КУЛТУРА

Гостување на КУД "Гоце Делчев" во Германија

ДЕНОВИ ИСПОЛНЕТИ СО ОРА И ПЕСНИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • При гостувањето во Германија, членовите на Ансамблот "Гоце Делчев" во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од Илинденската епопеја и од трагичната смрт на идеологот и водачот на македонското национално-ослободително движење, Гоце Делчев, на сцените во Дортмунд, Штутгарт, Нинберг и други места го презентираа македонското фолклорно богатство преку играта и песната.
  • Најголема заслуга за нашето учество имаа Миланка Тосева од Дортмунт и Фидан Шемовски од Штутгарт, вели Пеце Здравковски, директорот на КУД "Гоце Делчев".

На покана од неколку македонски православни црковни општини и клубови, Ансамблот за народни песни и ора "Гоце Делчев" од Скопје за време на велигденските и првомајските празници беше на повеќедневна турнеја во Германија. Ансамблот гостуваше во градовите Дортмунт и Штутгарт придружуван од повеќе македонски пејачи кои настапија на годинешниов "Гоце Фест" како и групата "Т’га за југ".

"Драчевка", игра од Скопско

Во чест на одбележувањето на големите јубилеи на македонскиот народ - 100 години од Илинденското востание, смртта на Гоце Делчев и акцијата и саможртвата на "Солунските гемиџии" - Ансамблот "Гоце Делчев" подготви специјална програма: Музичко-фолклорен поетски рецитал кој ќе биде на репертоарот на Ансамблот во текот на целата година со посебен акцент на гостувањата меѓу Македонците во странство и централната прослава на 100-годишнината на Илинден во Крушево. Во програмата, покрај фолклорниот Ансамбл учествуваа и десетина пејачи од "Гоце фест", Фестивалскиот оркестар на "Гоце Делчев", женската вокална група "Сирма" и еден водител- артист.

ГОСТУВАЊЕ

При гостувањето во Германија, членовите на Ансамблот во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од Илинденската епопеја и трагичната смрт на идеологот и водачот на македонското национално-ослободително движење, Гоце Делчев, на сцените во Дортмунд, Штутгарт, Нинберг и други места ја презентираа специјалната програма подготвена за овој повод.

Благодарејќи на Македонската православна црква "Свети Кирил и Методиј" во Дортмунт и истоимената црква во Штудгард, како и на "Пресвета Богородица", Македонската заедница за Јужна Германија и Фудбалските клубови "Македонија" и "Вардар", КУД "Гоце Делчев" имаше можност да ја оствари оваа турнеја која веќе преминува во традиција.

"Комитската легенда" со која започна дружењето меѓу КУД "Гоце Делчев" и нашите сонародници

Веселата атмосфера во салата се зголеми со настапот на оркестарот "Гоце Делчев"

Најголема заслуга за нашето учество имаа Миланка Тосева од Дортмунт и Фидан Шемовски од Штудгарт. Започнувајќи со "Комитската легенда", КУД "Гоце Делчев" на задоволство на многубројната публика - Македонци се претставија со преубавите игри и песни од сите краишта на Македонија вклучувајќи ги и игрите и песните од Егејскиот и Пиринскиот дел, вели Пеце Здравковски, директор на Ансамблот. Настапивме во концертни сали во кои се бараше место повеќе затоа што интересот беше преголем.

Според оценките на Македонската етничка заедница во Германија, нашите сонародници на величенствен начин го одбележаа столетието на највисокиот дострел на борбата на македонскиот народ на почетокот од 20 век за национална, социјална, црковна и државотворна слобода.

ДРУЖЕЊЕ

Иако Македонците во Германија се далеку од својата родна земја, сепак тие не ги забораваат големите православни празници и ги празнуваат како да се наоѓаат дома, во нивната Македонија.

И во двата града имавме по еден концерт, но дружењето со нашите сонародници и понатаму продолжи затоа што бевме во времето кога се одржуваа богослужбите по повод Велигден, додава Здравковски.

Покрај веќе реализираната турнеја на КУД "Гоце Делчев" во Германија, постои можност Ансамблот да биде гостин и на нашите сонародници од Шведска, Канада, Америка и Австралија.

Дел од членовите на Ансамблот пред настапот во Штутгарт

Програмата беше збогатена со играта "Билјана платно белеше"


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"