Сметам дека вклучувањето
во политиката е индивидуално. Но, сепак, според мое видување ценам дека
позрелата возраст е поприфатлива за занимавање со политика. Кај мене
потребата да се посветам на политиката се јави во еден одреден животен
развој, во еден момент кога имав завршено со најголемите професионални и
семејни обврски. Во тој период имав завршено со магистратура, докторат,
постдокторски престој во САД и имав една професионална кариера. Тогаш и
мојот син беше на возраст кога не сум му премногу потребна, односно не е
зависен од мене. Тогаш беше моментот за моето вклучување во политиката.
МС: Која е Вашата професија, колку таа има допирни точки со она што сте
денес и кој беше клучниот момент за политички ангажман?
БОРОЗАН: Пресудниот момент следеше по сите оние настани
во мојот живот кои претходно ги набројав. Докторирав во 1996 година на
34-годишна возраст, а во 1997 година бев на постдокторски престој во САД на
Државниот универзитет на Северна Каролина. Во 1998, 1999 година бев визитинг
професор во Јужна Америка во Чиле и токму тој мој престој во Чиле
коинцидираше со бегалската криза во Македонија и бомбардирањето на СР
Југославија. Тие случувања влијаеја многу интензивно врз мене. Тогаш
дефинитивно одлучив дека занимавајќи се исклучиво со професијата не давам
доволно од себе. Сфатив дека се случуваат многу сериозни работи во државата
и дека секој одговорен човек од ова поднебје, од Македонија треба да даде
свој придонес и во општествените случувања, односно во политиката како
инструмент за остварување на повисоки општествени цели.
По професија сум дипломиран електротехнички инженер. Моето прво
вработување беше на Електротехничкиот факултет во Скопје каде ги поминав
сите развојни фази, од помлад асистент, преку асистент за да во 2000 година
бидам избрана за доцент на факултетот. Од тоа работно место впрочем подоцна
станав пратеник во Парламентот на РМ. Имено, во последниве години во
стопанисувањето со електрична енергија во светот се случува процес на
дерегулација, што подразбира преод од монополски во пазарен начин на
стопанисување. Оваа преобразба и покрај учеството на економистите ја водат
стручни лица од енергетиката. Овој процес на преод е врзан со измена на
законската регулатива во државата и токму тука е поврзаноста на мојата
професија со мојата пратеничка функција. Јас се надевам дека за мојот
пратенички мандат ќе можам да помогнам да се усогласи нашата законска
регулатива од областа на енергетиката со европската.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката и на која возраст Вие одлучивте да бидете поактивни на
ова поле?
БОРОЗАН: Сметам дека жените можат да се носат рамо до рамо со мажите
во секоја област. Политиката, според мене, не би требала да биде исклучок.
Мислам дека жените имаат природна дарба да се однесуват дипломатски.
МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите, како што обично се вели за политиката?
БОРОЗАН: Постојат отпори. Не би сакала да ја искривувам реалноста и
да велам дека тие не постојат. Меѓутоа, никогаш не можам да разграничам дали
отпорите на коишто наидувам се лично кон мене, кон секого што сака да
напредува во одредена професија или пак кон мене како припадник на женскиот
пол. Мислам дека не може да се направи соодветна динстинкција. Оние што
прават пречки на една жена која се обидува да постигне политичка кариера тоа
го оправдуваат со наводната претстава на граѓаните за мажот како политичар и
нивното полесно прифаќање во јавноста. Сметам дека тоа не е точно, бидејќи
во моето досегашно искуство со граѓаните не сум имала проблеми во
воспоставувањето на комуникација. Напротив, најголемиот број на жените кои
се присутни на македонската политичка сцена со својот начин на работа, со
достоинството и квалитетот што го внесуваат оставаат позитивен впечаток.
МС: Покрај политиката, колку жените - парламентарки оставаат простор и
време за своето семејство?
БОРОЗАН: Мајка сум на едно десетгодишно дете. Неизмерно сум горда на
својот син. Се трудам уште од неговото раѓање покрај професионалните обврски
да одвојам максимално време за моето дете. Јас тоа го нарекувам чисто време
за дружење. Можеби е оправдување за мојата совест, но кога сум дома јас се
трудам да го посветам целото свое внимание на мојот син, за разговори и
дружење и на тој начин да го компензирам моето отсуство. Инаку, за периодот
кога сум отсутна, за исполнување на преостанатите потреби во домот заслужна
е мојата мајка. Без нејзината помош сигурно не би можела да го постигнам ни
професионалниот, ни политичкиот успех и за тоа & должам огромна благодарност.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка, доколку имате такво искуство?
БОРОЗАН: Тоа е навистина интересно искуство, особено што мојот син е
на возраст кога има потреба од мене, но е и доволно зрел за да го осознае
значењето на позицијата парламентарец во општеството. Заради тоа кај него
постои една мешавина на чувства. Тој се лути на моето отсуство, но
истовремено кај него има примеси на гордост, бидејќи токму неговата мајка е
во Парламентот. Мислам дека второто чувство преовладува.
МС: Жената, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас,
претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
БОРОЗАН: Мајчинството облагородува. Тоа е значајно во приватниот
живот кај еден човек. Мислам дека не само мојот политички ангажман, туку и
сите сегменти од мојот живот би биле многу посиромашни да не беше мојот син
и чувството на мајчинство. Да се биде мајка е голема мотивација, многу
позитивно искуство. Кога се занимавате со политика имате дополнителна доза
на сензибилност во однос на проблемите на другите.
МС: Колку Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести
политички ангажмани?
БОРОЗАН: Досега не сум почувствувала отпор од моето семејство, нити
од средината во која работам во врска со мојот политички ангажман.
МС: Дали сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и
во градењето хармонично семејство?
БОРОЗАН: Политиката е како и секоја друга професија која бара време и
ангажман за да бидете успешни.
МС: Колку за Вас е битен изгледот и колку време одделувате за она што се
вели стил или имиџ?
БОРОЗАН: По извесни години добриот изглед е прашање и на финансиски
средства и на времето кое можете да го одделите за тоа. Во тој поглед
паметам и подобри времиња. Се трудам секогаш да изгледам уредно и пристојно.
Сметам дека мојата професија е јавна и секогаш треба да се биде уреден. Во
тој поглед не доживеав голема промена, бидејќи и мојата професија како
професор на факултет бара од мене пристоен изглед.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
БОРОЗАН: Дефинитивно да. Сметам дека тоа е тенденција во развиениот
свет. Колку што јас имам информации, во Скандинавските земји тоа е веќе
реалност. Веќе кажав дека жените имаат поизразена сензибилност за разбирање
на проблемите на другите и имаат свој начин на пристап кон разрешувањето на
проблемите. Тој начин ако не преовладува, тогаш треба да биде застапен со
најмалку 50 отсто во Парламентот за да го отслика односот од 50 отсто
население од женскиот пол.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
БОРОЗАН: Мојата порака би била да се бават сериозно со своите
секојдневни обврски. Сериозниот пристап на работа секогаш доведува до
резултати. Нормално, во Парламентот може да се дојде единствено преку
политичка партија, затоа што само политичките партии се борат за власт. За
оние коишто имаат конкретна амбиција да бидат парламентарки, секако е
потребен еден политички ангажман и сериозна, истрајна и напорна работа во
рамките на една политичка партија.
Докторирав во 1996 година на 34-годишна возраст, а во 1997 година бев на
постдокторски престој во САД на Државниот универзитет на Северна Каролина.
Во 1998, 1999 година бев визитинг професор во Јужна Америка во Чиле и токму
тој мој престој во Чиле коинцидираше со бегалската криза во Македонија и
бомбардирањето на СР Југославија. Тие случувања влијаеја многу интензивно
врз мене. Тогаш дефинитивно одлучив дека занимавајќи се исклучиво со
професијата не давам доволно од себе. Сфатив дека се случуваат многу
сериозни работи во државата и дека секој одговорен човек од ова поднебје, од
Македонија треба да даде свој придонес и во општествените случувања, односно
во политиката како инструмент за остварување на повисоки општествени цели.
По професија сум дипломиран електротехнички инженер. Моето прво
вработување беше на Електротехничкиот факултет во Скопје каде ги поминав
сите развојни фази, од помлад асистент, преку асистент за да во 2000 година
бидам избрана за доцент на факултетот. Од тоа работно место впрочем подоцна
станав пратеник во Парламентот на РМ. Имено, во последниве години во
стопанисувањето со електрична енергија во светот се случува процес на
дерегулација, што подразбира преод од монополски во пазарен начин на
стопанисување. Оваа преобразба и покрај учеството на економистите ја водат
стручни лица од енергетиката. Овој процес на преод е врзан со измена на
законската регулатива во државата и токму тука е поврзаноста на мојата
професија со мојата пратеничка функција. Јас се надевам дека за мојот
пратенички мандат ќе можам да помогнам да се усогласи нашата законска
регулатива од областа на енергетиката со европската.