|
ИСТОРИЈА
"Македонија и Грција - Битката за дефинирање нова балканска нација" од
Џон Шеј (1)
ДВА АНТИЧКИ И ЗАСЕБНИ НАРОДА
Пишува: Анита ДИМОВА
- Оваа книга е напишана како одговор на релативно новиот спор меѓу
Грците и Македонците. Иако разгледувањето на овој спор е од централно
значење на оваа расправа, идеите кои се опишани тука одат и подалеку од
тоа. Спорот меѓу Грците и Македонците има посебно значење во светските
случувања денес, поради значењето кое го има Македонија на Балканот. Оваа
малечка земја, новата Република Македонија, има долга историја на
вплетканост со малите и големите сили на самиот Балкан, со Западна Европа,
со Русија и со Турција. На Македонија се гледа како на можно кризно
жариште за војна со огромни меѓународни размери.
О д група Македонци во
Австралија, Џон Далас Шеј бил замолен да напише леток на англиски јазик во
кој ќе биде претставена македонската страна на историските настани поврзани
со спорот со Грција за употребата на името Македонија.
По објективната и истражувачка мисија, летокот прераснал во книга, а
американската издавачка куќа "Мекфарланд" е првиот западен издавач кој
покажал интерес да ја публикува. Неодамна, како што веќе пишувавме во нашиот
неделник, книгата е објавена на македонски јазик од страна на издавачот "Макавеј".
Во неколку продолженија даваме приказ на основните содржински сегменти на
книгата на Џон Шеј.
ЈАЗИЧКИ СПРОТИВНОСТИ
Денешните Грци сакаат да гледаат на античките Македонци како на Грци. Ова
е дел од нивното оправдување за тоа што зеле дел од Македонија на почетокот
на деветнаесеттиот век и се уште се користи оправдување за нивниот
меѓународен став денес. Грчките аргументи често се фокусираат на времето на
Александар затоа што неговото влијание во ширењето на хеленската култура до
далечните делови на светот е несомнено. Исто така е јасно дека тие добиваат
некоја сатисфакција од замислување на некоја семејна врска со таа
невообичаена личност. Меѓутоа, денешните Грци би биле отфрлени како од
античките Македонци, така и од античките Грци", вели Џон Шеј.
Според авторот, Македонците кои се појавиле околу 700-800 години п.н.е.,
со векови биле мала група која била поставена на многу мала територија. Оваа
територија била мал дел од она што денес е познато како грчка Македонија.
Јазикот што тие го говореле не бил грчки. Тие не биле признати од Грците. Со
текот на времето, нивните владетели се стремеле да имаат културен афинитет и
политичка моќ како и Грците, па така почнале да користат грчки учители за
нивните деца. Некаде околу четвртиот век п.н.е., македонското благородништво
често го користело грчкиот јазик за официјални потреби, додека обичните луѓе
говореле оригинален македонски во своите домови.
Проблемот на денешните лингвисти е тоа што ниедна единствена реченица од
оригиналниот македонски јазик не е зачувана, односно пронајдена.
Со одредена доза на сигурност знаеме дека дијалектот што го користела
мултикултурната армија на Александар доаѓал од јужните делови на Грција (од
регионот околу Атина) се користел низ светот како јазик за тргување. Ниеден
лингвист не го прифаќал овој јазик како оригинален јазик на Македонците.
Значи, имаме јасни докази дека грчкиот јазик што го користеле Македонците
бил нов јазик. Па така, не би можеле да кажеме дека користењето на овој
јазик докажува некаква јазична асоцијација помеѓу античките Македонци и
Грците.
Многу академици имаат заклучено дека античкиот македонски јазик не бил
грчки дијалект и дека бил во сродство со северните соседи на Македонија,
Илирите и Тракијците".
Еден цитат од делото "Македонци" од Питер Хил во официјална австралиска
енциклопедија "Австралиски народи (околу 200.000 Македонци живеат во
Австралија), вели:
"Сигурно е дека јазикот што го користела мајка му на Александар не бил
грчки. Александар уживал во благодетите на грчкото образование и го присвоил
грчкиот како јазик на неговата империја, но да се тврди дека поради тоа тој
и самиот бил Грк е како да се каже дека Ирците и Индијците се всушност
Британци затоа што го присвоиле англискиот јазик за одредени административни
цели".
МАКЕДОНЦИТЕ НЕПРЕФИНЕТИ
Џон Шеј детално, објективно и без каква била пристрасност ги истражил
политичките причини за користење на грчкиот јазик и македонските ставови кон
него, но и јазичниот карактер на античка Македонија.
"Едно прашање со коешто мораме да се справиме е што е тоа 'грчко име'.
Општоприфатено е дека индо-европските Илири, Грци, Тракијци и други се
населиле на Балканскиот Полуостров во четвртиот, третиот и вториот милениум
п.н.е. Како што ќе видиме, аргументирано е дека само 40-50 проценти од
вокабуларот на Грците е индо-европски по потекло и дека 80 проценти од
имињата не можат да се опишат како индо-европски. Најмалку две можности
можат да го објаснат присуството на такви лингвистички форми на античкиот
грчки јазик. Едната е дека предхеленските култури не биле индоевропски и
дека новодојдените Грци усвоиле многу имиња и тие зборови да биле воведени
од освојувачите и доселениците од Египет во вториот милениум п.н.е. Во кој
било случај, возможно е таквите зборови да влегле во македонскиот како и во
другите балкански јазици на потполно ист начин. Па така, и двата јазика
можеби позајмувале еден од друг. Ако го земеме за точно денешното гледиште
дека предхеленските влијанија во грчкиот јазик не се индо-европски и ако го
земаме предвид веќе докажаниот факт дека имињата на местата најчесто
опстојуваат и по освојувањата и асимилациите, би било разумно да сметаме
дека некои од наведените 'грчки' имиња на места што се нашле во македонскиот
јазик се всушност предхеленски имиња".
Авторот потенцира дека голем дел од историјата на античките Македонци е
дојдена од грчки извори, а имињата се најверојатно претворени во нивните
грчки форми од најразлични причини, вклучувајќи го тука и фактот дека
грчките автори можеби не можеле да ги изговорат истите имиња на некој друг
јазик.
Што се однесува до ставовите на античките Грци кон Македонците, "Грците
ги гледале Македонците како ништо поарни од дивјаци, непрефинети луѓе со
нецивилизиран говор и политика, неадекватни борци и редовни прекршувачи на
даден збор".
Гледањето на Македонците како на посебен народ од Грците е се уште
присутно кога историчарите говорат за подоцнежниот период, кога Грците се
под македонско водство. Цитирајќи повеќе автори, Џон Шеј докажува дека
Грците и Македонците се различни народи и дека нема сличности во нивниот
јазик и култура.
За разјаснување на името Македонија ја користи теоријата на Мајкл А.
Димитри:
"... Во текот на овој период (праисторијата), во многу делови на светот,
главното божество го обожувале тогашните цивилизации, додека се учеле како
да ја култивираат, населат и скротат земјата на која живееле, била земјата
којашто тие ја персонифицирале во божица. Оваа земјена божица била таа, која
како мајка, им носела богати жетви, стада и покриви над главите, коишто им
биле неопходни за опстанок. За возврат на нејзините благослови, голем дел од
овие култури ја именувале својата земја според нивната верзија на оваа Мајка
Земја. Добро познат пример за ова е Италија, чиешто име потекнува од Италиа,
античката Мајка Земја на тој Полуостров. Во индо-европските јазици, каде што
спаѓа и македонскиот, основата "Ма" често е асоцирана со "женственост, жена
и мајка".
Примерите за ова се "матер" на латински, "мадре" на шпански, "мама" на
англиски, и "мајка" на македонски. Исто така, основата "дон" значи подарок.
Примерите се "до, даре" на латински, "дар" шпански, "донате" на англиски и
"донесе" на македонски. Ако го додадеме зборот "мајка" на основата "дон", со
типичниот индо-европски завршеток на именките "-иа", ќе добиеме "мајкадониа"
или Македонија. Името Македонија значи потекнува од праисторијата и неговото
значење е Подарок на Мајката.
(Продолжува)
|