бразовниот систем е огледало на
државата. Какво образование - таква држава. Развојот на генетиката,
кибернетиката, информатиката, компјутеризацијата, роботиката, комуникацијата
и технологијата не е во чекор со потребите на македонското образование. Во
нашето образование има застареност, заостанатост, инертност и провинциски
дух, особено во материјален поглед, а не сме отишле далеку и во прифаќањето
на современите трендови во светот. Затоа ни е потребна една темелна
преобразба на сегашново образование, една реорганизација во духот на времето
и македонскиот менталитет во 21 век. Тоа го чувствуваат и младите за кои и е
наменето. Образованието ни е оптоварено со непотребни содржини, со надминати
методики, со конфузна организација во секој поглед. Недостига актуелен и
перспективен динамичен слух за новото, современото, напреднатото. Недостига
рефлекс и позитивна волја за сложените животни текови и негување на своето,
изворното, функционалното. Надвладуваат херметизирани ставови и за
алтернативните области и дисциплини врз една поширока универзална релација.
Затоа предлагам: не изживеаното и со децении повторуваното "реформирано
школство" што севезден практикува чист формализам и фалш-покритие на
реформаторите, та на крај ништо од тоа, ами реорганизација на образованието
со нови квалитети и визии за иднината на народот и државата, со редовно
следење на светските промени и новини. Така, ќе нафрлам само неколку
позначајни ориентациони прашања за таа цел.
На пример, со изготвување на опстоен проект којшто ќе вгради искуства и
од образовни системи на развиени земји, основното и средното образование да
се интегрираат во едно единствено - основно. Значи, двата степена да се
слеат во еден што ќе трае вкупно осум учебни години (сегашниве се 12),
одземено по две од обата степени. Притоа, првите шест учебни години да бидат
општообразовни, а последните две стручни, или и тие општообразовни.
Потоа следи по избор, доколку се сака продолжување факултет од четири
години. Високото образование исто бара реорганизација пак во континуитет со
"основното". Следствено, образовниот процес, со високото, трае десет -
дванаесет години, та докај дваесетгодишната возраст да се заокружи
образованието на младата личност.
Во сето ова, една од најголемите придобивки ќе биде скусувањето на
образовниот систем за цели четири години, што е огромен достиг во животот,
во цветната младост на личноста, бидејќи таа навреме ќе биде оспособена со
знаечка основа и ќе & се овозможи да си ги остварува амбициите, градејќи
кариера за себеси и за државата. И, ексклузивно поставено, со кое и какво
право со постојаново образование, ги малтретираме младите со тие четири (всушност
продолжени) години, утврдени од старите генерации кои решаваат за учењето на
младите и во нивно име, поткинувајќи им ги перспективите, кога може токму
без тие четири години порано да им се отворат животните шанси. Да не
споменувам и за денешните наадекватности од педагошкиот, психолошкиот,
социолошкиот, моралниот, медицинскиот и другите аспекти.
Секако, проектот подразбира преструктуирање на училишните планови и
програми, прераспоредување и изменување на градивото по обем и содржина,
застапеност на училишните предмети и се што произлегува од нив заради
продуктивна и ефикасна трансформација на постојаниот училишен систем.
Во прераспределувањето на училишните предмети би требало да се врши
градација на "главни", фундаментални", "носечки", "условни" и сл., зашто
сите се важни штом се решило да се изучуваат како редовни. Тоа го покажа и
практиката: колку се штетни последиците од издвојувањето и градирањето на
училишните предмети по важност.
Една од позначајните новини што треба да се земе предвид во проектот е
филозофијата да се изучува уште од прво одделение - заради систематско и
континуирано формирање поглед на свет, се разбира со методи и содржини
дозирани за ученичката возраст.
Проектот треба да обрне внимание на факторот "учител" (во најопшта смисла
и поим) како значаен чинител за успех и функционирање на училишниот систем.
Колку неговата свест, совест, патриотизам, ученост, етичност,
професионалност, знаечки потенцијал и карактер се на повисоко рамниште,
толку неговиот придонес ќе биде поголем во издигнувањето и формирањето на
поколенијата - како неодминлив престиж и основа за државата и нејзината
иднина. Со статусот "учител" треба да биде почестен најавторитетниот,
најрепрезентативниот граѓанин во средината, а не тоа светло звање да го носи
собирок на неуспешен и промашен човек што вади недообразовани или квазиучени
поколенија. Затоа, пак, државата треба да води константна и дефинирана
политика за јакнење на учителскиот статус од сите аспекти.
Ваквиот реорганизиран училишен систем носи и огромни
материјално-финансиски заштеди кои и тоа како ни се потребни на подолг рок
во вкупниот економски стандард на државава.
Ги повикувам чесните македонски интелектуалци да организираат јавна
расправа за реорганизирање на училишниот систем во интерес на нашите
поколенија. Што ќе им оставиме, тоа ќе имаат.