СПОРТ

Ново раководство во Ракометната федерација на Македонија

НА ПОТЕГ Е СПОРТСКИОТ МЕЦЕНА

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Трифун Костовски е човекот кој со успешната кадровска политика, со мудрите потези успеа преку спортот да ја промовира Македонија во ракометна велесила и човек кој успеа со својата убедливост да и помогне и на македонската женска ракометна репрезентација да ги постигне своите најголеми успеси.
  • Новиот претседател, без разлика со какво минато влегува на таа функција, го очекуваат напорна работа и многу жешки моменти на новата позиција.

Македонскиот ракомет доби нов претседател. Трифун Костовски е човекот кој ја доби довербата од делегатите на Собранието одржано во Скопје и тој ќе биде човекот кој треба да го врати сериозно разнишаниот рејтинг на македонскиот ракомет.

Навистина господинот Костовски ќе треба сериозно да ги засука ракавите и со формирање на еден добар тим од поединци кои го сакаат ракометот и луѓе кои се докажале досега како добри спортски работници да се обиде да го врати спортот број 1, како што тој милува да рече, на патеките каде што припаѓа - во Европа.

ПЕРИПЕТИИ

Изборот на Трифун Костовски следува по големите перипетии и превирања кои се случуваа во македонскиот ракомет во изминативе години кога на чело на Ракометната федерација беше Душко Кадиевски. Треба да се напомене дека ова не е прв обид Трифун Костовски да се обиде да биде прв човек на македонската Ракометна федерација. Имено, сличен ваков обид постоеше пред извесно време кога се формираше и еден иницијативен одбор за смена на тогашното раководство. Иницијативниот одбор барем формално ја имаше поддршката од мнозинството делегати кои имаат право на глас на Собранието и кои беа единствени кои можат да направат смена на првиот човек на РФМ. Меѓутоа, тогашнато раководство мошне итро го возврати ударот и кога никој не очекуваше свика вондредно собрание во Прилеп на кое ја доби целосната поддршка и на кое мистериозно исчезна поддршката која ја имаше дотогашниот иницијативен одбор за промени кој пак, мора да се спомене, успеа за момент да го запре и регуларниот тек на првенството. Тоа беше првиот обид за промени во македонскиот ракомет на кој се најавуваше дека е обид Трифун Костовски да дојде на чело на македонскиот ракомет.

Дали ќе остане достоен на ветувањата? - Трифун Костовски

Собранието кое се одржа во Скопје, пак, претставуваше успешен обид да се направат промени во врвот на македонскиот ракомет. Имено, луѓето и делегатите кои тогаш го поддржуваа Костовски и беа за промени, сега очигледно се организираа подобро и лобираа подобро, така што на крајот останаа единствени и го избраа Трифун Костовски за нов претседател на РФМ. За да биде доследно спроведена процедурата, треба да се истакне дека формално имаше двајца кандидати за претседател и тоа: Трифун Костовски и досегашниот претседател Душко Кадиевски. Меѓутоа, по излагањето на Костовски, изложувањето на неговата програма и ветувањата кои ги даде пред делегатите на Собранието, досегашниот претседател џентлменски се повлече и им се заблагодари на сите за тоа што имаа трпение со него во досегашната работа.

ВЕТУВАЊА И НАДЕЖИ

Новиот претседател на Ракометната федерација на Македонија е воедно познат и како голем спортски мецена и доста успешен претседател на "Кометал Ѓорче Петров". Тој е човекот кој успеа во Македонија да создаде клуб со светски стандарди, тој е човекот кој на Македонија & го донесе првиот европски клупски првак во едно европско клупско натпреварување преку екипата на "Кометал Ѓорче Петров". Тој е човекот кој со успешната кадровска политика, со мудрите потези успеа преку спортот да ја промовира Македонија во ракометна велесила и човек кој успеа со својата убедливост да & помогне и на македонската женска ракометна репрезентација да ги постигне своите најголеми успеси.

Во своето прво обраќање до присутните вети дека нема да прави разлика и да ги подвојува луѓето по политичка линија и дека за прв пат во Македонија ќе фунционира федерација која ќе биде ослободена од секакви политички влијанија. Тој нагласи дека сите ќе добијат еднаков третман, затоа што сите се еднакви пред органите и Статутот на федерацијата. Тој најави и брзо средување на состојбите во македонскиот репрезентативен ракомет и повторно негово враќање на европската и светска сцена, односно на европските и светските натпреварувања.

Господинот Костовски сериозно ќе треба да се позанимава со проблемот на купување и продавање бодови, феномен кој особено е актуелен на крајот од сезоната кога секому му треба нешто. Исто така, треба да направи напори да ја подобри климата за инвестирање во ракометните клубови со што би се создала база од по четири-пет квалитетни клубови и во машка и во женска конкуренција, што пак директно би влијаело и на подигнувањето на квалитетот на македонскиот ракомет.

НАПОРНА РАБОТА

Во секој случај, новиот претседател без разлика со какво минато влегува на таа функција, го очекуваат напорна работа и многу жешки моменти на новата позиција. Треба најпрво да се формира новиот Управен одбор каде што треба да се одберат внимателно луѓето и треба да се постават нови луѓе во работните тела на Федерацијата. Потоа, треба да се преземат тековните обврски од кои најважна е успешното организирање на Светското првенство за младинки кое ќе се одржи во Охрид. Токму тоа Светско првенство ќе претставува и тест за тоа каков и колкав е капацитетот на ова ново раководство.

Во секој случај, на новиот претседател му посакуваме успешна работа и да успее да ни донесе европска титула и на репрезентативен план.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"