ПОЛИТИКА

Римскиот статут во институционализација на меѓународното кривично судство (1)

ПОСТОЈАН МЕЃУНАРОДЕН КРИВИЧЕН СУД ВО ЈУЛИ

Пишува: Жанета ЌОСЕ, дипломиран новинар, постдипломец на европски студии за интеграција и комуникации

  • Меѓународно-правната заштита на човековите права во секоја организација или заедница, па и во системот на ООН, се протега и врз екстремните облици на кршење на правата на човекот. ОН иницирале и донеле над педесет конвенции, што се темелат врз принципите на Повелбата на ОН од 1945 година и на Универзалната декларација за човекови права од 1948 година.
  • Меѓународниот кривичен суд се основа како постојан и независен судски орган, што за разлика од досегашните, ќе биде првата трајна институција од ваков вид, со досега најширока јурисдикција над воените злосторства.

Идејата за сеопшт мир и сигурност отсекогаш била и останува единствената парадигма за прогресивните сили и предуслов за развојот во современите општества. Стремежот за постигнување на светски мир и безбедност, за свет во којшто насилството ќе биде сведено на минимум, е основната водилка за обединувањето на државите на глобално, а потоа и на регионално ниво. Повеќе од полувековното постоење и заложби на Обединетите нации, а малку подоцна и на Советот на Европа и на Европските Заедници, резултирало со бројни политички и правни механизми за заштита од злото на војната. Тие се основа на федералистичките движења за поврзувања врз разни пан основи.

Енергијата, според принципите на термодинамиката, се претвора во нов вид енергија за создавање на глобален свет во којшто ќе се почитуваат правата на индивидуите, заемно испреплетени со правата на колективитетите. Целта е единствена - да се постигнат услови за одржување на мирот и безбедноста и прогресивен развој на општествата. Светските процеси се иреверзибилни, а ентропијата значи процес на трошење, обновување и возвраќање со позитивен енергетски шок. Резултат се новите процеси на глобално обединување и, како природна реакција, појава на партикуларизација со екстремни тенденции за процвет на разни национализми и фундаментализми. Механизмите за заштита од екстремизмите се неминовни, што пред се условува обединување на прогресивниот дел од човештвото за смирување, а онаму каде што се загрозени и за обновување на мирот и безбедноста.

Современата концепција на меѓународното кривично право е реакција на злосторствата извршени во Втората светска војна. Новата концепција почнува да се развива по процесите во Нирнберг и во Токио со којашто меѓународното кривично право станува наддржавно, супранационално право: под овој поим се подразбира систем од правила на меѓународно право со кои определени човекови поведенија се востановуваат како меѓународни кривични дела и за нив се предвидуваат услови за одговорност независно однационалните законодавства. За современото конципирање на меѓународното кривично право е карактеристично тоа што правните норми кои ги заокружува во систем се такви што за нив мора да води сметка секој национален законодавец и постојат независно од тоа дали една држава ги почитува и ги спроведува во своето национално законодавство или не (jus cogens - обврзно, присилно право). (Камбовски, В., Кривично право, стр. 82).

Повелбата на ОН од 1945 година е темел на светскиот систем на меѓународно-правната заштита на човековите права. Организацијата се концентрира врз кодификација на правата на човекот, од етички принципи до обврзувачко меѓународно право. Како дел од универзалното нормативно право, меѓународното кривично право е систематизирано во Договорот од Рим, основачки акт на постојаниот Меѓународен кривичен суд.

КОНВЕНЦИИ

Римскиот статут претставува кодификација (систематизација) на меѓународното кривично право, а со основањето на постојаниот Меѓународен кривичен суд (ICC) конечно ќе се институционализира меѓународното кривично судство. Со Статутот меѓународното кривично судство се институционализира како наддржавно и независно, а истовремено се засилува трендот на универзализација на човековите права. Процесот на имплементацијата и институционализација на меѓународното кривично право преку многубројни инструменти, судските органи и меѓународни тела, се проширува на сите нивоа.

Општите принципи на правото го сочинуваат елементарниот концепт на правото и на правдата, што мора да се почитуваат од секој правен систем. (д-р Клаус - Дитер Борхард, АБЕЦЕДА на законот на заедницата, 2000, Брисел, стр. 61). Основа за правата во меѓународното кривично право се основните меѓународни документи за човековите права. Меѓународно-правната заштита на човековите права во секоја организација или заедница, па и во системот на ООН, се протега и врз екстремните облици на кршење на правата на човекот. ОН иницирале и донеле над педесет конвенции, што се темелат врз принципите на Повелбата на ОН од 1945 година и на Универзалната декларација за човекови права од 1948 година. Првите обиди за нивно регулирање преку меѓународни договори се направени во областа на меѓународното воено и хуманитарно право, со кое што се штитат човековите права во вооружените конфликти. Први меѓународни договори во таа област се Женевската конвенција од 1864 година и Хашките конвенции од 1899 и 1907 година.

Извори на меѓународното кривично право се многуте конвенции, пактови и нивните протоколи. Римскиот статут е последниот во редот меѓународни договори во којшто се синтетизираат нормите на военото и хуманитарно право, и за утврдување и казнување на злосторствата против човечноста воопшто. Основата на правата во овој мултилатерален Договор е во одредбите на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторствата на геноцид од 12 август 1949 година и (двата) Дополнителни протоколи од осми јуни 1977 година. Во членот 3, што е заеднички за четирите Женевски конвенции за заштита на жртвите на војната од 12 август 1949 година, се дефинира делото геноцид. Елементи на геноцидот се планирањето, непосредно и јавно поттикнување и обидот да се изврши геноцид, како и соучесништвото во геноцид. Со Конвенцијата против мачењето (тортурата) и другите свирепи, нехумани или понижувачки казни и постапки од 10 декември 1984 година се настојува да се унапреди општото почитување и прифаќањето на човековите права и темелни слободи, утврдени во Членот 55 од Повелбата на ОН. Се бара доследно остварување на принципите на Универзалната декларација на човековите права (Членот 5), на ставовите и на принципите од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и од Декларацијата за заштита на сите личности од мачење и друго сурово нечовечко или понижувачко постапување или казнување на ОН. (Камбовски, В., Кривично право, стр. 82).

Во меѓународното хуманитарно право е значајна и примената на Конвенцијата за заштита на културните добра за време на вооружени судири од 1954 година, Конвенцијата за незастаривост на воени и злосторства против човечноста од 1968 година, резолуциите на Генералното собрание за забрана на употреба на одредени видови оружје (од 1961, 72 и 74 година) и на Конвенцијата против мачењето (тортура) и други свирепи, нехумани или понижувачки казни и постапки од 10 декември 1984 година. (Камбовски, В., Кривично право, стр. 86). Сите меѓународни акти и договори што се третираат како извори на меѓународното кривично право, се основа и за нормативниот дел на Римскиот статут. Делата што се инкриминирани (предвидени како казнени, кривични дела) во нив преземени се и во кривичните закони во земјите на поранешна СФРЈ, а вградени се и во македонското кривично законодавство.

ОСНОВА

Меѓународни судови за воени злосторства се формирани по Втората светска војна во Нирнберг и Токио. Нирнбершкиот и Токискиот меѓународен воен суд се основани со Лондонскиот договор од 1945 година, склучен меѓу државите сојузнички што се бореле против силите на Оската. Двата воени судови се привремени, формирани ад-хок, со јурисдикција над нацистичките воени злосторници и врз воените злосторства за време на Втората светска војна.

Трибуналите во Хаг и во Аруша се меѓународни кривични судови, исто така формирани ад-хок, со цел да се утврди одговорноста и да се санкционираат злосторствата извршени на територијата на поранешна Југославија и на Руанда. Трибуналите имаат привремена мисија и легитимитет, ограничена јурисдикција врз одделна категорија на обвинети и над одредена територија, но и ограничена географска и временска јурисдикција. Трибуналите им судат на обвинетите за тешки кршења (или сериозни повреди) на меѓународното хуманитарно и воено право сторени на територијата на поранешна Југославија од први јануари 1991 година и на територијата на Руанда, во текот на граѓанската војна за време на целата 1994 година. Трибуналот за поранешна Југославија со седиште во Хаг е основан врз основа на Резолуција на Советот за безбедност на ОН 808 од 22 февруари и на Резолуцијата 827 од 25 мај 1993 година. За основање на Судот за Руанда со седиште во Аруша, Танзанија, Советот за безбедност ја донел Резолуцијата 955 од осми ноември 1994 година. Во двата случаи Советот за безбедност се повикал на Главата седум од Повелбата на ОН, што се однесува на акции во случај на закани за мирот, повреди на мирот и на акти на агресија. (Повелба на ОН; Меѓународни и европски документи за човековите права Човекот и неговите слободи во правната држава, Јурај Хржењак, 1992 година, Информатор Загреб Повелбата на ОН - Прилог 3 - преведена од д-р Милан Шаховиќ и д-р Богдан Бабовиќ, издавач: Информативен центар на ОН, Белград, 1971 година).

Заради процедуралната различност при нивното и основањето на постојаниот Суд, што се формира врз основа на меѓународен договор, а судовите со седишта во Хаг и во Аруша на резолуции, тие се нарекуваат трибунали. Целта на основањето на Хашкиот и трибуналот за Руанда, покрај санкционирањето, меѓу другото, е и превенција од нови насилства на одредените простори.

Меѓународниот кривичен суд се основа како постојан и независен судски орган, што за разлика од досегашните, ќе биде првата трајна институција од ваков вид, со досега најширока јурисдикција над воените злосторства. Судот, чие седиште исто така ќе биде во Хаг, Холандија, е првиот независен и постојан меѓународен судски орган што ќе ги спроведува нормите на меѓународното кривично право и ќе ги брани и заштитува правдата и светскиот мир. Постојаниот Суд, што се основа под закрила на Обединетите нации, ќе биде единствен независен судски орган во областа на меѓународното кривично, воено и хуманитарно право и за државите членки на европските заедници.

Постојаниот Меѓународен кривичен суд ќе биде основан до први јули годинава, кога Римскиот статут ќе стапи на сила, односно кога ќе стане полноважен. Со статус од 12 април 2002 година, кога во ист ден се поднесени осум инструменти за ратификација, Римскиот статут беше потврден од 66 држави. Со тоа и формално е почната процедурата за основање на постојаниот Суд, за што услов беше да се обезбедат минимум 60 ратификации. Римскиот статут како меѓународен договор, е донесен на Конференцијата во Рим, одржана на 17 јули 1998 година. Статутот е основачки акт на Судот, што на Конференцијата бил потпишан од ополномоштените дипломати на 139 држави. (Enciklopedia Britanika - 1994-2001 - /International low/Europe, history of).

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"