Петнаесет години затвор за струшките бомбаши
Кривичниот совет во Основниот суд во Струга им изрече вкупна затворска
казна во траење од 15 години и 6 месеци на струшките бомбаши што на 14
февруари годинава ја минираа зградата на струшкиот суд.
Ќе се осветли споменикот за бранителите
Кај споменикот на загинатите бранители во центарот на селото Волково ќе
бидат поставени четири канделабри и ќе се реконструира јарболот за
подигнување на државното знаме, велат од Општина Ѓорче Петров.
Одложено судењето на Тања Митревска
Судскиот процес против Татјана Митревска и на уште петмина од скопскиот
катастар и од Државниот завод за геодетски работи, во Основниот суд Скопје 1
по втор пат беше одложен поради отсуство на прво и третообвинетиот -
Митревска и Ангел Тодосов. Екс-директорката на скопскиот катастар, Митревска,
поради болест го одложила судењето.
Локални избори во Кочани
Тодор Пашоски од Коалицијата "За Македонија" е новиот градоначалник на
Кочани, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Звонко Митков, ја доби довербата на
гласачите во Оризари во вториот круг на предвремени градоначалнички избори
на двете општини.
Клуч за шест помали банки
Шест македонски банки по барање на ММФ ќе бидат затворени поради
неликвидност ако најдоцна до крајот на јули Владата не ја подобри нивната
состојба. Во Народната банка на Македонија одбиваат да ги соопштат имињата
на банките, бидејќи станувало збор за службена тајна.
Десет милиони евра за Македонија
На 26 мај на сметката на Владата на Република Македонија Европската
комисија уплати 10 милиони евра неповратни грант средства, кои се дел од
третата транша од макрофинансиската помош ветена на Донаторската
конференција во Брисел. Остатокот од 10 милиони евра што ја претставува заем
- компонентата од третата транша, се очекува Република Македонија да ги
добие на почетокот на месец јуни оваа година.
Штрајк на Бучимци
Рударите од Бучим протестираа во Скопје барајќи од Владата да се реши
статусот на рудникот. Рудникот не работи повеќе од месец дена, вработените
стапија во генерален штрајк, додека доверителите го раскрчмуваат имотот, а
менаџерскиот тим никаде го нема.
Македонците позагрижени за сиромаштијата
Македонците се многу позагрижени поради невработеноста, отколку поради
етничките проблеми во земјата - е резултатот на истражувањето на Брима
спроведено во јануари годинава, по иницијатива на Програмата за развој на ОН
(УНДП), а со цел да се испитаат процесите кои би можеле да ја
дестабилизираат Македонија.
Ново рочиште за НИП-от
Судското рочиште за раскинување на купопродажниот Договор за НИП "Нова
Македонија" склучен со словенечката форма "Југ сторитве" е одложено за 30
јуни.
Вложувања во информатиката и во Македонија
Според податоците на "Хјулит Пакард" вкупните вложувања во информатичката
технологија во регионот на нови пазари ( Juropijan
emerxing markets - ЕЕМ) во кои се
вбројуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија и Црна Гора,
Македонија, Молдавија, Романија, Словенија и Хрватска, минатата година
изнесуваа 2,15 милијарди долари. Вложувањата во Македонија не се издвоени
посебно, туку ХП ги прикажува заедно со оние направени во уште три земји -
Албанија, БиХ и Молдавија, на кои вкупно отпаѓаат 13,2 отсто.
Англиско-македонски електронски речник
Македонската понуда на интерактивен едукативен софтвер деновиве ќе биде
збогатена со едно ново издание - "Англиско-македонскиот електронски речник"
на авторката Олга Мишеска -Томиќ, една од најеминентните англисти во
Македонија, што во електронска форма го изготви екипата на фирмата "Ssoft"
предводена од Илија Саковски.
Пцовисани кокошки во Гевгелија
Прегладнетите кокошки во живинарска фарма во Гевгелија и натаму умираат,
а дневната бројка на пцовисана живина се движи од 1.500 до 2.000. Досега
пцовисале над 12.000 кокошки, а надеж и спас за живината е живинарската
фарма "Белимбегово" која има спор со фармата во Гевгелија.
Изложба на фотографии во Чифте-амам
Во галеријата Скопје, Простор 2 во Чифте-амам е отворена изложба на
фотографии од Анастас Ќушкоски насловена како "Карневалот во Вевчани" во
која се опфатени 80 колор-фотографии снимени во последниве 25 години.
Изложбата ќе биде отворена до 4 јуни.
|