ашата држава изобилува со многу
природни убавини кои се реткост за преостанатите земји во светот. Но, таа не
води доволна грижа за истите да ги заштити и одржува.
Идејата за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк "Шар
Планина" датира од поодамна. Понесен од желбата за заштита на флората и
фауната, како и за заштита на многуте релјефни и географски карактеристики
на оваа планина што се реткост во светот, пратеникот Зоран Томиќ подготви и
Предлог-закон. Томиќ вели дека заштитата на природните добра преку
категоријата "национален парк" претставува највисок степен на заштита и како
таков обезбедува одржување, уредување и одржливо користење на националните
паркови за научни, културни, воспитно-образовни, здравствени, спортски,
туристичко-рекреативни и други потреби и нивно унапредување.
Ќе добие ли Тетово Национален парк "Шар планина"?
Целта што се сака да се постигне со овој закон е голема, а пред се да се
заштитат природните реткости и богатства. Доколку сериозно се пристапи, а
може да се пристапи, кон него, тогаш Република Македонија би имала многу
предности, вели Томиќ.
Во изработката на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина
за Национален парк "Шар Планина", како што објаснува Томиќ, се вклучени
многу научни институции од сферата на географијата, односно сите оние
институции кои се занимават со оваа област. Во членот 1 од овој
Предлог-закон се вели: "Националниот парк Шар Планина, опфаќа дел од
општините Вратница, Теарце, Џепчиште, Тетово, Шипковица, Камењане, Боговиње,
Неготино - Полошко, Врапчиште, Вруток и Маврови Анови".
Границата на националниот парк "Шар планина" е прецизно опишана во член 2
од овој Предлог-закон. Во споменатиот член се наведува: Националниот парк "Шар
Планина"се простира по должината на границата на крајните југозападни делови
на Србија и Црна Гора и крајните северозападни делови на Република
Македонија и зафаќа површина од 51.858 хектари".
ОТПОРИ
Шар Планина, како и околните тетовски села, барем според информациите кои
кружат во јавноста, не е под контрола на безбедносните сили на РМ. Таму се
уште царуваат терористичките банди. Но, како што вели господинот Томиќ, тоа
е уште една причина повеќе од безбедносен аспект да му се посвети поголемо
внимание на тој дел од нашата територија.
Овој закон не се прави за некаква национална припадност. Тој е за сите
граѓани на РМ и пред се има длабоко еколошки мотиви. Веројатно и
државата преку своите надлежни институции далеку повеќе би се грижела за
овие простори. Мислам дека со овој предлог само би се подобрила
безбедносната состојба. Навистина би било непријатно овој закон да не
помине затоа што сметам дека истиот е многу корисен и потребен за РМ. Зошто
да не размислуваме тој простор да го развиеме, збогатиме? Кога можеше во
една Јахорина, Сараево, да се организираат олимписки игри, зошто и
Македонија на економски план да не профитира? Лично сметам дека тој предлог
ќе наиде на разбирање, вели Томиќ.
"Овој закон пред сe има длабоко еколошки мотиви", Зоран
Томиќ
Населението во Тетовско, објаснува овој пратеник, со помош на Владата го
организираше Шарпланинскиот куп. Во тие денови беше вистинска убавина да се
престојува во рекреативниот центар Попова Шапка.
Во претходните обиди за прогласување на Шар Планина за национален парк,
имаше отпори од албанското население со објаснување дека тука се пасиштата и
ливадите каде што тие го пасат својот добиток. Томиќ вели дека и овојпат
најверојатно ќе има отпори од ваков тип, но објаснува дека со овој закон би
се уредил начинот по кој би се користиле пасиштата, ливадите и шумите.
Поентата на овој закон, вели Томиќ, е да водиме поголема грижа за
природата, за природните богатства.
ПОЛОЖБА
Шар Планина се простира по должината на границата на крајните југозападни
делови на Србија и Црна Гора и крајните северозападни делови на Република
Македонија, помеѓу Призренско-метохиската и Полошката Котлина. Припадноста
на Шарско-пиндскиот систем, односно на Динаридите во поширока смисла,
отвореноста кон климатските влијанија од Јадранското море, преку долините на
Бел Дрим и Призренска Бистрица и кон Егејското Море, по долините на Вардар и
Лепенец, како и нејзиното централно место на Балканскиот Полуостров, се
основни елементи на нејзината географска положба. Заради маркантната
морфолошка целина по која се карактеризира високиот планиски масив на Шар
Планина, таа била забележана под името "Скардус" уште на Птоломеевата карта
создадена во античкиот период. Првите научни истражувања на Шар Планина, се
вели во образложението на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар
Планина за национален парк "Шар Планина", започнуваат во 1836 и 1837 година
со искачувањата на Ами Буе на Кобилица и на А. Гризебах на Љуботен во 1839
година. Општата географска, геотектонска и геоморфолошка положба, бурната
геотектонска динамика и големите палеогеографски промени во минатото,
големите надморски висини на главниот гребен и масивноста на Шар Планина,
геолошката градба во која преовладуваат водонепропусните силикатни стени,
јасно одредените глобални климатски одлики на местото на конфликтот на
субмедитеранските и континенталните влијанија, микроклиматските
специфичности со изобилство на површинските водотеци што ја чинат "најводна"
планина на Балканскиот Полуостров, условило исклучителна сложеност и
мозаичен распоред на живиот свет.
БОГАТСТВО
Масивот на Шар Планина има мошне сложен геолошки состав и тектонски склоп.
Во образложението на Предлог-законот се вели дека според староста карпестите
маси на Шар Планина глобално можат да се издвојат како палеозојски,
мезозојски и кенозојски.
Шар Планина е една од најголемите и вертикално најизразените планински
масиви не само во Република Македонија, туку и на подрачјето на поранешна
Југославија, чија посебна одлика е нејзиното високо, кривесто, заоблено и во
добар дел зарамнето возвишение долго околу 80 километри, широко од 10 до 30
километри кое претставува стара просторна ерозивна површина со височина од
2000 до 2200 метри од која се издигнуваат голем број врвови: Љуботен (2.586
метри), Езерски Врв (2.386 метри), Црн Врв ( 2.585 метри), Кобилица (2.528
метри), Караниколица (2.409 метри), Челепенски Врв (2.554 метри), Рудока
(2.658 метри), Враца (2.582 метри) и многу други, меѓу кои највисок е Титов
Врв (2.747 метри). На Шар Планина има вкупно 39 глацијални езера од кои 25
се постојани, а 14 повремени. Од нив 27 се во Македонија (19 постојани и 8
повремени). Се наоѓаат на надморска висина од 1.939 до 2.330 метри.
Најголемата флористичка драгоценост на Шар Планина ја прават ендемичните
видови кои на овој простор ги има околу 150. Многу од нив се со балканско
распространување: албански крин, молика, црногорско лутиче, убаволисна
попова лажичка итн. Меѓу многубројните видови птици, од посебно значење се
тие што се наоѓаат на списокот на природни реткости на Македонија: златен
орел, белоглав мршојадец, сив сокол, сокол крагуј итн. Од претставниците на
класата цицачи, посебно атрактивни се: мечката, рисот, дивата мачка, видрата
и други.
На Шар Планина има интересни и мошне атрактивни локалитети како што се
Попова Шапка, Јелак, Лешница, Љуботен, Брустовац и др. Најпознат туристички
простор на Шар Планина и зимски центар во Македонија е Попова Шапка. На
југозапад од Попова Шапка се наоѓа просторна висорамнина Вакув (големо
тревно пасиште) преку која се пристигнува по најкус пат до Титов Врв и до
двете глацијални езера - Белото и Боговинското.