|
ЗДРАВСТВО
Заштита и спречување на ширењето на малигните заболувања
ПРЕВЕНТИВАТА Е НАЈДОБАР ЛЕК
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Пациентот може да очекува лекарот да му каже се. Да го поштедите
пациентот од вистината понекогаш значи дека ќе му ја скратите можноста да
живее. Тој треба сериозно да си ја сфати состојбата. Од страна на лекарот
треба да му се дадат сите опции, а денес Декларацијата за правата на
пациентите бара пациентот да биде информиран за се, тој да даде согласност
за се, всушност пациентот е тој кој ќе одлучи како ќе се лекува со
потпишување на писмена согласност.
- Во нашите проценки и анализи се виде дека најчесто уролошките постапки,
колку и да се скапи, се многу поевтини и многу помалку влијаат на општото
чувство на пациентот, отколку состојбата на уро-нефропатија, објаснува
проф д-р Зафировска.
Н а иницијатива на Кли-никата за
нефрологија, а во организација на "Лек Скопје" во охридскиот хотел "Десарет",
Здружението на нефрологија, заедно со Здружението на уролозите, Здружението
на гинеколозите и акушерите и Здружението на радиотерапевтските онколози на
Македонија беше организирана средба со цел постигнување на консензус за
постапките и за содржината на клиничките и практични упатства за превенција
и лекување на опструктивната уро-нефропатија кај пациенти со малигни болести.
Болните од малигноми може да се излекуваат или да живеат пократок или подолг
временски период. Меѓутоа, карциномот е сериозна болест. Затоа поважно е да
се превенира отколку да се лечи.
Токму поради ова, претставниците од четирите Клиники се носители на
Упатствата кои понатаму ќе бидат доставени до сите здравствени институции во
земјава кои подоцна ќе бидат испратени како барање до Министерството за
здравство и Фондот од кои ќе се очекува нивно усвојување.
ИНИЦИЈАТИВА
Со реализирањето на семинарот во Охрид за првпат во Македонија започна
постапка на изготвување и примена на упатства за работа и нејзина
организација меѓу повеќе дисциплини.
Работевме на изготвување на клинички практички упатства за тимско
одлучување за превенција и лекување на опструктивната уро-нефропатија (запушување
на уроодводните патишта), вели проф д-р Катица Зафировска, директор на
Клиниката за нефрологија. Овие Упатства имаат длабоки импликации во
работата на лекарите од примарна здравствена заштита и на сите хирурзи,
односно со нив ќе треба да се запознаат сите лекари во Македонија.
Иницијативата за оваа наша средба и за изготвување на овие упатства потекна
од Клиниката за нефрологија, бидејќи таму всушност на некој начин завршуваат
болните.
Тие завршуваат токму на нефрологија поради несоодветните процедури за
спречување на појавата на опструктивната уро-нефрологија или пак поради
ненавремена и несоодветна терапија на веќе присутното запушување на
уроодводните патишта. Сето тоа може да доведе пациентот да мора да се
хоспитализира и врз него да се извршува скапа терапија со бројни дијализи,
долг престој на Одделението за интензивна нега и дополнително влошување на
квалитетот на живот.
Доколку тоа навреме се препознае и пред започнување на терапијата, за
која се знае дека може да даде одредени последици за бубрежното ткиво, тогаш
се спречува да се дојде до оштетување на бубрежното ткиво, додава проф
д-р Зафировска. Кога еден така тежок болен со малигна болест ќе дојде до
таква состојба, тој има дополнтелно влошување на состојбата, има
дополнително намалување на квалитетот на животот, а знаете дека денешната
медицина во својот основен пристап има цел да спречи, пред се тоа е
највисоката цел, да излечи и лечејќи да дозволи добар квалитет на животот.
СРЕДСТВА
Но, уште една димензија на проблемот е фактот дека можеби се има впечаток
оти не е голем бројот на болни. Меѓутоа, тежината на болеста и потребата од
примена на посебни тераписки зафати доведува до тоа нерационално да се
трошат средства кои би можеле посоодветно да се употребат.
Во нашите проценки и анализи се виде дека најчесто уролошките постапки,
колку и да се скапи, се многу поевтини и многу помалку влијаат на општото
чувство на пациентот, отколку состојбата на уро-нефропатија, вели проф
д-р Зафировска. Таквите болни треба да се лекуваат, покрај другото, уште
и со дијализа. Нашата пресметка беше дека околу 72 пати поскапо е да дојде
пациентот на дијализа, во однос на наједноставната уролошка постапка -
поставување на сонди. Колку што чинат две сонди годишно, толку чини
една дијализа само за материјалните трошоци. Меѓутоа, кај нас проблемот е во
тоа што за превентивните програми, за да бидат спроведени, се потребни
средства. Кај нас треба да порасне свеста меѓу општата популација, меѓу
здравствените работници да се нема отпор во барање и трошење средства за
превентивни програми. Ако прашате и обичен човек и лекар, ќе се види дека
многу поатрактивно ќе им биде да купат скап лек за лекување, отколку да се
дадат тие пари за превенција со што би се спречило да не дојде до таа болест.
ВИСТИНА
Според зацртаните Упатства, запишана е и информацијата за пациентите со
која тие ќе мора целосно да бидат запознаени со болеста и нејзините
последици, постапките за лекување, нивните опции и ризици, со што би можеле
самостојно да донесат одлука. Лекарот е должен да му ги каже на болниот
препораките, но тоа не претставува доктрина затоа што тоа е нешто
задолжително што лекарот мора да го направи. Упатството или препораката е
нешто што се препорачува, но лекарот има право индивидуално во даден случај
да постапи поинаку.
Во анексот како дел од Упатствата е потенцирано дека пациентот може да
очекува лекарот да му каже се. Да го поштедите пациентот од вистината
понекогаш значи дека ќе му ја скратите можноста да живее, објаснува проф
д-р Зафировска. Тој треба сериозно да си ја сфати состојбата. Од страна
на лекарот треба да му се дадат сите опции, а денес Декларацијата за правата
на пациентите бара пациентот да биде информиран за се, тој да даде
согласност за се, всушност пациентот е тој кој ќе одлучи како ќе се лечи со
потпишување на писмена согласност.
Уште една новина во Упатствата е тоа што ќе постои конзилиум кој ќе биде
составен од радиотерапевти, нефролог, уролог и гинеколог кој фактички ќе ги
следи досијата на пациентите и ќе ги упатува на соодветно лекување.
РАНО ОТКРИВАЊЕ
Факт е дека големиот број пациенти, особено пациентки, ненавремено
доаѓаат на лекар, во напреден стадиум на болеста кога оваа состојба за која
се зборуваше на семинарот е некако како придружна состојба.
Барањето на претставниците на Здружението на гинекологија и акушерство
индицира во овие Упатства да се внесе нешто што ќе биде иницијатива за малку
повеќе работа на раното откривање на најчестите причини за настанување на
оваа состојба. Вистината е дека карциномот на грлото на матката е втор по
ширење по карциномот на дојката. Кај огромен број пациентки оваа болест се
открива доцна кога ништо не може да се направи. Затоа лекарите од примарната
здравствена заштита треба да прават одредени скрининг дијагностични постапки.
Тие се доволно квалитетни и можат околу 80 отсто да ги решат проблемите на
пациентите. Кај нас во Македонија треба и популацијата и лекарите да
прифатат дека да се направи Папаниколау може да биде најевтината скрининг
постапка и таму каде што има сомневање, пациентите ќе бидат упатени на
секундарна и терцијална здравствена заштита.
Покрај превенцијата при раното откривање на гениталниот карцином кај
жената, треба исто така да се обрне внимание и на урогениталниот канцер кај
мажите.
|