ФОРУМ

ДЕМОКРАТСКИ ИГРИ ОКОЛУ БАЛКАНОТ

Илија Давчевски, Кавадарци

  • Дали кај нас на Балканот нема да проработи и да се пробуди заспаната демократска свест со последната шлаканица од евро-комесарот Карл Билд режирана во кујната на ЕУ за некаква си Балканска федерација, допрва ќе видиме. За секој разумен граѓанин, оваа одлука е преседан и уверување дека ЕУ продолжува со игри (задкулисни) за и околу Балканот, избегнувајќи брза интеграција на истиот во ЕУ.

Историјата ни се повторува, но за жал во негативна конотација за контроверзниот Балкан од демократски, политички и економски аспект. Можно ли е, од лулката на цивилизирана Европа со новородена демократија, Балканот денес да претставува последна депонија и бариера во сонот на европската дама за обединета Европа? Балканот се уште претставува харизма на евро-умовите, во однос на изнаоѓање рецепти и проекти за негово интегрирање во ЕУ. Демократијата родена на југот, Балканот со голем вакуум од временски период, воскресна на тлото на западна Европа (В. Британија). Демократијата како симбол на слободата на човековите права денеска претставува комплекс и спектар на човекови права кои се остваруваат во зависност од посебни политички, економски амбиенти во некои држави и региони во светот. Западната демократија како производ на француската и индустриската револуција во Англија се градела и разградувала во зависност од посебните политичко-економски амбиенти во тој период.

И денеска на почетокот на 21 век не можеме да кажеме дека ЕУ има најидеален демократски рецепт, за ние Балканците да бараме нивни мисии, да ни делат лекции и демократски сондажи, кои за жал ни донесоа граѓански војни - национализми, верска омраза и невидени трауми. Типичен пример за нивната хипокризија е албанското прашање на Косово - кое ги воведе во срамна воена интервенција која ќе предизвика дисхармонија во односите на Алијансата од аспект на непознавање на албанскиот етнос кој и во наредниот период ќе биде катализатор и генератор на нестабилен Балкан и на обединета Европа. Времето за демократски процеси и рушење на комунизмот беше избрзано како резултат на стравот на западните демократии да не им се случи обратното - од аспект на кризата која го нагризува нивниот стар и демодиран капиталистички систем. Како поткрепа на ова нека ни послужи и мислата на филозофите дека ништо не е вечно и се се менува. За кризата на таканаречениот демодиран систем нека ни послужат фактите на појава на неофашизам, невработеност, хиперпродукција, изгубени пазари, губење чекори во технолошките процеси и др. Бумерангот на западната демократија е губење на источно-европскиот пазар, а за нас и другите посткомунистички земји, првите плодови на нивната демократија беа дрогата, криминалот, проституцијата, национализмот, граѓанските војни и река бегалци. ЕУ направи грешка во чекори, се вели во спортот. Кај нас применувајќи несоодветен рецепт и пристап на демократската ренесанса со политички реформи за решени или нерешени малцински и човекови права, предизвика невидена лавина на национализмот и верска омраза која изроди невидени крвави граѓански војни кои не ги памети историјата на човештвото.

Не сакам да бидам пророк, но ако ЕУ практикуваше економски пристап со економски реформи, транзицијата во посткомунистичките земји ќе се одвиваше со помали породилни болки и трауми. Европа не е лаик, тоа го знаеше, но дали намерно или ненамерно да ја прикрие метастазата, а со цел да го сврти вниманието на својата јавност надвор од свои атари, започна со режија на експериментите на Балканот со демократски игри под маска на брза демократска и економска преобразба на ју-просторите која не донесе ренесанса, а заврши со катастрофално фијаско за Балканот.

Го задржувам мислењето без да влијаам на просечните граѓани дека обединета Европа е фарса на демократски држави со идеална недоизградена демократија која според ЕУ треба да им служи како имиџ за нивно интегрирање во ЕУ. Дали сме толку наивни да им веруваме и постојано да бидеме под лупа на нивното експериментирање како малоумни Балканци, кога веќе ги загризавме горчливите плодови на нивната демократија преку ширење на дрогата, криминалот и други демократски реликти на западната демократија. ЕУ нема излез од темниот тунел кој го заплиснуваат темните западни ветрови, така што повремено пројавуваат последни крикови на немоќ како што е последниот за глобализација која не нуди излез за непречено заминување на демодиран капитализам преку олтарот на смртта од историска сцена. За да не им се случи тоа, ЕУ и партнерите е потребно да се позабават и да ги очистат своите атари и дворови и да си преземат итни и брзи реформи, за да се спасат од агонијата и да го остават Балканот, што се вели ако не помагаат, да не ни одмагаат. Затоа нека го следат примерот на Шведска која навреме ја сфати опасноста и со реформи изгради социјал-капитализам за да го залечи и продолжи векот на стариот систем.

Дали кај нас на Балканот нема да проработи и да се пробуди заспаната демократска свест со последната шлаканица од евро-комесарот Карл Билд режирана во кујната на ЕУ за некаква си Балканска федерација, допрва ќе видиме. За секој разумен граѓанин, оваа одлука е преседан и уверување дека ЕУ продолжува со игри (задкулисни) за и околу Балканот, избегнувајќи брза интеграција на истиот во ЕУ.

Поради ова и гореспоменатото не можеме да бидеме оптимисти и треба да престанеме да бидеме заложници на демократските игри и интриги на чекање донации и пактови. Поради ова потребно е ние самите, со сопствените ресурси и умови по примерот на Израел, Тајван и други земји да градиме просперитетна, економски развиена држава, а демократијата сама ќе ни дојде без да ја чекаме со години да излезе од шенгенскиот замок на европскиот лавиринт.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"