КУЛТУРА

Меѓународен детски фолклорен фестивал Св. "Кирил и Методиј" - Скопје

БАЛКАНСКО СПОЈУВАЊЕ ПРЕКУ ИГРА И ПЕСНА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • По наша проценка на Фестивалот учество земаа 650 до 700 учесници. Фестивалот за нас како организатори беше добро осмислен, добро организиран и за наша среќа добро се реализира, вели директорот на Ансамблот "Кочо Рацин", Манасиевиќ.
  • Секоја година овој Фестивал се одржувал во Скопје, а и нема причина зошто и понатаму следните години да не се реализира.

Ансамблот за народни игри и песни "Кочо Рацин" од Скопје од 21 до 25 мај беше домаќин на шестиот Меѓународен детски фолклорен фестивал "Свети Кирил и Методиј". Гости на Фестивалот беа пет ансамбли и тоа од Унгарија, Србија и Црна Гора, Украина, Турција и Бугарија, а исто така настапија и десетина фолклорни групи од Скопје и од неколку места од Македонија.

Оваа година учесниците беа од помала возраст, претежно деца од 9 до 11-годишна возраст, а од Турција и Србија и Црна Гора беа најмали. Секоја година овој фестивал се одржувал во Скопје, а и нема причина зошто и понатаму следните години да не се реализира.

КОНЦЕРТИ

Шестиот Меѓународен детски фолклорен фестивал "Свети Кирил и Методиј" се одржа во периодот од 21 до 25 мај 2003 година. На Фестивалот учество земаа пет странски ансамбли, четири од Република Македонија и девет од Скопје што значи 18 ансамбли, но 19 настапи затоа што домаќинот "Кочо Рацин" настапи со две играорни групи, вели директорот на ансамблот "Кочо Рацин", Добривоје Манасиевиќ. По наша проценка, на Фестивалот учество земаа 650 до 700 учесници. Фестивалот за нас како организатори беше добро осмислен, добро организиран и за наша среќа добро се реализира. Сите програмски задачи не се остварија затоа што на вториот фестивалски ден концертот на отворено, планиран пред трговскиот центар "Бисер", не се одржа поради лошите временски услови. По свеченото дефиле кое се одржа на 21 мај од Домот на Армијата до Плоштадот "Македонија" се одржа и концертот кога настапија најмногу групи - вкупно 19. Иако и тогаш временските прилики не ни беа многу наклонети, сепак за наша среќа концерот се одржа и на наше задоволство имаше доста публика.

Настап на домаќините со "Жетварка"

"Влашките игри" на Ансамблот од Србија и Црна Гора

Гала концерот се одржа на 23 мај во Универзалната сала каде што учество земаа странските ансамбли, а тоа беа групите од Украина, Унгарија, Бугарија, Србија и Црна Гора и Турција.

Кога веќе го спомнавме Ансамблот од Турција - Измир сакам да спомнам дека за овие шест години тие доаѓаат за првпат во Македонија, за разлика од другите четири држави кои пред малку ги спомнав, додава директорот Манасиевиќ. Покрај странските ансамбли, од Скопје настапија ансамблите "Кочо Рацин" и "Орце Николов", академскиот КУД "Мирче Ацев", албанското друштво "Каршијака" и Ансамблот "Скопје". На сцената на Универзалната сала беа изведени вкупно 11 точки.

ДРУЖЕЊЕ

Преостанатите денови беа искористени за прошетка и дружење меѓу гостите и домаќините. Некои од ансамблите го посетија Охрид, а другите беа многу задоволни од посетата на Етнолошкиот музеј каде што има трајна постановка на народни носии од повеќе краишта на Македонија. Потоа ја посетија тврдината Кале, Старата чаршија, црквата "Свети Спас", "Даут пашин Амам", а некои посакаа панорамски да го видат Скопје од Водно.

"Калочаи" - Ансамблот "Калоша" од Унгарија

Ансамблот од Киев, Украина

Затворање на Фестивалот со завршниот говор на директорот Манасиевиќ

Децата беа сместени во семејства, додека возрасните во хотелот "Олимписко село". Сакавме да бидеме што подобри домаќини - организатори, но тоа не зависеше само од нас. Најмногу зависи од финансиите со кои располагаме, објаснува директорот Манасиевиќ. Овој пат ние на време испративме писма, проекти, конкуриравме и во Министерсвото за финансии и во Министерството за култура, но се уште немаме повратен одговор. Се обративме и до повеќе стопански субјекти и фирми во градот. Се надеваме дека следната година ќе влеземе во Програмата за финансирање и во Градот и во Министерството за култура. Досега Фестивалот ќе се покрие само со продажба на билетите од концертот во Универзална сала и со уште неколку мали симболични спонзорства. Меѓутоа, ние како организатори сме среќни што зацртаниот план да поканиме пет ансамбли од странство го реализиравме, концертите ги оценивме како успешни, квалитетни. Имаше многу убава тематска програма.

ГОСТУВАЊА

Овој Фестивал како што споменав се одржа по шести пат, меѓутоа секоја година настојуваме да поканиме што е можно повеќе ансамбли од повеќе држави, вели директорот Манасиевиќ. Во нашата евиденција имавме од 11 држави учесници, желбата ни е секоја година барем по една нова екипа да ни гостува која досега не била во Македонија. Годинава имавме покането групи од Италија и од Австрија, но не знам од кои причини не дојдоа. За следната година планираме да поканиме гости од Хрватска, Италија, Словенија, Австрија, Германија, Скандинавските држави, од Русија итн. Мислам дека во тоа ќе успееме, Фестивалот се одржува, зацртаните критериуми за одржување на Фестивалот ги исполнуваме. Покрај меѓусебното дружење, целта ни е не само нашиот Ансамбл, туку и другите македонски ансамбли да започнеме и една взаемна соработка и да направиме контакти со нив при што би учествувале и ние како гости на нивни фестивали во земјите од каде што доаѓаат.

Членовите на "Кочо Рацин" веќе се поканети да гостуваат. Конкретно, следниот месец ќе бидат гости на ансамблот од Бугарија, а пријателите од Србија и Црна Гора ги поканиле во септември. Ансамблот веќе во јуни ќе гостува и во Украина, потоа во август имаат планирано и гостувања во Унгарија, Португалија и Белгија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"