Културниот чин ќе се одржи на 7 јуни во 19 часот токму на Античкиот
театар во Скупи кога ќе се изведат претстави, беседи, монолози кои ќе бидат
проследени со настапот на КУД "Александар Македонски".
КУЛТУРЕН ЧИН
Не сум сигурен дека голем број наши граѓани и во Република Македонија и
скопјани знаат дека Скопје го има најголемиот Антички театар во Македонија
кој собира над 8.000 гледачи, вели уметничкиот директор на "Скрб и утеха",
Тихомир Стојановски. За жал, тој се уште не е возобновен, обраснат е во
трева, не е целосно откопан и не е наместен како што треба, а претставува
вистинско богатство затоа што мислам дека ретко кој од главните градови во
светот и на Балканот може да се пофали дека има Антички театар во своја
близина. Што би значело за Скопје заживувањето на овој театар, можете
само да претпоставите. Грев е да се играат театарски претстави на
тврдината Кале, кога на само два километри од центарот на Скопје се наоѓа
скупскиот театар. Инаку, повторно за жал, моите студенти од
Факултетот за драмски уметности на кои сум им асистент не знаат дека Скопје
има Антички театар.
Токму тоа го поттикна директорот Стојановски, неговите студенти како и
театарот "Скрб и утеха" кој работи на заживување на некои места заборавени и
оставени на забот на времето, да дојдат и да реализираат еден културен чин
токму во скупскиот театар. Тоа би значело дека по 1500 - 1400 години,
односно од земјотресот во 518 година кога е урнат театарот, нема стапнато
културна нога која би презентирала една претстава.
ВО ЧЕСТ НА АЛЕКСАНДАР
Програмата која "Скрб и утеха" заедно со Здружението "Ксантика" планира
да ја оствари на 7 јуни во 19 часот токму на овој театар, опфаќа претстави,
одржување беседи, музика, така што на некој начин симболично ќе ги придвижат
факторите - министерот за култура, градоначалникот и сите оние коишто треба
да помогнат околу Скупи.
Локалитетот Скупи
Доколку се прифати оваа иницијатива, Скопје многу бргу може да го добие
својот Антички театар што го заслужува, додава директорот Стојановски.
Минатата година ја започнавме манифестацијата "Денови на Александар
Македонски" која почнува помеѓу денот на раѓањето и смртта на Александар
некаде од 10 јуни до 22 јули. Овој пат ќе започнат малку порано, но мислам
дека во тој период низ цела Македонија се одбележуваат Чествувањата за
Александар Македонски, така што датата сепак ќе има некоја симболика.
Александар Македонски е дел од нашата историја, нема зошто да не го
славиме, затоа што во целата човекова историја мислам дека таква фигура која
ја слават сите вери и религии, нема пречки да се прославува и кај нас и во
светот. Преку таа манифестација да се потсетиме на Александровата
идеја за космополитизам, за обединување на светот, која се уште е сон и не
може да се оствари. Се уште сме во подготовка на програмата, но сигурно е
дека ќе настапи театарот "Скрб и утеха" со своја претстава, ќе настапат
студенти од Факултетот за драмски уметности со свои монолози, ќе настапи
Културно-уметничкото друштво "Александар Македонски", беседи ќе има од
Ангелина Маркус и Паскал Камбуровски од Здружението "Ксантика". Во оваа
прилика би ги повикал скопјани да дојдат и со своето присуство да помогнат
во заживувањето на Античкиот театар и ваквиот тип на манифестации. Можеби ќе
дојдат мал број гледачи, меѓутоа важно е да почне оваа акција, да се прифати,
па можеби ќе се возобнови тоа свето место.
ДЛАБОКИ КОРЕНИ
Традицијата на театарот во Македонија е многу длабока - 2500 години. Од
стара Македонија до денес не случајно на територијата на ова мало парче
земја има четири антички театри.
Театарот е длабоко вграден во битот на народот, тој е почнат со
Аполоновите пеани и славите и ората на Дионис. Од тие ора излегол еден човек
и почнал да зборува во стихови. Не е случајно што сите антички метрички
стапки ги содржи ритамот на македонските ора, објаснува директорот
Стојановски. Сметаме дека вреди оваа акција и треба да & се обрне
внимание. Ние како држава се занимаваме со човекови права, со дневна
политика, со некои влегувања на Македонија некаде, а треба да направиме
самите за себе нешто и да погледнеме кој културен корен го носиме и какво
духовно богатство имаме.
За одржување на оваа манифестација веќе е постигнат договор со
археолозите кои работат на локалитетот Скупи кои ја поддржаа иницијативата,
затоа што размислуваат на сличен начин.
Но, сепак, постои незаинтересираност за овој локалитет од страна на други
компетентни личности и затоа тој досега не е истражен како што треба,
додава директорот Стојановски. Доколку се истражи и обнови, овој
локалитет ќе преставува не само вистинска туристичка атракција, туку сите
културни настани ќе бидат врзани со него.
ГОСТУВАЊА
Театарот "Скрб и утеха" начелно се обидува да настапи на места каде што
не бил театарот и на некои свети места каде што исто така немало театарска
претстава.
Морам да кажам дека "Скрб и утеха" игра и по делови кај Македонците од
соседните земји каде што за првпат гледаат театар, вели директорот
Стојановски. Проблемот со културна размена и со културно презентирање во
Европа без граници, особено кога би требало да гостуваме кај Македонците во
Албанија, Грција и Бугарија, се уште го чувствуваме. Постои отпор од
тамошните власти да се однесе и одигра македонска претстава затоа што тие
тоа политички го дожувуваат и чувствуваат страв од македонската култура.
Театарот "Скрб и утеха" настапувал и на преостанатите антички театри во
Македонија. По изведбата на претставата "Мацедониан", ние го отворивме
античкиот театар во Охрид при што беседа одржа Ангелина Маркус која говореше
за античките македонски театри, во фаланга беа облечени КУД "Александар
Македонски" со што навистина му дадовме едно македонско чествување.
Театарот во Стоби живее и во него се одржува фестивал на антички драми, а во
Хераклеа од време на време се случуваат претстави што е добро за
возобновување на старата македонска традиција за настап во античките
театарски светилшта.