ФОРУМ

МАКЕДОНИЈА СОЈУЗНИК НА САД ПРОТИВ ИРАК

Васил Томовски, дипломиран инженер

Нашиот став за Ирак произлегува од македонските национални и државни интереси" (Борис Трајковски - "Коалиција на поддржувачи").

Иако и овој пат народот не е прашан, ниту индиректно преку неговите избраници во Парламентот, не постои никаква дилема за тоа дека претседателот на државата не ги знае македонските национални и државни интереси. Неговата духовна поврзаност му овозможува во секој момент да го чувствува пулсот на народот. Десната рака на левата страна од градите, во пресудните мигови, е симболичен доказ за "нераскинливата" духовна врска на претседателот со народот. Но, веројатно, повратните информации стигнуваат преку "бајпас" според испробаниот модел, од старите извори, на историскиот континент. Во минатото, виталните интереси на Македонците "подобро" ги познавале други соседите, а преку нив и Европа (денеска и САД). Затоа секогаш тие другите одлучувале за судбината на народот: на Берлинскиот конгрес било одлучено цела Македонија, како најразвиена турска провинција, да остане и понатаму во составот на Отоманското царство; во Букурешт ја распарчиле (..."парчосале"), а во Париз - Версај ја докусуриле.

Направен е "мал исклучок, а голем историски преседан" во манастирот "Св. Прохор Пчински" со АСНОМ, но "корекцијата" стигнува со охридскиот Договор. Новиот македонски Устав што произлезе од охридскиот Договор е прототип на "Првиот слободоумен српски Устав" од 1835 година на кнезот Милош Обреновиќ. Особено асоцијативна симболика има атрибутот слободоумен. Таа основна поставка во српскиот устав ја внел лично кнезот и тоа усно (не можел писмено, зашто не бил писмен), формулирана како завршна одредба: "... и како књаз наѓе за сходно".

Всушност, тоа е и основната одредница на охридскиот Договор, пренесена и во Уставот, со таа разлика што улогата на кнезот, за дефинитивно "законско" одлучување ја презеле учесниците и потписниците на договорот, а потоа и сите оние што ќе го имплементираат.

Денеска состојбите со националните и државните интереси се "нормализирани" и "стабилизирани". Со охридскиот Договор се вратени каде што биле некогаш и каде што треба да бидат во иднина.

Со вакво образложение "оправданоста" на постапката што Претседателот, потоа и Премиерот (иако на прв поглед останува впечаток дека и двајцата го "прескокнале" народот, односно Парламентот) донеле одлука за учество во "коалицијата на поддржувачи", без други консултации, е експлицитно разјаснета.

Што се однесува, пак, до надворешните видувања, нашето учество како припадник на групата "Вилнус плус 10" земји кои лондонски "Гардијан" ги именуваше како вазалски земји, во некои од руските медиуми, уште истиот ден на почетокот на нападот на Ирак, Македонија заедно уште со неколку други "државички", како потенцијални учесници во постконфликтната ситуација во Ирак, го доби метафоричниот епитет "мртви души".

Достоевски е одамна "присутен" во нашите простори ("Бедни луѓе", "Понижени и навредени", а од друга страна "Идиот", "Браќа Карамазови", "Злосторство и казна", досега само злосторство, итн.), но Гогољ досега беше незабележлив. Сега, со "Мртви души", влезе на голема врата.

Но, за жал, не е важно што мислат другите. Битно е дека во втората, постконфликтна фаза во Ирак, од Македонија ќе учествуваат санитетски екипи и воено-полициски вод, за што веќе било обезбедено и парламентарно мнозинство. Во овој контекст, според пишувањето на "Дневник", "Скорпиони", "Волци" и "Рисови" ќе го одржуваат мирот во Ирак и тоа доброволно за што веќе се пријавиле не еден, ами стотина од посочените специјалци.

На ТВ-екраните ги видовме и "загубарите" коишто, откако Владата ги одби нивните егзистанцијални барања, предлагаа "веднаш да бидат испратени во Ирак!".

Ете тоа е нашиот народ, традиционално помирлив и прилагодлив, ништо повеќе не може да го изненади.

Сепак од државниот врв стигнуваат дополнителни појаснувања како "Утешение грешним". Ние сме европска земја, а со фактот што "Конкордија" го развиори европското знаме на безбедноста во Македонија, не треба да се сфати дека го играме орото на ЕУ против САД. "Нам ни останува да го следиме нашиот национален интерес, особено во ситуација кога овие два столба на нашата ориентација спорат" (ќе "рече" колумнистот во "Дневник"). И затоа треба да им помогнеме на САД.

Наоѓајќи се во вакви околности и состојби на трпеливост, на македонскиот народ, на обичините луѓе, не им останува ништо друго освен само да дадат свое толкување за постапките на државниот врв што го прави во "интерес на народот и државата" со следниот коментар:

"Некои одговорни господа прават непромислени грешки. Какви уште би правеле, ако само малку промислат" (како, на пример, охридскиот Договор). А за аболицијата и особено за идејата за Криволак, прв пат спомената во Договорот "Партнерство за мир", втор пат неодамна освежена од Претседателот на државата со "Јадранската иницијатива", а сега во контекст на македонска подршка на САД за "кој знае за што" во Ирак, искажана е подготвеност во давање понуда за Криволак да стане регионален тренинг-центар на НАТО, Вие изјаснете се која каде припаѓа: во непромислени или промислени постапки (да не се рече - грешки).

Во секој случај нашите водачи, одговорни господа, со своите постапки во досегашната практика покажаа дека "сериозно" се приближиле до нивото на "едуцираност" на српскиот "вожд", но затоа пак не се уште далеку под нивото на владеење, поради диференцијалната предност што ја имал кнезот - природната дарба.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"