|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
БАЛКАНСКИ ВИТЕЛ
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Косовските Албанци, кои на сите начини се обидуваат да добијат
поддршка за реализирање на својата желба да ја доживеат независноста на
Косово, не успеаја да добијат безрезервна поддршка од "државата број еден"
во светот, Соединетите Американски Држави, кои сметаат дека се уште е рано
да се пристапи кон конечно одредување на статусот на покраината.
- Идната 2004 година, најверојатно, ќе биде година на Косово. Тоа не
значи дека Косово нужно ќе добие независност, но сепак косовските Албанци
не би прифатиле друго решение. Каква полза или штета ќе извлече Република
Македонија како прв сосед на новородениот субјект?
М инатата недела цивилниот
администратор на ОН, Михаил Штајнер, требаше во Белград да оствари средба со
лидерите на ДОС за да отпочне дијалогот на релација Белград - Приштина.
Сепак, таа средба не се оствари поради уцените кои Штајнер ги добил од
косовските Албанци. Извор близок на УНМИК вели дека од поодамна се шпекулира
оти албанските разузнувачки служби го комплетирале т.н. "досие Штајнер" и
притоа му јавиле на меѓународниот управник на Косово дека располагаат со
информации и податоци кои нему во никој случај нема да му се допаднат. Тоа
досие, како што неофицијално се дознава, содржи видео и аудио записи од
разговорите на Штајнер со лидерите на косовските Албанци, во кои тој им
ветува независност на Косово.
Потоа, карактеристични се инсертите од неговите толкувања на Резолуцијата
1244 на Советот за безбедност на ОН кои се во спротивност со овој документ,
како и неговите настапи во слободното време и на јавни места. Наводно,
најинтересните делови од "досието Штајнер" се оние за неговите односи со
преубавата Албанка, Букурија Ѓомбалај, за која приштинскиот печат на
албански јазик со недели тврди дека избраничката на Штајнер ќе го натера
администраторот да се венча со неа пред неговото заминување од Приштина. Во
меѓувреме, започнаа и шпекулации околу тоа дека токму Букурија е главниот
шпион на албанските служби во штабот на Штајнер и дека токму таа ги има
собрано најинтересните податоци кои го компромитираат Штајнер. Овие
информации не се значајни само за приштинските и белградските власти, туку и
за нашите, бидејќи сме најнепосредните соседи на протекторатот кој се движи
кон независност.
РЕФЕРЕНДУМ
Утре или задутре, со паралелното остварување на сценаријата кои моментно
стојат во чекалните на западните администрации, официјално Скопје би можело
да биде изненадено од разврската на ситуацијата доколку навреме не реагира
во дипломатските кругови во центрите на моќта. Веќе отворено се изнесуваат
амбициите на западните лобисти за издвојување на најмалиот сегмент од
поранешната југословенска федерација и негово олицетворување во државна
творба од минијатурен тип. Она што до пред некое време беше недопустливо и
неочекувано да се каже во јавноста или институциите, денес е класична
реалност која само треба да се формализира со еден параф на една или друга
страна и работата да биде завршена. Сепак, работите по малку се
контрадикторни. Иако најсигурните бодови за сувереноста на Приштина доаѓаат
токму од американската метропола, сепак одредени официјални кругови таму
имаат поинаква позиција од онаа која досега прострујуваше по медиумите.
Косовските Албанци, кои на сите начини се обидуваат да добијат поддршка
за реализирање на својата желба да ја доживеат независноста на Косово, не
успеаја да добијат безрезервна поддршка од "државата број еден" во светот,
Соединетите Американски Држави, кои сметаат дека се уште е рано да се
пристапи кон конечно одредување на статусот на покраината. Официјалниот став
на Вашингтон за статусот на Косово е изнесен од заменик-помошникот на
американскиот државен секретар на САД, Џенет Боуг, на состанокот посветен на
иднината на покраината одржан во Комитетот за меѓународни односи на
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес: "Оние кои бараат поделба или
независност на Косово водат во конфликт што мошне лесно може да го зафати
целиот регион", вели Боуг, која на состанокот била во улога на претставник
на Стејт департментот. Поддржан е пристапот на цивилниот администратор на
Косово, Михаел Штајнер, во однос на стандардите што тој ги поставил како
насока кон која треба да се движи покраината, пред да почнат разговорите за
нејзиниот конечен статус.
Иако официјалниот став на САД, барем засега, е јасен, сепак идејата за
независност на Косово ужива голема поддршка кај некои американски политичари.
Стабилизацијата и мирот во регионот на југоисточен Балкан се невозможни без
признавање на независноста на Косово, е мислење на некои американски
политичари кои јавно лобираат за независност на покраината. На истиот
состанок конгресменот Том Лантош, кој се смета за поборник за идејата за
независно Косово, оцени дека е потребно веднаш да се одреди конечниот статус
на покраината. "Прогласувањето на независноста на Косово е најважниот услов
за стабилизација на ситуацијата на Балканот", смета Лантош. Американскиот
сенатор Џозеф Бајден на 19 мај на Сенатот дури и му поднесе
предлог-резолуција со која САД го поддржуваат правото на жителите на Косово
да ја одредат својата политичка иднина по пат на референдум за идниот статус
на покраината. Во предлог-резолуцијата на Бајден се бара САД да поддржат "одржување
референдум, под меѓународен надзор, за идниот статус на Косово". Но, сепак,
и Бајден не предлага безусловно добивање независност. Тој дава предлог
референдумот да биде одржан дури откако во покраината ќе биде постигнат
напредок во развојот на демократските институции, ќе се воспостави
владеењето на законите, ќе се олесни враќањето и реинтеграцијата на
бегалците во локалните заедници и откако ќе се заштитат етничките малцинства
во согласност со стандардите на ОН. Предлог-резолуцијата на американскиот
сенатор дојде само неколку дена откако на 15 мај и пратениците во косовскиот
Парламент со мнозинство гласови усвоија "резолуција за слобода, ослободување
и независност на Косово". Со резолуцијата се предвидува заштита на сите
видови отпор на албанскиот народ од "српскиот агресор" и се укажува оти е
потребна "неизмерна помош од меѓународната заедница" во ослободувањето на
Косово. Косовскиот Парламент истовремено едногласно ја усвои и "Декларацијата
за признавање на ослободителната војна на народот на Косово за слобода и
независност на Косово".
ГЛАВОБОЛКИ
Дали сето ова што деновиве се случува е само обичен блеф од обете страни
- американската во Вашингтон и албанската во Приштина? Е, сега како "казна
за стореното" Штајнер одлучи да не ги вклучува членовите на преодната
косовска Влада во делегациите на УНМИК, кои присуствуваа на Советот на НАТО
што се одржа и на Парламентарната конференција на Пактот за стабилност во
Брисел, како и во делегацијата на регионалната конференција на ЕУ, НАТО,
ОБСЕ и Пактот за стабилност во Охрид. Зарем не е и ова блеф?
Имено, конференцијата во Охрид е за безбедност и неменување на границите
на Балканот. Што доколку косовските Албанци беа во Охрид и го ставеа својот
параф за неменување на балканските граници? Тоа ќе значеше политичко
самоубиство за Приштина. На овој начин веројатно Штајнер ги посоветува
своите "поданици" сега засега да бидат мирни и не е потребно да учествуваат
на вакви регионални конференции за да не се избламираат и да не парафираат
документи кои утре ќе ги компромитираат.
И додека Резолуцијата на косовскиот Парламент предизвикува бранувања во
политичките кругови, западните аналитичари оценуваат дека дипломатите во
Брисел се почесто ја разгледуваат можноста за почнување разговори од кои би
можела да произлезе независноста на Косово. Познавачите на приликите велат
дека европските држави кои долго време се противеле на какви било
дополнителни поделби на Балканот, сега се повеќе ја прифаќаат идејата дека е
подобро што е можно поскоро да се реши статусот на Косово, отколку
покраината да остане "нефункционален протекторат на Обединетите нации".
Западни дипломати напоменуваат дека првиот неопходен чекор во решавањето на
статусот на Косово е отворање непосреден дијалог меѓу Белград и Приштина.
Според неименуван висок европски дипломат, почетна точка во оваа насока ќе
биде Самитот на ЕУ во Солун, закажан за 21 јуни. Идната 2004 година,
најверојатно, ќе биде година на Косово. Тоа не значи дека Косово нужно ќе
добие независност, но сепак косовските Албанци не би прифатиле друго решение.
Каква полза или штета ќе извлече Република Македонија како прв сосед на
новородениот субјект?
Последиците ќе бидат големи како и да се земе. Убедувањата на големите
сили до малите народи дека проектот нема да придонесе за домино-ефекти по
етнички принцип кај преостанатите земји во опкружувањето, не држат. Имено,
таквите ставови можеби во прв момент би имале краткорочен ефект и дејство,
но самото време кое ќе поминува ќе ги налегне мегаломанските проекти на
стратезите и оттогаш главоболките ќе почнат. Македонските владини структури
полека, но сигурно, активно треба да почнат да се подготвуваат за можниот
развој на состојбите и подготвени да ги пречекаат предизвиците кои ќе ни се
наметнат. Постојаното чекање меѓународната заедница да не заштити од
опасностите кои не демнат не дава резултати поради фактот што истата таа
меѓународна заедница ни ги наметнува проект-решенијата кои нам како држава и
како народ во никој случај не ни одговараат. Државните механизми мора да
бидат силни, како безбедносните така и дипломатските, па со самото нивно
активирање би се спречиле очекуваните удари врз кревката стабилност на
институциите на системот. Наредните две години ќе бидат уште еден сериозен
временски тест за зрелоста на нашата демократија од која ќе излеземе или
како победници или како губитници. Средина нема да има.
|