ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Благодатниот Оган од небото на Гробот на Господ Исус Христос и Божјата благодат над Светите Кирил и Методиј

ЗАВЕТ ПОМЕЃУ БОГА И ЧОВЕКОТ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Застанати, доближени, притиснати еден до друг, го упатуваа погледот кон Благодатниот Оган (кој повеќе пати го повторуваше светнувањето и блесокот), и возбудени силно, препородени, поткрепени од Бога со Дух обновен, вистински, го славеа Бога на разни јазици, му се поклонуваа.
  • Тогаш, кога му се закануваше опасноста на нашиот народ да биде претопен (германизиран и елинизиран), тие (Св. Кирил и Методиј), заедно со своите ученици, Св. Климент и Св. Наум Охридски, Св. Саво, Св. Горазд и Св. Ангелариј, не дозволија македонскиот народ да потпадне под туѓи влијанија.

На светот и оваа 2003 година му засветли светлината на вистината за да ги растргне мрачните облаци што се надвиснале над човештвото и Бог да му ги отвори духовните очи и да му го покаже патот на спасенито. И оваа 2003 година, во Ерусалим, Бог направи такво големо чудо, низ кое се чувствува ехото на вековите од најраните библиски времиња.

Светиот град и црквата "Воскресение Христово" се преполни со луѓе од целиот свет. Сите кандила и свеќи во црквата се изгасени. Исклучени се и рефлекторите на телевизиските екипи, кои дошле да го снимаат тоа необично чудо на слегување на Божјиот Свет Оган од небото.

БЛАГОДАТНИОТ ОГАН

Специјална комисија ја запечатува т.н. Кувуклија (црквичката каде што се наоѓа Христовиот Гроб и Капелата на Ангелот). Ерусалимскиот патријарх го предава жезлото, ја симнува свечената патријаршиска облека и облечен во најобична црна мантија се упатува кон Светиот Христов Гроб (откако претходно комисијата ја отпечатува Кувуклијата). Патријархот се моли на Гробот на Господ да го испрати Благодатниот Оган. Се моли и целиот народ. Бог ја услиша молитвата.

"Кувуклија" во која се наоѓа гробот на Господ Исус Христос

Наеднаш настана голем немир во црквата и во целиот Ерусалим. Се слушаат силни викотници, радосни извици, пеење, фалење на Бога. Од небото стигна Благодатниот Оган, надприродниот Божествен Оган, со необичен сјај, блесок, облик, пресветла боја, стигна на Гробот на Господ Исус Христос и ги запали свеќите само на Православниот Ерусалимски патријарх кој го пали кандилото на Гробот Господов и се појавува пред народот со 33 запалени свеќи. Откако ги носи свеќите до олтарот на црквата, патријархот го пренесува Огнот на присутните луѓе, а тие меѓусебно ги палат свеќите, држејќи ги високо над главите (по еден или два снопа од по 33 свеќи).

Во присуство на илјадници луѓе од целиот свет стигна Благодатниот Оган од небото на Светиот Животворен Гроб, стигна на Изворот на Христовото воскресение. И сите луѓе, без разлика на возраст, раса, националност, како да станаа едно тело и еден дух. Застанати, доближени, притиснати еден до друг, го упатуваа погледот кон Благодатниот Оган (кој повеќе пати го повторуваше светнувањето и блесокот), и возбудени силно, препородени, поткрепени од Бога со Дух обновен, вистински, го славеа Бога на разни јазици, му се поклонуваа.

Го славевме Бога за чудесата Негови и му пеевме гласно. Стоев во близина на Гробот на Господ и Плочата на миропомазание и со свои очи го гледав Благодатниот Оган и запалените свеќи кои & даваа на црквата светло-златеста боја, го слушав гласот на илјадници луѓе кои како да се споија во едно заедничко хорско пеење за Бога. Бог, на "Велика Сабота", во пресрет на Велигден, дење, го направи едно од најголемите чуда, кога од небото се симна Благодатниот Оган, за луѓето од целиот свет, со свои очи, да ја видат таа непрекината врска меѓу небесната и земната црква и со својот ум, душа и срце да почувствуваат дека "Светиот Дух е лично присуство на новиот и траен завет (сојуз) помеѓу Бога и човекот, печат и гаранција на царството Божјо, сила на божественото обитување Божјо во човекот".

МАКЕДОНСКИ СВЕТИТЕЛИ

Во 9 век Сесилниот Бог со својата спасителна неисцрпна благодат ги ороси душите на најголемите синови на македонскиот народ, македонските светители, Св. браќа Кирил и Методиј. Благодатта на Светиот Дух ги просветли духовно и тие со своите мудри умови ја согледаа голготата низ која со векови минуваше нашиот македонски народ и станаа верни Христови рамноапостоли и љубени следбеници, борци и победници на тријазичната ерес, борци и страдалници за нашата вистинска национална и црковна слобода. Тогаш кога му се закануваше опасноста на нашиот народ да биде претопен (германизиран и елинизиран), тие заедно со своите ученици, Св. Климент и Св. Наум Охридски, Св. Саво, Св. Горазд и Св. Ангелариј, не дозволија македонскиот народ да потпадне под туѓи влијанија. Ја составија азбуката - глаголицата, ни оставија во превод книжевни творби, го воведоа народот во Христовата вера, го преведоа и проповедаа Светото Писмо на јазикот на нашите прадедовци. Им се оддава почит на 24 мај, во Рим, на Гробот на Св. Кирил, како и во Христовата Црква во целиот свет.

Свети Кирил, Свети Климент, Свети Методиј

 

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"