КУЛТУРА

Ново издание - прилог кон биографијата на Мајка Тереза

"ЈАС СУМ СКОПЈАНКА"

Пишува: Анита ДИМОВА

  • За првпат во светот се истражувани корените на семејството Бојаџиу, кои имаат вековно минато во Скопје. Книгата ја пополнува празнината за најмалку познатиот дел од животот на големата хуманистка - детството и младоста поминати во родниот град Скопје и нејзините врски со родната земја.
  • За најновото дело во истражувачко-публицистичкиот опус посветен на Мајка Тереза од авторот Стојан Тренчевски, ги пренесуваме оценките изнесени во рецензиите што ги подготвија историчарот д-р Лазар Лазаров и проф. д-р Димитар Мирчев, научник, прв македонски амбасадор во Ватикан и член на повеќе академии во светов.

Книгата "Скопјанката Мајка Тереза" е мала по формат. Потсетува на црковните молитвеници. На насловната страница благородниот збор "мајка" е испишан на 10 јазици, а името Тереза доминира заедно со двете фотографии на големата хуманистка, едната од младоста, од 1928 година кога заминува од Скопје, а другата од 1980 година кога беше прогласена за почесен граѓанин на родниот град. Автентичниот благослов и потпис Тереза, уште при првиот поглед на книгата буди посебни чувства и доживувања.

"Има настани и личности кои се посебно инспиративни за творештво. Со своето хумано и духовно дело Мајка Тереза го задолжи светот и засекогаш ќе биде предизвик за луѓето кои создаваат научни, истражувачки, културни, уметнички и други трајни вредности".

ХУМАНОСТА

Трудот "Скопјанката Мајка Тереза" ги открива најзначајните настани поврзани со најмалку познатиот дел од животот на големата хуманистка, нејзините семејни корени, детство и младост, поминати во родниот град Скопје, оценува историчарот д-р Лазар Лазаров за делото за кое уште ќе констатира:

"Со димензионирањето на повеќегенерациското живеење на семејството Бојаџиу во Скопје, на јавноста & се открива можеби и суштината за емотивната поврзаност на Гонџа Бојаџиу со родниот град, која и самата ја дефинира со нејзината силна оценка и порака: 'Ако не беше Скопје, ќе ме немаше и мене, ќе ја немаше ни Мајка Тереза'".

Секогаш кај оние на кои им беше најпотребна - Мајка Тереза

Суштината и величината на хуманоста и длабоката духовна посветеност, се судбинските патокази низ животот кој Гонџа Бојаџиу го започна и на кој му се радуваше во Скопје. Затоа, расветлувањето и обработката на овој дел од нејзиниот живот, на најубав начин претставува комплетирање и прилог кон биографијата на Мајка Тереза.

Голема е привилегијата и суштествена е мотивацијата и инспирацијата, што е видливо и од самиот труд, кога авторот пишува за личност која ја познава, ја чувствува блиска и од чии дела и добрини и самиот творечки се напојува.

Со големината на своето универзално хумано дело, со благородната духовна и световна мисија, Мајка Тереза е богатство на нашата современост кое му припаѓа на човештвото и на цивилизациите. А секое битие, во својот живот, има само еден почеток и крај. Во Скопје, таа ја здогледа светлината на светов и од тука зачекори низ животот и со бескрајната љубов и Божја Молитва, го освои светот, останувајќи засекогаш "милостива мајка".

Оваа најнова творечка рожба на упорниот трагач и хроничар, пријател и почитувач на Мајка Тереза, е најубав дар за светов, посветен на жената која со своите дела за живот стана Светица, пишува рецензентот д-р Лазар Лазаров.

КОСМОПОЛИТИЗМОТ

Тргнувајќи од своето големо научно, но и дипломатско искуство и богатство, проф. д-р Димитар Мирчев, високо вреднувајќи ја ова книга и посебно истакнувајќи ја силната темелност и професионалност на авторот, препорачувајќи ја книгата како значаен истражувачки труд, прави осврт кон духовната поврзаност во мисијата на неговата Светост Папата Јован Павле Втори и Мајка Тереза.

"Неговата Светост Јован Павле Втори говореше на јубилејното 50-то Генерално собрание на ООН, во1995 година во Њујорк. Говореше за слободата на човекот, за тоа како да го преземеме ризикот на слободата, солидарноста и мирот. Тој во таа прилика рече: 'Секое нешто што го редуцира човекот, секое нешто што ги скусува хоризонтите на човековиот стремеж кон добрина - ја повредува суштината на слободата. За да ја вратиме нашата надеж и нашата верба на крајот на ова столетие на тага, ние мораме повторно да го стекнеме видикот на оној ненадминлив хоризонт на можности кон кои се стреми човековиот дух'".

Авторот на книгата, Стојан Тренчевски, и првиот претседател на РМ, Киро Глигоров, пред споменикот на Мајка Тереза во Скопје

Нешто слично рече Папата и неодамна во приликата на бетификацијата на Мајка Тереза, посочувајќи го во неа духот што буди надеж и верба за човештвото во тоа минато столетие на тага... Прашање е дали тој дух и таа посветеност, за кои оние што страдаа и беа лишувани од храна, здравје, слобода и достоинство, да се поврати надежта и вербата & беа вродени доблести на Мајка Тереза, просветлени и облагородени со милосрдноста и служењето на Господ? Дали тие добродетели не беа плод и на семејството, родителско и роднинско продуховување и воспитување? А родниот град? Училиштето, во лето маалото, другарките? Еснафот, честа, граѓанското образование? Бојаџиу како да била овоплотување на тој космополитски и мултикултурен дух на Скопје на почетокот на "столетието на тагата", бележи професор Мирчев.

Авторот Стојан Тренчевски со Папата Јован Павле Втори

Угледниот македонски професор и член на многу меѓународни институции и академии, Димитар Мирчев, во инспиративната рецензија за книгата, најсоодветно ја искажува и љубовта и приврзаноста на авторот со несомнено најубавиот и најинспиративниот негов лик, Мајка Тереза, кој со се она што го направи (неколку книги, филм, многу интервјуа, записи, радио-драма) ја осветли најмалку познатата страница на нејзината биографија, истакнувајќи:

"Делото на Тренчевски не е обична хроника, не и ниту само биографија, најмалку пак е збирка на историски белешки и цртички за Мајка Тереза и нејзината поврзаност со родниот град, за семејството Бојаџиу, за Скопје во изминатиот век. Тоа е сето тоа заедно, но и повеќе: тоа е портрет на еден голем космополит, хуманист и следбеник Исусов, но и портрет на едно време, на еден отворен и космополитски град и народ.

Авторот овладеал со оригинален и исклучиво богат истражувачки материјал, во добар дел од примарни извори, така што прави една биографска, историографска и контекстуална синтеза каква што ретко сретнуваме во нашата публицистика и литература. Во таа синтеза, раскажувачкиот и литерарен не е ништо послаб од документаристичкиот аспект на делото".

Овој портрет на скопјанката Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза, би требало да се прочита во светот, во многу земји, култури и читателски кругови, констатира и препорачува академик Димитар Мирчев.

Книгата, која ја издаде фондацијата "Скопјанката Мајка Тереза" во рамките на подготовките за нејзинот прогласување Светица, ќе има изданија на 10 јазици, а скопската промоција се најавува за петти септември во МАНУ, на денот на нејзиното упокојување.


Предговорите за книгата ги напишаа првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, скопскиот Бискуп, д-р Јоаким Хербут, и блискиот пријател на Мајка Тереза од Индија, миротворецот и духовен водач, Шричин Мој. Тој, минатата година во Њујорк ги прими изданијата посветени на Мајка Тереза, чиј автор е Стојан Тренчевски, и во таа прилика му го додели медалот за хуманост.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"