ЕКОНОМИЈА

Јевстратие Димитријески ја продолжува борбата против генералниот директор на "Тетекс"

ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈАТА ТАЛКА ВО СУДОВИТЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Правдата ќе ја барам и пред Меѓународниот суд за човекови права, вели Јевстратие Димитријески кому, како што потенцира, генералниот директор на "Тетекс", Глигорие Гогоски, одбива да му го врати одземениот имот.

  • Димитријески објаснува дека Гогоски кога тогаш ќе го врати имотот и ќе ги плати направените трошоци. Но, за жал, трошоците ќе биде на сметка на работниците на ова претпријатие.

Приказната за господинот Јевстратие Димитријески и за неговиот одземен имот, како што пишувавме во еден од минатите броеви на нашиот неделник, започнува во 1986 година кога за потребите на "Тетекс" од Тетово, му биле одземени две парцели земјиште.

Но, поради тоа што ова претпријатие, како што вели Јевстратие, не ја реализирало целта заради која бил одземен имотот, тој повикувајќи се на Законот за денационализација, член 8, став 2, бара да му се врати. Комисијата на Владата на РМ за денационализација донела решение според кое треба да му се врати одземениот имот на Јевстратие. Меѓутоа, генералниот директор на "Тетекс" одбива да го врати, а во меѓувреме Апелациониот суд одлучува предметот да се врати на првостепениот суд на повторно разгледување.

ПРЕКРШУВАЊА

Основниот суд во Тетово, како првостепен граѓански суд со судијата Шемседин Јусуфи, како претседател на Советот, и судиите поротници Алија Џабир и Сабит Бајрами како членови на Советот, решавајќи по тужбата на тужителот Волнарски Комбинат "Тодор Циповски - Мерџан", а.д. "Тетекс" Тетово, застапуван од полномошникот Јован Трпеноски, адвокат од Скопје, против тужените Јевстратие Димитријески од Тетово застапуван од полномошникот Саво Коцарев, адвокат од Скопје и тужените Милисав Димитријески од Тетово и Виолета Апостолоска од Тетово за сопственост, и по тужбата на тужениот - противтужителот Јевстратие Димитријески против тужителот- противтужениот Волнарски комбинат "Тодор Циповски Мерџан", а.д. "Тетекс" Тетово за предавање во владение, по одржаната расправа на ден 13.12. 2002 година донесе пресуда според која тужбеното барање на тужителот Волнарски комбинат "Тодор Циповски - Мерџан" а.д. "Тетекс" Тетово, со кое побара да се утврдува дека е сопственик на недвижниот имот, се отфрла како неосновано. Се усвојува тужбеното барање на тужениот - противтужителот Јевстратие Димитријески од Тетово, се задолжува тужителот - противтужениот а.д. "Тетекс" Тетово на тужениот - противтужителот Јевстратие Димитријески да му го предаде во владение недвижниот имот којшто претставува КП. бр. 6594 на м.в. Клуково и КП бр. 6589/2 на м.в. Клуково, како и да му ги надомести трошоците на постапката. Решението за привремена мерка донесена од страна на овој суд под П. бр. 176/2002 од 5.04. 2002 година се става вон сила и во иднина не произведува правно дејство. Во Образложението се вели дека тужителот - противтужениот Тетекс а.д. "Тетекс" Тетово во писмена тужба и на расправата пред судот преку својот полномошник, адвокатот Јован Трпеновски од Скопје, навел дека со решение бр. 09-1941/5 од 2.04. 1986 година од страна на извршниот совет на Собранието на поранешна Општина Тетово му е доделен недвижен имот, меѓу другото и катастарските парцели, кои се поподробно опишани во диспозитивот на пресудата, дека на овие парцели изградил царински терминал со придружни објекти, поради што и предложи да се усвои тужбеното барање и да се задолжат тужените Милисав, Јевстратие и Виолета да им го признаат правото на сопственост.

НЕОСНОВАНОСТ

Во одговор на тужбата полномошникот на тужениот - противтужителот Јевстратие Димитријески, адвокатот Саво Коцаров го оспорил туженото барање на тужителот - противтужениот а.д. "Тетекс" Тетово и предложи истото да се одбие како неосновано. Тој истакнал дека предметното земјиште своевремено било доделено за а.д. "Тетекс" да изгради погон за предиво и волница и дека овој спротивно на решението изградил царински терминал кој исто така не е изграден во согласност со одобрението за градба и другата документација. Судот по изведување на нужните и предложени докази по овој спор, утврдил дека со решение бр. 09-1941/5 извршниот совет на Собранието на поранешна Општина Тетово на седница одржана на ден 28.03. 1986 година на сега тужителот - противтуженениот ВК ТЦМ а.д. "Тетекс" Тетово му доделил градежно неизградено земјиште од општествена сопственост за изградба на посебен погон за производство на предиво и волница. Меѓу другите катастарски парцели му се доделени и КП. бр. 6594 и КП. бр. 6589/2. Со решение бр. 14-9471 од 13.01.1986 година и бр.14-9461 од 13.01. 1986 година двете парцели биле одземени од владение на поранешните сопственици претходници на сега тужените Бранко Димитриевски и Љубица Димитриевска. Тужителот стапил во владение на земјиштето и истото извесно време го обработувал за што своевремено склучил договор со Воспитно-поправен дом и општинскиот затвор во Тетово. Во текот на 1994 година тужителот - против тужениот од страна на Министерството за урбанизам, градежништво, сообракај и екологија добил решение за локација бр. 09-1178/1, решение за урбанистичка согласност, а потоа и одобрение за изградба на плато за царински терминал бр. 1178/3, сите од 29.8. 1994 година, а кои се однесуваат на КП. бр. 6589/1 и други. Со вакво решение очигледно е изменет претходниот план и намера на тужителот - противтужениот за изградба на производствен погон за предиво и волница за која цел и му било доделено градежно неизградено земјиште. На ден 29.06. 1997 година тужителот - противтужениот добил одобрение бр. 153427/11-5 за изградба на настрешница на КП. бр. 6594 и ограда. Но, по изградбата на настрешницата на ден 28.01. 1997 година, добил одобрение бр. 76/1 за адаптација од настрешница во магацин за царинска стока. Со решение под Д/Н бр. 17-783/1 од 18.08.2001 година од страна на Министерството за финансии и преку Комисијата за денационализација на РМ со седиште во Тетово на тужените им е вратено КП. бр. 6589/2 и со решение под ДН. бр.170782/2 од 29.12.2001 година исто така од страна на Министерството за финансии на РМ преку Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Гостивар, на Јевстратие му е вратено во сопственост КП. бр. 6594 кое се уште се води како градежно неизградено земјиште. На ден 4.12. 2001 година од страна на службените лица на управата за јавни приходи - одделение за имотно-правни работи Тетово, Неваип Ибраими и Ацо Мицевски во присуство на тужениот - противтужителот Јевстратие бил извршен увид на лице место, и било констатирано дека овие настрешници се изградени без градежни документи. Министерството за транспорт и врски - ПЕ Тетово, на ден 6.02.2002 година со известие бр. 03-227/1-1 го известил Јавното правобранителство на РМ за подрачјето Тетово, дека овој орган од одобрението кое е издадено за адаптација на настрешницата во магацински простор го третира како постоечки објект и дека овој објект не е предвиден со урбанистичкиот план и истиот нема одобрение за градба, дека на КП. бр. 6589/2 не постојат никакви објекти и дека оваа парцела на лице место преставува ливада и дека на дел од КП. бр. 6594 има настрешница која во дел е адаптирана во магацински простор. Дека преостанатиот дел од оваа парцела е слободна и се користи како паркинг-плац е констатирано и од страна на судот, од извршен увид на лице место на ден 21.03. 2002 година и од страна на вештото лице Михајло Крстевски дипломиран инжинер - архитект. При одлучувањето судот исто така ги имал предвид наводите изнесени од полномошникот на тужителот - противтужениот дека своевремено на поранешните сопственици спогодбено им бил платен надоместот од страна на тужителот - противтужениот. Меѓутоа, по мислење на овој суд таа околност не е од битно влијание за донесување на конечна одлука, бидејки од една страна видно од приложената уплатница е дека тие средства биле уплатени на сметка на собранието на поранешната Општина Тетово, а од друга страна со решение за денационализација и враќање во сопственост, поранешните сопственици се задолжени добиените средства на име на надоместок за одземено од владение градежно неизградено земјиште да ги вратат, па дури и евентуално зголема вредност на земјиштето. Бидејќи тужбеното барање на тужителот - противтужениот "Тетекс" а.д. Тетово се докажа како неосновано, судот решението за издадената времена мерка П. бр. 176/2002 од 5.04. 2002 година го стави вон сила.

РЕАКЦИИ

Незадоволен од ваквата одлука полномошникот на тужителот Волнарски комбинат "Тодор Циповски - Мерџан" - Тетекс - Тетово, адвокатот Јован Трпеноски, во благовремен рок поднесува жалба и предлага Апелациониот суд во Скопје по разгледување на наводите во оваа жалба и списите кон предметот, да донесе одлука со која Пресудата донесена од Основниот суд во Тетово П. бр. 176/2002 и П. бр. 322./2002 од 13.12. 2002 ќе ја укине и предметот ќе го врати на повторно разгледување и одлучување или истата да ја преиначи на начин што тужбеното барање на тужителот а.д. "Тетекс" Тетово го усвои во целост, а противтужбеното барање на Јевстратие Димитријески да го одбие како неосновано. Во образложението Трпеноски вели дека направена е суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, односно дека пресудата има недостатоци поради кои не може да се испита. Според Трпеноски, изреката на пресудата е неразбирлива, противречи сама на себе. Тој вели дека е погрешно и непотполна утврдена фактичка состојба, односно од веќе утврдените факти, Судот извел погрешни заклучоци што пак довело до погрешна и незаконита одлука, како и погрешна примена на материјалното право. Имајќи предвид дека претходното решение е правосилно и извршно, а спорот за утврдување на сопственоста не е правосилно завршен, тој вели дека тоа значи оти решението П. бр. 176/2002 се уште е во сила, а првостепениот суд нема никаква правна основа да носи друго првостепено решение со кое претходното решение се става вон сила. Со ваквата одлука, судот дозволува во правниот промет да има две решенија кои произведуваат правно дејство, а се контрадикторни.

Апелациониот суд Скопје, решавајќи по жалбата на тужителот - против тужениот изјавена преку полномошникот Јован Трпеноски, против пресудата и решението на Основниот суд Тетово бр.176/02 и бр 322/02 од 13.12. 2002 година, на седница на Советот одржана на ден 27.03. 2003 година, донесе решение со кое жалбата се усвојува. Пресудата и решението на основниот суд Тетово бр. 178/02 и бр. 322/02 од 13.12. 2002 година се укинуваат и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно разгледување.

Во врска со жалбата на тужителот - тужениот Волнарски комбинат "Тетекс", адвокатот на Јевстратие, Саво Коцаров, во одговорот на жалбата вели дека пресудата нема ниту еден недостаток поради кој не би можела да се испита. Јевстратие Димитријески вели дека законитоста е на негова страна и дека имотот мора да му биде вратен.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"