Македонија во "Гинисови рекорди"

Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија, Битола, покренува иницијатива за поднесување барање до институцијата "Гинисови рекорди" за признавање на Македонија како земја што е најмногу опеана од својот македонски народ во безброј песни од сите жанрови на македонското творештво.

Имено, во времето кога продолжува притисокот и негирањето на поедини држави и народи за постоењето на македонскиот народ како историска и етничка категорија со своја историја и традиција, јазик, вера, обичаи и целокупен народен фолклор, во времето кога ни се наметнува прашањето за уставното име на нашата држава, името на нашиот народ, во времето кога нашите браќа и сестри во соседните држави се асимилирани на најгруб начин до етнички геноцид, ги повикуваме институциите на нашата држава како императив да ги искористат сите правни и морални норми да го издејствуваат правото на нашата држава и народ во светската јавност да го носиме нашето име Македонија!

Ја молиме Комисијата во Р. Македонија која е повикана да се обрати до институцијата "Гинисови рекорди" да поднесе барање за правото на рекорд на државата Македонија како најопеана земја во творештвото на македонската народна песна и песните на современите литерати. Македонија е опеана во многу песни како сакана земја за чија слобода се дадени безбројни човечки животи од нејзините херои.

Да им се одговори на бугарската и на грчката дипломатија дека македонскиот народ никогаш не пеел за Бугарија и Грција, туку единствено за својата поробена Македонија. Нашиот народ пеел и пее за Солун и Стамбол, а не ги споменал Атина и Софија.

Нашите државници со помош на нашите еминентни правници по меѓународно право веднаш да поднесат барање до ООН за признавање на уставното име на нашиот библиски народ, на нашата држава.

Александар Поповски,

претседател на Здружението


Како да се обединат "малите" партии?!

Татковината е она што треба да не поврзе нас Македонците, независно од тоа дали сме in или out. Ние што живееме во неа, ја гледаме одвнатре, а
дијаспората однадвор. Овие две слики треба да се идентични. Дали гледаме еднодецениско пропаѓање на нашата татковина? Ако е така, тогаш политичките партии што владееја во тој период ја носат одговорноста за таквата состојба. Не можам, а да не кажам за неправедното приватизирање на општествениот капитал, за опасното загрозување на нашата татковина во 2001-та, за одземањето на одлучувањето за важните прашања во Парламентот од Македонците (сега им е доделено на Албанците) и за геноцидот на Македонците во сопствената татковина.

Досегашниот ангажман на дијаспората директно преку партиите "Помни" и "Македонска алијанса" или индирекно со поддршка на некоја политичка партија, не даде резултат. Останувањето без влијание, негативно се одразува и понатаму. Дијаспората мора да партиципира во политичкото одлучување за татковината!

Парламентарните избори во 2002 година беа лекција за малите партии. Ако се продолжи по стариот пат, малите партии ќе си останат пак мали, а со тоа нема ни да се доближат до политичкото одлучување во татковината. А како да направиме партија и тоа голема, силна партија? Само голема партија може да направи пресврт. Ако ги земеме предвид карактеристиките на Македонците (многу добро опишани од многумина) тоа не треба да се прави со окрупнување. Ниту со обединување. Ниту со коалиции на малите партии. Треба да се започне со нешто поглобално.
Малите македонски партии заинтересирани за градењето на новата партија за која однапред не се знае ништо - ни името, ни симболот... низ еден процес на трансформација да ги вградуваат и усогласуваат нивните карактеристични елементи (нешто како фузија) итн. Тоа да се одвива транспарентно за да им се овозможи на сите заинтересирани Македонци од целиот свет по прв пат во својата историја да направат една народна, прогресивна партија.

Живко Даскаловски


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"