ФОРУМ

ИЗИДА НЕ Е МАКЕДОНСКО БОЖЕСТВО!

Проф. д-р Миодраг Календар Хаџи Ристиќ

  • Неодговорно, без морал и етика беше сторено нешто што не прилега од повеќе причини, и треба да се отфрли пред толку многу наши и македонски и христијански - православни културни, па од тоа и цивилизациски достигања, што се создавани и останати како вековите во овие милениуми, пред обидот на сите тие кои ем не не признаваат, ем не присвојуваат, заборавајќи дека најлесно и најсрамно е да се дели, присвојува, краде тоа што не е твое.

Се случуваа во изминативе години секакви работи, па и вакви настани.

Кој, како и зошто, поради која причина, си го присвоил правото да ја избере и да ја "наметне" како врвна наградата на манифестација "Охридско лето", Статуетата на Изида? Овој археолошки експонат, нецелата скулптура на врвната божица на многубожечката религија на стариот Египет - Изида - била сметана и почитувана како ќерка на Геа - земја и Нуте - небо, потоа сестра и сопруга на богот Озирис, односно мајка на богот Хор, и конечно како божица на Месецот, олицетворена на силата на Земјата. Потоа, Изида била претставувана со сончево тркало над главата и помеѓу два рога од крава.

И накусо, во времето на тие многубожечки религии култот на Изида бил раширен и почитуван и кај поедини народи на Балканот, како и кај Римјаните, се до прифаќањето на Христијанството како државна религија. Во тој период многу од нив, меѓу кои и Изида, биле отфрлени и забранети од христијанството, вклучувајќи и соодветни казни за секој кој не ги почитувал и им се поклонувал.

По низа можности и причини на Балканот се среќаваат разни археолошки остатоци кои по своето потекло се од Египет и од разни временски, културни и цивилизациски достигнувања. Така, веројатно, било и преку повеќето миграции од кои биле и денешните Египќани, Еѓупци, Ѓупци, Евѓити, Агопти и со други етноними во државите и народите на Балканот. Меѓутоа, постоењето на Египќаните се оспорува и негира единствено заради тоа што се сака и бара тие да бидат по етничко потекло од еден од Балканските народи - Арнаутите, Роми - Цигани, Турци и други. Тие - Египќаните преку разни поводи и настани доаѓале и се заселувале на просторите на Балканот, и се разбира, си ги чувале и почитувале своите религиски, многубожечки култови за кои се знае преку археолошките локалитети и експонати, меѓу кои и статуата на божицата Изида.

Во Охрид, центарот на македонската писменост, познат ширум христијанскиот свет, особено преку имињата на браќата Климент и Наум, светлите имиња на следбениците и ученици на браќата Кирил и Методиј, во катедралниот христијански, православен храм кој бил испоганет кога бил преименуван во мухамеданска џамија со доградено минаре, во таа пресветла наша една од најстарите цркви - "Света Софија", не се најдоа или немавме повредни и позначајни дела, остатоци, реликвии преку кои, во соодветна форма и начин, да се востанови, ама баш награда која се доделува на манифестацијата "Охридско лето", меѓународна културна манифестација.

Последното што требаше да се направи е навредливата форма од култот на многубожечката врвна божица Изида да се доделува на навистина цутот од светските врвни мајстори, блиску до идните класици во своите уметности.

И политичарите и културните, па и научните работници срамно ова го примија и молчеа од неразбирливи причини - незнаењето не оправдува, но зошто Црквата мижи - се, само нека не е надоместот за користење на храмот и за овој резил.

Ама, ете тогаш се најде и изнајде "мужикот" од рускиот хор, кој како секој, да ми простите вистински, нормален христијанин, па уште православен, го парчоса со фрлање на подот недостојниот, навредлив и срамен подарок - награда, што може да биде сфатен и примен како директен атак и по идеолошка, односно религиска определба.

Неодговорно, без морал и етика беше сторено нешто што не прилега од повеќе причини, и треба да се отфрли пред толку многу наши и македонски и христијански - православни културни, па од тоа и цивилизациски достигања, што се создавани и останати како вековите во овие милениуми, пред обидот на сите тие кои ем не не признаваат, ем не присвојуваат, заборавајќи дека најлесно и најсрамно е да се дели, присвојува, краде тоа што не е твое, штом е туѓо, така како што си ја расчеречија Македонија и Македонците за да ги прикажат како свое население и свој дел.

Во организирањето на манифестацијата "Охридско лето" и реализацијата учествуваа куп луѓе - гледавме на ТВ, читавме по печатот, ама никој од нив не се запраша за невкусност на меѓународните манифестации на комунистичките претставници да им се подари крст, икона и слично, или обратно на претставниците од религиски определени држави да им се дадеше статуа од Маркс, Ленин и Сталин.

Дарителите на наградате по ред причини, од недоволно или несоодветно образование, можеле и да не го знаат ова, ама организаторот - Одборот на Орхидското лето, ако ништо повеќе, морал и требал да побара мислење и од соодветни научни институции, па и од Македонската православна црква, зашто сепак ова не се случува во не знам каде, туку во христијански православен Охрид и Македонија, каде во стариот век сме имале свои многубожечки култови и богови кои нашле свое место и во обичаите и традициите, а да не зборуваме за средниот и новиот век кога Македонците имале светли настани и личности кои не смеат на ваков срамен и нечесен начин да се прескокнат и заборават.

Па од тоа и затоа, зошто Изида, па згора "Охридска"?


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"