Ромите бегалци потпишуваат барања за азил
Косовските Роми кои веќе една недела се на македонско-грчкиот граничен
премин "Меџитлија" крај Битола и бараат азил во Грција, пополнуваат
апликации како официјални писмени барања за азил во некоја од земјите од
Европската унија. Ромите беа посетени од претставници на "Рома национал
конгрес" од Хамбург кои истакнаа дека ако Ромите бегалци покажат отворена и
јасна желба да ја напуштат државата, во случајот Македонија, тоа мора да им
се дозволи.
Бугарско-турски шверц со домати
Фиктивна фирма од Гевгелија минатата година направила нелегален извоз на
700 тони бугарски и турски земјоделски производи во Црна Гора со декларација
дека се македонски. Големата понуда и ниската цена практично го уништила
црногорското земјоделство, но штетно влијаеше и на македонското. Нелегалниот
бизнис со домати го доведува во прашање натамошниот извоз на македонски
градинарски производи на црногорскиот пазар.
Џафери е за распаѓање на Македонија
Лидерот на ДПА, Арбен Џафери, во интервјуто за албанскиот весник "Куриер"
вели дека соживот меѓу Албанците и Македонците во една држава веќе е
невозможен. Според него, останува само едно решение, а тоа е распаѓање на
Македонија.
Влез во Албанија со лични карти
Ружди Метоши, член на групата за контакт при Демократската партија на
Албанците, упатил писмо до шефот на албанската дипломатија и вицепремиер
Илир Мета со барање да им овозможи на граѓаните на Македонија да влегуваат
во Албанија со лични карти. Ваквото барање на Метоши се темели на
претпоставката дека ваквото олеснување за влез во Албанија ќе биде во
интерес на албанскиот туризам.
Македонија во НАТО во 2006 година
Претседателот на американскиот комитет за НАТО, Брус Џексон, во Тирана
истакнал дека Албанија, Хрватска и Македонија ќе бидат опфатени со одлуката
за прием во Северноатлантската алијанса во 2006 година. Според Џексон, исто
така, потпишувањето на Јадранската повелба меѓу САД и Албанија, Македонија и
Хрватска е значајно за влез во Алијансата.
Македонско-грчки договор за сезонските работници
Македонија една година не може да ги подготви документите со кои од
Грција ќе бара да склучи договор за издавање на работни дозволи за
невработените во Македонија. За да се стави крај на работењето на црно и да
се евидентираат сезонските работници кои заработуваат на грчките плантажи,
Македонија планира со Грција да потпише договор за издавање на дозволи за
привремена работа.
Локалитетот Водоча најбогат на Балканот
Според тврдењата на стручњаците од Заводот за заштита на спомениците на
културата и Музеј во Струмица, археолошкиот локалитет во дворот и околината
на средновековниот манастирски комплекс "Свети Леонтиј" во Водоча, сега
седиште на Струмичката епархија, претставува најбогато наоѓалиште на
Балканот. На овој локалитет, во текот на последните две-три години, се
истражени стотина нови некрополи од 14 до 16 век, остатоци од водовод и
манастирска бања, темели на ранохристијански цркви од 5 и од 6 век, а
пронајден е и евидентиран богат керамички материјал.
СОРОС ќе лобира за балканските земји
Директорот на Фондацијата Институт отворено општество, Џорџ Сорос, на
средбата со премиерот Бранко Црвенковски ја потенцирал заложбата за учество
на Фондацијата во лобирањето и во поддршката на земјите од Балканот во
пресрет на самитот во Солун. Целта на ова лобирање е заради поголема
достапност на претпристапните фондови, а во правец на забрзување на агендата
за интеграција на балканските земји во ЕУ.
За Коридорот 8 во Софија
Градоначалникот на град Скопје, Ристо Пенов, учествуваше на
конференцијата "Локален економски развој по должината на Коридорот 8" кој се
одржа во Софија, Бугарија. При тоа градоначалникот Пенов ја истакна важноста
на Коридорот 8 за развојот на Скопје, на Македонија и регионот.
Албанија во обединета Европа
Најголемиот албански писател Исмаил Кадаре за виенскиот весник "Курир"
изјави дека албанското прашање би било решено во обединета Европа. Меѓутоа,
како што вели Кадаре, таа цел не може да се постигне со сила и против
волјата на демократска Европа. Тој & порачал на Меѓународната заедница да
помогне во решавањето на проблемот на тој начин што ќе го забрза процесот на
интегрирање на Албанија во Европа.
Младиот Плескоњиќ во Бугарија
Младиот уметник Стефан Плескоњиќ по успешната петта изложба во Даут Пашин
Амам во Скопје, своите дела ќе ги презентира и во Софија, поточно во
Галеријата за странска уметност, еден од најрепрезентативните простори во
бугарската метропола.
|