|
ПОЛИТИКА
Македонската православна црква го отфрли ултиматумот на Српската
православна црква
ВРЕМЕТО НА УЦЕНИ МИНА
Жаклина МИТЕВСКА
Кокан СТОЈЧЕВ
- Сегашната верска и пропагандна војна на Српската православна црква и
Грчката православна црква е само природна последица на вековните
настојувања за бришење на македонскиот народ и неговата држава. Конфликтот
меѓу МПЦ и СПЦ нема само верски, туку и меѓудржавен карактер, бидејќи се
инволвирани политичките противници на Република Македонија.
- Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија е донесена.
Нејзина потврда е македонскиот, а не српскиот народ и нејзините владици.
С инодот на МПЦ еднодушно и
едногласно ги отфрли и ги прогласи за неважечки одлуките на Српската
православна црква што беа упатени во ултиматумот, а произлегоа од редовното
заседание на САС на СПЦ во Белград од 13 до 24 мај годинава. Меѓутоа, и
натаму го оставија црвот - разрешениот, а се уште нерасчинет Јован, да го
разјадува македонското јаболко. Со тоа проблемот не е уништен, туку спуштен
на земјата. Затоа, најголемата вина за новонастанатата ситуација лежи кај
одредени владици во Синодот, поточно кај потписниците на Нишкиот документ
кој прво го подржаа, а потоа се пишманија. Се разбира тоа го направија
откако ја увидоа реакцијата на македонските верници кои отворено застанаа
зад МПЦ и не дозволија лажните "митрополити" да ја присоединат во канонско
единство со СПЦ. Тоа истото го сторија и со Зоран Вранишковски, кој имаше
среќа што во Велес не го линчуваа и не заврши како другите одродени владици
што беа избркани и протерани од црковните двери на Рациновиот град.
Синодот, конечно, мора да се позанимава со самиот себеси, а не со другите,
бидејќи неслогата, шпионите и одродништвото се во нивното легло. Тие
дозволија Вранишковски да се испили, иако неговото хиерархиско искачување
беше мошне дискутабилно.
Сегашната пропагандна војна на СПЦ и ГПЦ е само природна последица на
вековните настојувања за бришење на македонскиот народ и неговата држава.
Затоа, конфликтот меѓу МПЦ и СПЦ нема само верски, туку и меѓудржавен
карактер, бидејќи практично се инволвирани политичките противници на
Република Македонија. Оваа војна ќе се интензивира ако и натаму се дозволи
странските духовни агитатори слободно да шетаат низ земјава и да мешетарат
меѓу македонскиот народ. Затоа, ова не е проблем само на МПЦ, туку и на
државата.
Српската православна црква уште еднаш покажа дека повеќе е слугинка на
политиката и на земното, отколку на небесното и на Бога, па грубо и алчно ги
пројавува своите апетити за присвојување на Македонската православна црква,
се вели во одговорот на Синодот на МПЦ, по повод ултиматумот на СПЦ.
Ваквото однесување не само што не е христијанско или евангелско, туку
претставува и вулгарно кршење на црковните канони и непримерно мешање во
животот и устројството на една соседна, самостојна и помесна православна
црква. Таа се ставила во служба не само на ереста на етнофилетизмот, туку и
повеќе од тоа - на националшовинизмот, којшто го осудува не само светото
Православие, туку и сите општочовечки институции и закони.
Синодот оценува дека СПЦ заборавила на се што е Божјо, христијанско,
евангелско, црковно, каноноско и богољубно. Притоа, Соборот на СПЦ сака
смислено рушење на МПЦ и нејзиниот афтокефален статус и уставното устројство.
МПЦ ги отфрла сите донесени одлуки од тој Собор и не го признава изборот и
именувањето на "архиереи" и "конституирање на Синод на автономната Охридска
архиепископија", зашто СПЦ сака да создаде паралелна црква и ерархија во
Република Македонија.
За САС на МПЦ неприфатливи се ваквите ставови, бидејќи автокефалниот
статус на наследничката на Охридската архиепископија, олицетворена во
Македонската православна црква е добиен и потврден од САС на СПЦ со одлуката
број 6 од 1959 година, потенцира Синодот на МПЦ во соопштението што го
издаде веднаш по состанокот на архиереите во врска со ултиматумот на СПЦ.
Со овој чин се потврдија нашите информации за улогата на Зоран
Вранишковски. Во бројот 448 од јануари годинава пишувавме: "Самонаречениот 'српски
егзарх' на Охридската архиепископија, битолчанецот Зоран Вранишковски,
поранешен владика Јован, но се уште нерасчинет од МПЦ, уште еднаш успеа да
ги разбранува срцата на православните христијани - Македонци. Неговиот дрзок
начин на комуницирање со верниците и со јавноста пред се ја покрива
вистинската намера на Вранишковски, а тоа е уништување на МПЦ. Ако Синодот
на МПЦ, поточно одделни митрополити мудро молчат, односно премолчено го
поддржуваат неговиот несекојдневен атак врз Македонската црква, тоа
верниците не можат да го соџвакаат. Нивното трпение е при крај. Она што го
прави Вранишковски не се мери со ништо и затоа се очекува да му пресудат,
онака како што велешани им направија на тројца владици - одродници. Меѓутоа,
верниците најмногу се иритирани, па дури и драстично огорчени и револтирани
од односот на Синодот на МПЦ кон расколникот. Тие на Вранишковски му
оставија ептен доволен простор за маневрирање и за манипулирање со верниците
и со јавноста. Неговата жилавост нема да биде толку опстојна и храбра ако не
собира сила од странските донации што пристигаат од Грчката и од Српската
православна црква. И затоа можеби во моментов може да се чувствува дека е 'православен
рицар', но таквата положба нема уште долго да трае, бидејќи 'сезоната за
отстрел' кај верниците е најавена".
Нешто слично најавувавме во бројот 458 од 11.4. 2003 година во кој се
осврнуваме на состојбите во Црквата: "Зоран Вранишковски повеќе не е енигма
за православните христијани во Македонија. Тој е бојадисан со сите бои. Но,
за разлика од некои други архиереи на МПЦ кои го скриваат својот кукавичлук
и дволичноста, тој барем има храброст да го покаже својот карактер. Затоа, "еџ"
владиката Јован, е најмал проблем во јатото (Синодот) на МПЦ. Впрочем, во
ова дувло се кријат многу поголеми виновници за состојбата во Црквата. Дел
од нив премолчено го поддржуваат патешествието на одметнатиот Вранишковски
кој се уште од за нас неразјаснети причини не е расчинет или народски кажано
избркан од МПЦ. Процедурата се одолговлекува затоа што смерниците за
неговите активности ги даваат моќните духовни отци чија позиција во Светиот
архиерејски синод не е кристално чиста и јасна".
Нашите зеници за улогата на Вранишковски и неговите "духовни и финансиски
ментори" многу поодамна беа подотворени и знаевме дека ова кога тогаш ќе се
случи. Затоа сметаме дека молкот не е начин за решавање на проблемите во МПЦ,
туку само енергична акција може да ги спречи натамошните поделби во Синодот.
Токму тука ја гледаме основната вина за проблемите во Црквата. Но, најмногу
во контроверзните улоги на митрополитите Петар, Тимотеј и Наум. За овој
последниов и тогаш и сега нашите извори велат дека е најголемиот скриен
играч во мајтаплуците што се прават со положбата на МПЦ. Неговата мимикрија
никогаш не била разоткриена, бидејќи секогаш за проблемите мудро и разумно
молчел. Но, затоа често пати ги поддржувал и ги поттикнувал воинствените
одродени рицари кои работеле за туѓите интереси. Затоа Поглаварот, г.г.
Стефан, ќе мора што побрзо да го освежува јатото, односно во Синодот да
вклучи млади сили кои никогаш нема да му го свртат грбот на македонскиот
народ и на МПЦ. Такви доблесни, идни владици има, но се чека, бидејќи
старите митрополити се плашат од свежата крв која може да воведе
револуционерни брзи реформи во црковното однесување на свештенството и на
верниците. Затоа, овој конфликт всушност е само предигра за внатрешните
настани во Синодот на МПЦ. Доколку набргу се одржи Црковно-народен собор ќе
се проговори и за внатрешните дворски лудории што придонесоа за слабата и
колеблива позиција на одредени митрополити што не знаеја кој пат да го фатат.
Македонскиот народ и верниците застанаа зад МПЦ и никој не може да им ја
скрати таа верба, но истите тие можат да пресечат, бидејќи не можат повеќе
да ги трпат внатрешните поделби во Синодот.
Духовен атак врз МПЦ
Најостро го осудуваме грозниот духовен атак врз Македонската православна
црква, кој всушност е упатен и до македонскиот народ. Затоа, енергично
протестираме против овој и сите други видови напади кон Синодот и кон МПЦ,
бидејќи со нив се сака да се уништи Република Македонија и Македонците. Овој
чин на СПЦ е всушност продолжение на вековната негаторска политика која на
овие простори се обидувала да го уништи македонскиот народ, но тие никогаш
не успеале да ја избришат вербата во Македонската православна црква која
помогна во опстојувањето на Македонците,
се вели во реакцијата на "Македонска алијанса" која беше упатена до сите
медиуми во Македонија, а е потпишана од претседателот на партијата,
господинот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски.
Валкани игри
"Од потегот на Синодот на Српската православна црква не сум изненаден,
туку згрозен. Тоа се валкани игри кои траат со децении и се насочени кон
разнебитување на Македонската православна црква и за понижување на нашата
држава. Го повикувам македонскиот народ здружено, каде и да е, во Македонија
или во дијаспората, да не наседнува на вакви провокации, да ја надмине оваа
наметната голгота, да го зачуваме нашето православно македонско име,
автокефалноста и достоинството на македонскиот народ. Нема друга алтернатива
освен да ја зачуваме автокефалноста на Македонската православна црква, а со
тоа и суверенитетот и интегритетот на нашата држава. Нема да дозволиме и
натаму некому да му служиме како монета за поткусурување. Со ваквата валкана
игра СПЦ не може да успее", изјави Митрополитот на Полошко-кумановската
епархија, г. Кирил.
Автокефалноста е стратешки интерес
На средбата меѓу премиерот Црвенковски и претставниците на Синодот на МПЦ,
предводени од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, беше
потенцирано дека сочувувањето и одбраната на автокефалниот статус и
целовитоста на Македонската православна црква, и одбраната на нејзиното име,
кое е директно поврзано со националниот идентитет на македонскиот народ и на
македонската држава, се стратешки интерес и на Црквата, и на народот.
Владата ќе ги употреби сите механизми
Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни
групи, Цане Мојановски, во интервјуто за МИА најави дека Владата ќе ги
употреби сите механизми што ги има државата за да ги заштити сопствените
интереси, а во тој контекст и правата на македонските граѓани слободно да ја
исповедаат верата и да се организираат во верски заедници, кои ќе бидат
автономни по израз на нивните потреби, а не според потребите на какви било
центри.
Единство меѓу Македонците
Иако сме муслимани, им даваме целосна поддршка на браќата Македонци
христијани, затоа што негацијата на името, автокефалноста и достоинството на
Македонската православна црква од страна на Српската православна црква не е
само црковно, туку пред се национално и државно прашање! Во таа смисла,
Сојузот на Македонците со исламска религија им дава целосна поддршка на
браќата христијани во одбрана на македонското црковно, национално и државно
достоинство и интегритет, со надеж дека и Македонците христијани никогаш
нема да ги заборават своите браќа Македонци муслимани кои се нераскинлив и
неотуѓив дел од македонскиот народ. Само единството меѓу Македонците,
независно од партиската припадност, верското уверување, социјалното потекло,
општествената положба и државјанството кое го поседуваат, е спас за
македонската држава, нација и Црква!
- се вели во соопштението на Сојузот на Македонците со исламска религија.
Одлуката на СПЦ е фикција
Портпаролот на Синодот, г. Тимотеј, изјави дека се отфрла заканата и сите
одлуки на СПЦ. Синодот, рече тој, останува едногласен и еднодушен за
автокефалноста на МПЦ. Порача дека "Уставот на СПЦ не важи овде и нивната
одлука е фикција. МПЦ ќе остане она што е уште многу години". Синодот смета
дека целта на најновата одлука на Српската црква е таа да биде ставена во
комплетна дневна политика за обезличување на македонската црква, народ и
држава. Владиката Тимотеј рече дека нема нови средби со СПЦ се додека "тие
не се коригираат и не ги отфрлат лоповите". МПЦ нема намера на СПЦ да &
испрати официјален одговор околу нивната скандалозна одлука, затоа што како
што објасни владиката, и тие не комуницирале со нив на официјален начин.
Синодот застанува во заштита на владиката Кирил. Тој упати апел до државата
да застане во заштита на МПЦ од Јован и од таквите како него.
Атак врз името
На најновиот скандал од СПЦ реагираа и многу политички партии и
здруженија.
Сојузот на борците најенергично протестира против негирањето на
македонската нација и МПЦ, односно на придобивките од НОБ. Демократскиот
Сојуз ги осудува нападите кои доаѓаат од СПЦ, карактеризирајќи ги како
реинкарнација на старите идеи за голема Србија. ЛДП изрази длабока
загриженост поради лошиот развој на односите меѓу МПЦ и СПЦ.
Социјалистичката партија на Македонија смета дека тоа е атак врз
македонската нација и името Македонија.
Протест до Синодот на МПЦ
"Најостро реагираме на одлуката на СПЦ со која се негира автокефалноста и
постоењето на Македонската православна црква и бараме итно Светиот
архиерејски синод на МПЦ да ја осуди ваквата одлука и да ја прогласи за
ништовна", се вели во реакцијата на
Одборот за спас на Повардарската епархија.
Тие воедно упатуваат остар протест до Синодот на МПЦ поради бавноста во
донесувањето на одлуките во врска со расколникот Зоран Вранишковски и
неговите приврзаници, зашто дозволи состојбата да добие вакви димензии. Во
исто време, Одборот ги повикува сите верници како и целата македонска
јавност да застанат енергично во одбрана на МПЦ и самобитноста на
македонскиот народ и држава.
СПЦ и објави војна на МПЦ!
Епархискиот управен одбор на Американско-канадската македонска
православна епархија во врска со најновиот ултиматум од Српската Православна
Црква кон Македонската православна црква до Светиот Архиерејски Синод на
Македонската православна црква го упати следниот допис:
"Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, најновиот ултиматум на СПЦ
кон Македонската православна црква е уште еден од 'бисерите' во синџирот на
сите нејзини глупости искажани во изминатиот 45-годишен период. Со тоа СПЦ и
овој пат го потврди својот нехристијански, непријателски и агресивен однос
кон МПЦ и македонскиот православен народ. И овојпат таа покажа дека е
слугинка и вазал на дневната политика и на Грчката православна црква, а не
следбеник на Христовото Евангелие и христијанската љубов. Со "одлуката" за
присилно враќање на МПЦ под нејзино крило во духовно раководство таа,
всушност, & објави војна на МПЦ. Тоа е одлука донесена по туѓ рецепт за
целосно обезличување на македонскиот народ, Македонската православна црква и
нашата држава. Се друго објавено е ноторна лага и невидена фарса. Ете и овој
пат СПЦ го потврди својот шовинизам и политика на насилно присвојување кое
нема ништо заедничко со Христовата евангелска мисија на земјата.
Кому му служи сето ова? Дали е тоа патот на вистинското христијанство и
братољубие? Тоа ли е патот на Христовото милосрдие? Не, тоа е патот на
сатаната, на омразата, непријателството и нечовечноста, патот на
националната заслепеност и подаништво.
Епархискиот Управен одбор на Американско-канадската македонска
православна епархија најостро го осудува овој гест на лицемерие на СПЦ и
изразува цврста поддршка на Светиот архиерејски синод на Македонската
православна црква. Воедно ги повикуваме сите Македонци и пријатели на
македонскиот народ да ја осудат оваа нецрковна постапка на СПЦ. А за нас тоа
да биде уште еден повод за наше црковно и национално обединување и
заедништво и наша оданост кон нашата света Македонска православна црква"
- се вели на крајот од соопштението на Епархискиот управен одбор на
Американско-канадската македонска православна епархија под раководство на
архиерејскиот заменик протаставрофор Илија Донев.
Епархиски управен одбор на Американско-канадската
македонска православна епархија, Торонто, Канада
Не дозволуваме да ни го менуваат името
Веста за формирањето на Синод на автономната Охридска архиепископија,
односно паралелна црква на Македонската од страна на Српската православна
црква со голема горчина е примена од Македонската заедница во Австралија и
пошироко. Македонците во Австралија остро реагираа уште во времето на
потпишувањето на таканаречениот Нишки договор на чие чело беше Митрополитот
Петар кој го сметаа за велепредавство на МПЦ и македонскиот народ. Сега се
потврди дека формирањето на паралелен синод на СПЦ е производ на Нишкиот
договор со кој се бара бришење на името Македонска, а со тоа се посегнува и
по националниот и државотворен идентитет на македонскиот народ. Фанатичното
негирање на МПЦ од страна на СПЦ не е само црковно прашање, туку и
национално и државно. Затоа апелираме до САС на МПЦ, посебно до
Архиепископот г.г. Стефан, како и до претседателот на Црковно-народниот
собор да свикаат во најкус можен рок Црковно-народен собор и да се донесат
одлуки за заштита на МПЦ од сите оние кои посегнуваат по самостојноста на
нашата Светиклиментова црква и државноста на Република Македонија. Српската
православна црква не може да суспендира ниту еден митрополит од редовите на
МПЦ, а особено Митрополитот Кирил кој е еден жив потписник на документот за
осамостојувањето на МПЦ односно автокефалноста на МПЦ. Рушењето на темелите
на црквата значи поткопување на темелите на државата. Затоа бараме од
органите на власта да поведат повеќе сметка за безбедносната состојба и да
се откријат сите оние кои работаат во интерес на непријателот, а се кријат
во црните мантии или под светите митри. Нема да дозволиме никој да ни го
менува името на нашата патеводителка МПЦ и на Република Македонија затоа што
црквата е држава, а тоа е македонскиот народ.
Кире Циревски, Сиднеј, Австралија
|