евремето што неодамна ги зафати
јужните делови од Македонија уништило 40 хектари ло-зови насади во
Гевгелиско, една третина од лозјата во Општина Росоман, додека во Кавадарци
штетата во лозарството се проценува од околу 7 милиони денари. Дали се
доцнело со испукувањето на градобијни ракети намерно или пак од негрижа,
засега е тема за истражување?
Според градоначалникот на Гевгелија, Петко Смилков, поројниот дожд за
дваесетина минути уништил околу 40 хектари лозови насади и мал дел од
овоштарниците. Тој објасни дека најпогодени од невремето се селата Серменин,
Кованец и Општина Миравци. Според првичните проценки што ги направиле
општинските комисии во овие подрачја, градот стопроцентно ги уништил
лозовите насади кои главно се во сопственост на индивидуални земјоделци.
Најлоша е состојбата во село Кованец каде што има градобијна станица. Според
информациите оттаму, тие биле подготвени да испукаат градобијни ракети, но
тоа не се случило, бидејќи не добиле дозвола од регионалната станица "Пожар"
во Радовишко, додава Смилков.
Поради негрижа голем дел од лозјата се уништени
Градоначалникот на Росоман, Гоце Величковски, констатирал дека градот
оштетил една третина од лозовите насади во Росоман, односно на подрачјето
меѓу Росоман, Трстеник и Цирково. Според првичните проценки, штетите на
лозјата изнесуваат 45 отсто.
Сузана Моневска, директор на Управата за хидрометеоролошки работи на
Република Македонија, вели дека состојбата со градобијните облаци била
следена од радарските центри "Пожар", "Јуриште" и "Тополчани" и дека со
градобијни ракети било интервенирано од првите два центра. Таа објасни дека
од радарскиот центар "Тополчани" не било интервенирано со ракети, бидејќи
немало потреба.
Во случајов не станува збор за тоа дали е интервенирано со градобијни
ракети или не, бидејќи не можеме да гарантираме стопроцентна заштита. Во тек
се анализите за успешноста на градобијната заштита, но ракети никогаш не сме
имале колку што сме сакале. Оваа година користиме резерви од лани, а
процедурата за набавка на нови ракети е во тек, додава Моневска.
Останува нејасно зошто секогаш со задоцнување реагираме со превентивни
мерки, кога се има предвид дека последиците се долготрајни и поразителни.
НЕВРЕМЕ
Додека минатата година лозовите насади во Кавадарци измрзнаа, оваа година
тие станаа жртва на пороен дожд и град. Според кавадарчани, глетката на
лозовите насади била шокантна. Тоа бил тежок удар за и така сиромашните
земјоделци кои мака мачат за да го одгледаат лозјето, а за евентуалните
штети предизвикани од невреме како во случајов никој не им гарантира за
обештетување.
Искршените лозови насади, наместа срамнети со земја, урнатите стебленца и
дрвја, остатоците од тиња по улиците, сведочат за големото невреме што пред
некоја недела го погоди Кавадарци. Поројните дожд и град што за
четириесетина минути се истурија врз овој град и околните населби, поплавиле
повеќе куќи, и целосно или делумно оштетиле над 2.500 хектари лозје.
Во општинскиот кризен центар во Кавадарци велат дека само за дваесет и
четири часа над 700 индивидуални земјоделци пријавиле оштетувања на лозјата
и очекуваат тој број да порасне до 5.000. Градот уништил над 2.500 хектари
лозови насади, од кои 500 хектари се на приватните претпријатија "Гоце
Делчев", "Краишта" и "Сопотско поле", а преостанатите 2.000 хектари на
индивидуалните земјоделци. Најпогодени подрачја од невремето се: Љубаш,
Овчка Река, Смилица, Домовица, Трстеник и Раштани.
Градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов, вели дека Општината ќе побара
од Владата надомест на штетите на комуналната инфраструктура, домаќинствата
и земјоделството, по основ на елементарна непогода. Според првичните
проценки на општинските комисии, штетите во комуналната инфраструктура
изнесуваат над 107 милиони денари.
Министерот за земјоделство, Славко Петров, ветил дека ќе ги надомести
штетите за очекуваните приноси, а исто така ќе биде побарана одговорност и
за тоа што не е испукана ниту една градобијна ракета, за што веќе побарале
одговорност од Управата за хидрометеоролошки работи.
ГРАД
Силен дожд, ветер и градоносни облаци и по втор пат ја зафатија
Тиквешијата. Град со големина на лешник 20 минути паѓал на лозарските насади
во Росоман. Силното невреме го уништи грозјето на околу стотина хектари
сопственост на Земјоделското претпријатие "Душан Ќириќ", а не ги одмина ниту
индивидуалните лозари. Првичните сознанија се дека оштетувањата се од 50
отсто до 100 отсто, а најпогодени се сортите "смедеревка" и "ракацители".
Од силниот дожд и град настрадаа и лозовите насади во Демир Капија, но со
послаб интензитет. И натаму тиквешките лозари се прашуваат дали станува збор
за виша природна сила или во прашање е човечки фактор.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека велешки стрелци пукале
за да ги разбијат градоносните облаци, но не успеале. Во Кавадаречко ваквите
рампи не функционираат, а доколку биле активни, би можела да се спречи
катастрофата за 50 отсто.
Наскоро надлежните треба да изготват информација за нефункционирањето на
противградобијните центри во Тиквешијата и зошто оваа година не се набавени
ракети за овој регион, иако годинава противградобијната заштита требаше да
стартува уште во април.
ПРАШАЊЕ
Невремето што го зафати регионот на Тиквешијата и предизвика штети во
земјоделието го покрена прашањето зошто не реагираа градобијните служби во
Демир Капија, Кавадарци, Росоман и другите области погодени од град и дожд.
Проблемот со интервенирањето врз градоносните облаци, според информациите од
локалните центри за противградобијна одбрана, настанал поради недостиг на
градобијни ракети. Евентуалните штети се уште не се утврдени.
Министерот за земјоделство, Славко Петров, при посетата на оштетените
лозови насади во Тиквешијата изјави дека имало пропусти. Ставот на Петров е
дека најпрво треба да се утврди штетата и причините кои довеле до неа и дали
човечкиот фактор, со пропуст на одредени служби и државни органи се учесници
во истата.
Постои сомневање дека во противградобијната заштита има одредени пропусти
и се надевам дека сме во состојба да преземеме мерки кои ќе спречат во
иднина ваква состојба, изјави министерот Петров.
Тој рече дека веќе е распишан тендер за набавка на нови ракети, во висина
од 4.600.000 денари, што ќе биде сосема доволно за градобијна заштита.
За тоа колку Владата и ресорното Министерство ќе им помогнат на
оштетените лозари, Петров рече дека постоењето на штети ќе биде соодветно
третирано, а во рамките на можностите на Буџетот ќе се преземат мерки кои ќе
ги олеснат состојбите.
На многумина земјоделци им лебди прашањето дали оваа година воопшто ќе
има грозје за производство на вино, колку време ќе биде потребно за лозовите
насади да закрепнат и колку средства ќе им бидат потребни за нивната
ревитализација.
Останува нејасна и иронијата дека за сето ова можеби е виновен човековиот
фактор кој затаил во моментот кога требало да реагира и да го спаси
македонското грозје!