалната награда "Гоцева повелба" што ја доделува Советот на културната манифестација "Гоцеви денови", Подгорци. Наградата му се доделува за творечкиот опус и за афирмацијата на македонската литература и култура, а му беше врачена на 24 мај 2003 година од страна на претседателот на Советот на манифестацијата, Дарко Стрезоски, по повод одржувањето на 32-те "Гоцеви денови 2003".

Јован Павловски е поет, раскажувач и романсиер. Роден е во Тетово во 1937 година. Завршил Филолошки Факултет во Скопје. Директор е на издавачката куќа МИ-АН и главен и одговорен уредник на списанието "Македонско време". Автор е на поетски книги: "Август", "Медија", "Идентитет", "Оксидирања", "Огнено семејство", "Блиско сонце" и "Прераскажувањето на идентитетот"; на поетските книги за деца: "Мишо ишо шо о", "На сите светски страни само Ани, само Ани", на романот "Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко", на романот за деца "Значка", на прозата за деца "Близини", како и на неколку публицистички трудови. Добитник е на повеќе општествени признанија и награди, меѓу кои Рациновото Признание, наградата на град Тетово и сега Гоцевата награда "Гоцева Повелба 2003".

Наградата "Гоцева повелба" не ја очекував и затоа можеби ми е помила и подрага. Во саботата првпат го посетив Подгорци и бев исполнет со гордост и радост што во Македонија постои едно такво село во кое со страст и љубов се одгледува македонското национално чувство, вели Јован Павловски. За мене беше огромно задоволство да се среќавам со жителите на Подгорци кои на повеќе начини - преку разговори, преку песна, преку одгледувањето на традицијата - секогаш го нагласуваат македонизмот на Подгорци, денес и во минатото. Чувството на македонизмот постои и постоел кај нивните предци во револуционерното движење на Македонецот и во неговите ослободителни борби и за време на илинденскиот период и за време на славната НОБ. Ме воодушеви, остави во мене длабоки траги нивниот македонизам и беше уште еден повод повеќе за мене да бидам среќен и горд што сум примил толку убаво признание за мојата творечка работа од такви Македонци.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"