АРХЕОЛОГИЈА

Истражувањата на локалитетот Скупи забавени поради имотно-правни проблеми

РИМСКИОТ ГРАД СЕ КРИЕ ПОД "ПРИВРЕМЕНИТЕ" ОБЈЕКТИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Градот Скупи настанал како римска колонија кон крајот на I век од Христа, иако неговото настанување може да се поврзе со доаѓањето на римските легии кон И век пред Христа и почетокот на И век од Христа.
  • Еден толку голем и значаен римски град, еден од најголемите којшто постои воопшто на подрачјето на Балканот, наместо да претставува археолошка и туристичка атракција на дел од централното градско подрачје, ние имаме еден современ отпад.

Локалитетот Скупи кој некогаш бил колонија (титула која претставува највисок самоуправен ранг што можел да го добие еден провинциски римски град) и имал одредено ниво на самоуправа во внатрешното организирање и управување, се наоѓа на само неколку километри од Скопје. Формиран е со колонизирање на ислужени војници на легијата Седма Клаудиева кои според одредени заслуги добивале парче земја во новоосвоените области на Римското царство. Овој град опстојувал цели шест века, а според археолозите, животот во него продолжил и во подоцнежните векови до X век.

Меѓутоа, иако овој локалитет има импозантно значење за Македонија, сепак Музејот на град Скопје долги години се соочува со проблеми од имотно-правен карактер кои спречуваат целосно да се истражи Скупи и да се открие какво богатство крие во себе.

ДОЛГОГОДИШНО ИСТРАЖУВАЊЕ

Првите сознанија за овој атрактивен локалитет потекнуваат уште од 1884 година кога на овие простори поминува англискиот патеписец Артур Еванс, вели Ленче Алексова, археолог од Музеј на град Скопје. Тој споменува дека на подрачјето каде што денес се истражува Скупи се забележани урнатини на некој римски град од кои најзабележливи се остатоците од римскиот театар за кој се претпоставувало дека е од северниот бедем на градот Скупи. Подоцна во почетокот на XX век со создавањето на Музејот на Јужна Србија почнуваат првите археолошки истражувачки работи при што е откриена една помала христијанска базилика на подрачјето на денешното село Бардовци и една приградска вила со термален дел којшто се наоѓа надвор од бедемите, што значи во непосредна близина на западиот бедем на градот Скупи.

Првите званични археолошки истражувања започнале од страна на познатиот српски археолог Никола Вулиќ кога се откриени делови од сцената на театарската зграда и многу мал дел од гледалиштето. Овие истражувања се значајни затоа што за првпат бил лоциран театарот и откриени се некои негови делови. Од 1969 година па наваму продолжуваат истражувачките работи на локалитетот според одреден истражувачки план.

ОТКРИТИЈА

Скупи како еден урбан римски град, високоцивилизиран, опстојувал цели шест века, односно од I до VI век по Христа и во текот на тој период тој постојано се развивал, се менувале градбите, луѓето, комуникацијата, начинот на живот.

Во последните две-три години истражувачките работи добија на интензитет, така што онаму каде што се решени имотно-правните односи во должина од околу 170 метри е истражена една од главните комуникации - улицата Кардо која се протега во правец север - југ со сите пратечки објекти како што се тротоари, инфраструктурата, канализационата - водоводна мрежа, објаснува археолог Алексова. На тој начин се споија претходно веќе делумно истражуваните два големи градежни комплекси - христијанската базилика и термалниот дел, градската бања. Во тој дел над самата улица и над објектите од доцноантичкиот период, како што се градските терми во претходните периоди, беа констатирани градби коишто упатуваа на едно интензивно живеење од постурбаниот период, значи по 518 година. Можеби за туристи или за други посетители овој период не е многу атрактивен, затоа што градбите се градени со многу попримитивна техника, потсетуваат на праисториските објекти за живеење со земјени подови, со огништа. Движниот материјал што се среќава во нив, исто така, делумно е работен рачно. Меѓутоа, за нас археолозите беше мошне интересно затоа што промени многу од сознанијата што претходно важеа за градот Скупи. Според античките пишани извори и врз основа на дел од истражувачките работи, се сметаше дека со земјотресот во 518 година замира урбаното живеење во градот и на тој начин населението е повлечено. Сега имаме податоци дека една од атрактивните, поточно улицата Кардо, во VI век има две градежни обнови што значи во ова време се живее и тоа како урбано во градот Скупи.

НАОДИ

Од движните наоди се пронајдени бројни предмети - грнчарија, предмети за секојдневна употреба, разни грниња, пронајдени се предмети од коска, монети, делови од стаклени садови. Истражувачките работи оваа година се насочени кон доистражување и докомплетирање на овие сознанија.

Претходните истражувања главно биле концетрирани на Цивилната базилика попопуларно наречено Собранието на градот, вели Алексова. Потоа истражена е градската бања која лежи на постар објект - магацински простор во кој термите се вклопиле, христијанска базилика, делови од некрополите - источна и западна од каде се откриени вредните движни наоди. Во некрополите откриен е броен накит, метален, од стакло, од коска, белезгии, прстени, обетки, гердани, огледала, коскени украси за коса. Понатаму, пронајдени се ламби, стомни, чинии, меѓутоа еден од најстарите објекти, можеби и најатрактивен кој и ден-денес привлекува внимание, е Античкиот театар. Тој е подигнат во почетокот на II век некаде во времето на Хадријан. Тој бил голем театар чијашто должина изнесувала 98 метри, 15 метри широка, а се претпоставува дека собира некаде околу 9.000 гледачи што е навистина една импозантна бројка.

НЕДОРАЗБИРАЊА

Доколку се истражи овој театар, би можел да заживее и да се употреби за организирање на манифестации или некои театарски претстави. Постои иницијатива од страна на театарот "Скрб и утеха" за одржување на нивна претстава токму овде.

Било планирано да се истражува и на некрополите на градот коишто како и кај секој римски град се наоѓаат на сите четири страни од бедемите на градот. Меѓутоа, овој план не можело да се развива онака како што било планирано затоа што постојат многубројни проблеми на самиот терен коишто ги оневозможуваат истражувачките работи. По земјотресот во 1963 година изградени се времени објекти кои и ден-денес постојат - Домот за стари лица кој е лоциран на централното градско подрачје токму над Форумот - Градскиот плоштад на градот Скупи. Исто така, треба да се спомене и некогашното Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, а како дел од тоа претпријатие сега на ова подрачје останал да опстојува еден мал дел "Мик отпад" којшто ги прибира сите отпадни градежни материјали. На една третина од театарот се лоцирани христијанските гробишта на селото Злокуќани, исто така над дел од источниот бедем се лоцирани муслиманските гробишта. Дел од парцелите се во приватна сопственост на кои се извршуваат земјоделски работи при што се оштетуваат остатоците од градбите на Скупи. Да спомнеме дека над базиликата се наоѓа дел од селскиот јаз на селото Злокуќани кој служи за наводнување на нивните обработливи површини. За жал, сето ова поминува низ центарот на цивилната базилика, директно над мозаичните подови на оваа базилика. Мораме да констатираме дека проблемите од имотно-правен карактер се повторно интензивирани, а ние немаме ингеренции ниту пак моќ да ги надминеме ваквите проблеми.


Возобновување на Античкиот театар

Културниот центар "Скрб и утеха" и Здружението "Ксантика" Ве покануваат да го возобновиме културното живеење на скупскиот антички театар - 07.06. 2003 година, антички театар Скупи (кај старскиот дом Злокуќани), 20.00 часот.

Дали знаете дека Скопје е еден од ретките главни градови во светот кој недалеку од строгиот центар има антички театар најголем во Република Македонија со можност да прими преку 8.000 гледачи? Дали знаете дека театарот во Македонија има традиција од најмалку 2500 Божји години? Дали знаете дека во стара Македонија театарот служел за верски прослави, свадби како и за театарски претстави?

Театарот е длабоко всаден во нашата културна традиција. Затоа дојдете во Скупи да го возобновиме скупскиот театар. По 1400 божји години повторно ќе заживее со театарски и културен празник.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"