Терористи на патот Скопје - Куманово
Група од 10 - лица облечени во црни униформи и вооружени со автоматски
пушки, на 25 мај околу полноќ сопреле еден скопјанец, кој со автомобил се
движел на стариот пат Скопје - Куманово. Непознатите му се заканиле дека ќе
го убијат ако и натаму го користи овој патен правец.
25 илјади евра за информација за киднапираните
Министерството за внатрешни работи на РМ уште еднаш потсетува на
владината одлука за награда од 25 илјади евра за секоја корисна информација
што би ги довела истражните органи до утврдување на судбината на
киднапираните лица за време на воениот конфликт во 2001 година.
Слаба контрола на полицијата во Липково
Советникот за безбедност во Општината Липково, Абедин Зимбери, вели дека
во Липково мора да дејствуваат засилени и добровооружени полициски патроли,
кои одлично ќе се справат со вооружените криминални банди, а не како досега
полицијата само формално да шета низ селата.
Протест на "Рисовите"
Група од 28 армиски рисови, припадници на Баталјонот за извидување во
Единицата за специјални намени, незадоволни од, како што велат, намалувањето
на платите, неисплатување на дневниците и укинување на дополнителниот оброк,
во вторникот самоволно ги напуштија позициите на единицата на Скопска Црна
Гора, каде што изведуваа обука и се упатија во касарната "Илинден". МО и АРМ
го осудија ваквиот, според нив, неуставен и незаконски начин на изразување
на незадоволството.
Екстрадиција на Фетаи
Поранешниот министер за економија, Бесник Фетаи, деновиве ќе биде
екстрадиран од Хрватска, каде што беше уапсен по меѓународната потерница
издадена од македонската полиција. МВР го сомничи за злоупотреба на
службената положба при продажбата на НИП "Нова Македонија".
Груевски знаел за зделките на Даравелски
Првиот човек на македонската царина, Љубомир Михајловски, го обвинува
новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, и поранешен министер за финансии, Никола
Груевски, дека знаел за зделките на екс-цариникот Даравелски.
Груевски вели дека станува збор за неосновани напади за дневно-политички
цели.
Царината најкорумпирана
Според извештајот нарачан од Програмата за развој на ОН во земјава, а
подготвен од Капитал-центар за развојни истражувања врз основа на анкета на
јавното мислење спроведено во јануари годинава од страна на Брима Галуп,
Царината е прва на листата на корумпирани служби. Корупцијата, според овој
извештај, била најзастапена во време на владеењето на ВМРО - ДПМНЕ.
Канаѓаните фрапирани од Рамковниот договор
Министерот за транспорт и врски Милаим Ајдини, не ги демантираше
информациите дека главен проблем во преговорите меѓу македонската и
канадската делегација, околу трансформацијата на "Македонска пошта" било
барањето на македонската страна за околу 300 нови вработувања во "Македонска
пошта" во согласност со Рамковниот договор.
"Космофон" стартува на 15 јуни
Вториот мобилен оператор "Космофон" ќе стартува со работа најверојатно на
15 јуни. Првиот човек на компанијата, Николас Авгеринос, изјави дека во
почетокот ќе се обезбеди покриеност на 50 отсто од населението, односно 60
отсто од територијата, а до крајот на годината се планира да се достигне
нивото на покриеност како што во моментов го има постариот оператор.
Бронхоскопијата - причина за смртта на Кристина
Малата Кристина се задушила при бронхоскопска интервенција на Клиниката
за уво, нос и грло поради недостаток на кислород. Ова го изјави Соња
Ивановска, мајка на Кристина, која настрада непосредно при или по зафатот за
кој родителите се сомневаат дека бил соодветно изведен од лекарите.
Македонец во Австралија доби орден за заслуги
Васил Радис, Македонец од Австралија, е добитник на годинешното
одликување за долгогодишни заслуги за народот, кое го доделува Владата на
австралискиот премиер Џон Хаурд. Радис е секретар на Македонското здружение
на преживеаните борци во Западна Австралија и долгогодишен активист во
Македонската заедница во Западна Австралија.
|