ПОЛИТИКА

Со смена на кормиларот заврши Дванаесеттиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

ГРУЕВСКИ ГО НАСЛЕДИ ГЕОРГИЕВСКИ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • По изборот, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави конструктивност во дејствувањето на опозицијата и кадровски освежувања.
  • Не ја напуштам екипата, туку од центарфор се префрлам во бек, им порача Георгиевски на своите сопартијци, обраќајќи им се за последен пат во улога на партиски лидер.

Љубчо Георгиевски по 13-годишно раководење со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ му го препушти партискиот трон на својот помлад колега, Никола Груевски, а самиот за себе ја избра помалку експонираната функција - почесен претседател. Никола Груевски е новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, избран на партискиот конгрес во Охрид, на кој финишираше едномесечната лидерска трка каде што Груевски освои 220 гласа. Вториот кандидат, Марјан Ѓорчев, освои само 69 гласа и зад себе ја немаше поддршката на Георгиевски.

Време е ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека може да и помага на Македонија и во опозиција, истакна во својот говор Никола Груевски.

Тој потенцираше дека прва негова цел ќе биде ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја преземе водечката улога во Македонија, да ги забрза развојот на земјата и влезот во ЕУ пред поставениот рок од 10 години. Изразувајќи поддршка на натамошната имплементација на Рамковниот договор, тој рече дека ќе инсистира на враќање на протераните Македонци, разоружување на екстремистичките групи и владеење на правото на целата територија.

Потребни се повеќе експерти во нашите редови за да ја совладаме пропагандната машинерија на СДСМ, која засега им е единствено оружје. Од 15 септември наваму живееме во време на апсурди и погрешни чекори на Владата, кои СДСМ ќе ја одведат во пораз. Сведоци сме на ретроградни процеси во државата, отсуство на јасна визија за нејзината иднина, непотизам, нарушена безбедност и веќе на наредните избори граѓаните ќе ја казнат големата измама што се случи на 15 септември, коментираше новиот лидер Груевски.

ПРОПУСТИ

На Македонија во моментов & треба опозициски лидер од технократски профил, сличен на грчкиот премиер Симитис, потенцираше Георгиевски во оценката за својот наследник, образложувајќи зошто се одлучил на тронот да го искачи Груевски, а не Марјан Ѓорчев, својот долгогодишен соработник. Георгиевски на заминување апелираше до новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да ја продолжи соработката со Стојан Андов и со ДПА. Коментирајќи ги пропустите во владеењето на неговата влада, Георгиевски истакна дека згрешил што сите партиски функционери во 1998 година ги прекомандувал во државни функционери и што дозволил во партијата да ескалираат внатрешни кавги.

Со оглед на сегашните околности, јас сум варијанта што уште осум години ќе ве држи во опозиција. Затоа изберете лидер што ќе ве води во предвремени избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е единствената алтернатива во Македонија, истакна Георгиевски ставајќи си се самиот себеси во редот на Делчев, Карев и други истакнати личности од македонската историја.

Инаку на партискиот конгрес не пристигна Доста Димовска, некогашниот столб на ВМРО-ДПМНЕ, која не ја прифати во последен момент испратената покана. Но, затоа присутен беше Војо Михајловски кој заедно со отсутниот Ламбе Арнаудов доби пофалби од Георгиевски.

ПРОМЕНИ

Никола Груевски веќе почнал со кадровското редизајнирање на ВМРО-ДПМНЕ избирајќи ја Ганка Самоиловска - Цветанова за потпретседател на партијата, а Ден Дончев за генерален секретар. Во извршниот Комитет се и Љупчо Балковски, Марјан Додовски, Трајко Славевски, Ѓорѓи Оровчанец, Сашко Кадев, Игор Гиевски, Живко Попов, Жарко Караѓовски. Извршниот Комитет не е целосно пополнет, оставени се места за општинските комитети од внатрешноста, како и за претставниците на партискиот подмладок. Се очекува да бидат сменети и регионалните координатори. Според сознанијата, редизајнирањето ќе има реформски предзнак кој нема да оди на штета на единството и консолидирањето на партијата.

Ривалот на Груевски, Марјан Ѓорчев, се повлекува од функционерската работа во партијата, како и од функцијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Одлуката за оставка од координатор на пратеничката група ја донесов од причина што изгубив на изборите за лидер на партијата, како и од фактот дека е формиран нов извршен комитет кој, најверојатно, ќе треба да гради поинакви односи со пратеничката група. Но, останувам пратеник и член на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Марјан Ѓорчев. 


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"