|
КОМЕНТАР
Сито и Решето
ОДГОВОР ОД МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
Од Редакцијата
Синодот на Македонската православна црква го отфрли најновиот ултиматум
на Српската православна црква кој е полн со уцени и претставува продолжение
на старата негаторска политика за непостоењето на македонскиот народ на овие
простори. Овој непримерен, нерелигиски и неканонски потег, како што оценува
врвот на МПЦ, е обид за духовна агресија врз Македонците и нивната држава.
Со тоа СПЦ продолжи да ја негува великосрпската политичка хегемонија која во
историјата е многу позната. Затоа грубото и алчно однесување на
наследничката на Пеќската патријаршија може да се оцени како мешање во
животот и устројството на автокефалната помесна православна црква - МПЦ.
Пројавениот националшовинизам на патријархот Павле и неговите духовни чеда е
всушност обид да се уништи Република Македонија која како држава и како
црква ќе мора најитно во координација со Синодот да упати остра дипломатска
нота до властите во Белград и до Српската православна црква.
Ако македонското реагирање (протест) не наиде на соодветен политички
одглас, тогаш ќе мора да се сфати дека одлуката на Саборот на СПЦ, всушност,
е донесена во соработка со српските националисти. Затоа, грубото кршење на
добрососедските односи само ги подгрева апетитите на вжештените српски глави
кои секако ќе бидат потпомогнати од грчките собраќа. Таквата оска север-југ,
Србија-Грција, никогаш не згаснала. Таа секогаш имала потпора во одродниците
и во агитаторите во Македонија.
СВИЕНА ОПАШКА
Проблемот во нарушената комуникација меѓу МПЦ и СПЦ не е сегашен. Тој
егзистира со стотици години кој одвреме навреме се интензивира и пројавува.
Затоа соопштението од Саборот на Српската црква е финале на Нишкиот документ
кој како "октроиран" устав падна во вода по острата и жолчна реакција на
македонските верници. Потписниците, митрополитите Тимотеј, Петар и Наум,
навреме ја свија опашката, бидејќи православното христијанско население,
македонскиот народ, а и Македонците со исламска вероисповед, им упатија
своја "порака". Слободата, името и презимето, државата и верата во МПЦ беше
одбранета. Но, подоцна од дувлото излезе одродникот, разрешениот владика
Јован, кој во меѓувреме не денгубел, туку лапал, лапал, дури се заборавил од
крадење пари. Меѓутоа, неговата улога не згасна, туку булдожерот продолжи да
ја копа македонската земја. Тој стана трн за македонскиот народ.
Гласноговорникот на Српската патријаршија, а и на Грчката црква, Зоран
Вранишковски, ја злоупотреби довербата на македонскиот народ. Тој беше
избркан од велешани, но не и расчинет од Синодот на МПЦ. Затоа, постои
уверување дека неговите патрони, неговите "духовни отци" се кријат во
гнездото на МПЦ. Таа нивна дволичност, непринципиелност, или духовно
подведување за пари, е најголемата болест што метастазира во ткивото на
Македонската православна црква. Оттаму дуваат сите ветришта. Оттаму се шири
земниот и духовниот ерес меѓу верниците, Македонци.
ПАТЕШЕСТВИЕТО
Македонската православна црква никогаш нема да згасне, бидејќи во нејзина
одбрана застанаа сите верници, а Црква без пастирски чеда не е Црква, туку
верска секта. Затоа нашата духовна мајка, родилката на македонскиот народ,
нема да стане јалова. Низ нејзиниот олтар ќе минат многу Македонци, бидејќи
историската вистина вели дека Македонија и Македонците се овековечени во
Светото Писмо - Библијата. Нашата грутка е благословена земја уште од
времето на светиот апостол Павле, кој ги основал првите христијански цркви,
општини и епископии.
Дејноста на македонските апостоли Гај и Аристарх (Дела 19,29) и на
македонските цркви (епископии) се предвесници на најголемиот духовен отец,
основачот на Охридската архиепископија Свети Климент Охридски Чудотворецот.
Тој, основачот на Дремвицко-величката епархија (893 - 916 година),
богослужеше на црковномакедонски јазик кој на македонскиот народ му остави
аманет да ја чува и да ја негува Охридската архиепископија, која цар Самоил
во 10 век ја
воздигнал на ранг на Патријаршија. Таа, впрочем, никогаш не била укината,
туку во 1767 година, турскиот султан како иноверен владетел на Македонија,
со Иреде го спречил нејзиното самостојно дејствување. Затоа македонскиот
народ, во својата многувековна борба за православна црковно-просветна,
духовна, културна, национална и социјална државност, пристапи кон
возобновувањето на Охридската архиепископија. За таа цел на Првиот
свештенички собир кој се одржа на 21 октомври 1943 година беше наговестена
идејата за возобновување на Охридската архиепископија како самостојна
Македонска православна црква. Тој историски пат беше продолжен, според сите
канонски правила, на Првиот црковно-народен собор што се одржа на 4.3. 1945
година во Скопје. На него со одлука беше потврдена намерата. На Вториот
црковно-народен собор кој се одржа на 4 октомври 1958 година во Охрид е
донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на
Македонската православна црква. Оваа одлука Архиерејскиот собир на Српската
православна црква ја потврди со Одлука број 44 од 24 /11 мај 1959 година,
односно СПЦ ја призна самостојноста на Македонската православна црква.
Како природна и логичка последица, по многувековното патешествие на
македонските верници и свештеници, на 17 јули 1967 година во Охрид се одржа
Црковно-народен собор на кој се донесе одлука за возобновувањето, односно
прокламирањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на
МПЦ. Овој трновит духовен пат не може да биде избришан од главите на
српските владици и патријарси. Но, вистината сама си го отвора патот. За неа
не се потребни верски, односно политички исценирани судири против МПЦ и
македонскиот народ и држава, туку докази што се ноторен факт за постоењето
на автокефалната Македонска православна црква.
Зад Македонската православна црква стои македонскиот народ. Тој нема да
дозволи некој посериозен политички инцидент да се случи во црковните двери,
бидејќи е поучен од болното минато. Затоа, овој верски, односно пред се
политички мотивиран притисок, е обид да се уништи македонскиот народ и
Република Македонија. Но, тоа нема да се случи, бидејќи свеста за
самобитноста на македонскиот народ оди заедно со МПЦ.
|